Свет
Ново политичко убиство во Мексико во пресрет на претседателските избори
Вооружени напаѓачи убиле градоначалник кој се кандидирал за реизбор на таа позиција во мал град во сојузната мексиканска држава Мичоакан, на брегот на Пацификот. Станува збор за второ убиствo на политичар за период од една недела, пренесува „Ројтерс“, додавајќи дека насилството во земјата излеголо од контрола во последните недели oд претседателска трка.
Алехандро Чавез Завала, од левичарско-десничарската коалиција предводена од Партијата за национална акција (PAN), почина вчера во болница како резултатат на тешките прострелни рани, соопшти гувернерот на државата, Силвано Ауреолес. Во нападот, исто така, била ранета и сопругата на Завала.
Претходно, во Пиедрас Неграс, во сојузната држава Коахуила беше убиен Фернандо Пурон, кандидат за место на федерално ниво од редовите на Институционалната револуционерна партија (PRI).
Политичките убиства го потресоа Мексико во изборна година, во која гласачите ќе избираат претседател на 1 јули, како и 3 000 претставници на пониски позиции во државната управа.
Поради зголеменото насилство, политичката корупција и бавното економско заздравување, расте разочарувањето во владејачката партија PRI. Toa, во пресрет на изборите, помогна водечка позиција да обезбеди левичарскиот кандидат Андрес Мануел Лопез Обрадор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Стармер и Зеленски разговараа пред состанокот на коалицијата на подготвените
Британскиот премиер Кеир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараа во пресрет на состанокот на „коалицијата на подготвените“ земји, која ќе понуди поддршка за Украина додека продолжуваат напорите за постигнување мировен договор со Русија.
Украина и понатаму е изложена на руски напади, при што загинаа најмалку шест лица, а делови од Киев останаа без вода и струја. Украинските сили, пак, изведоа дрон-напад врз руската Ростовска област, при што, според наводите, загинале три лица, а осум биле повредени.
Нападите следат по викенд-разговорите во Женева меѓу американски и украински претставници за мировниот план што го предлага администрацијата на Доналд Трамп.
Зеленски соопшти дека имал „добар и многу продуктивен“ разговор со Стармер и дека биле координирани ставовите за денешниот состанок на коалицијата, како и следните чекори во процесот.
Во меѓувреме, американскиот секретар за армија Ден Дрискал во Абу Даби разговарал со руски претставници за последните случувања по женевските разговори. Се очекува Зеленски да отпатува во Вашингтон до крајот на ноември за да ги финализира чекорите и да постигне договор со претседателот Трамп, соопшти украинскиот функционер Рустем Умеров.
Свет
Лавров бесен на Европа: Имавте шанса, ама ја пропуштивте
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, остро ја нападна Европа поради нејзиниот контрапредлог за прекин на војната во Украина. Лавров рече дека Европа имала шанса за дипломатија, но ја пропуштила.
„Кога сега велат: ‘Не се осмелувајте да правите ништо без нас’ – па, вие имавте шанса, момци, и не ја искористивте. Ја пропуштивте“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека Русија претпочита „да се занимава со вистинска дипломатија наместо со празно брборење“.
Неговата реторика веднаш беше прифатена од медиумите контролирани од Кремљ. Весникот „Известија“ тврди дека оригиналниот план бил „апсолутно прифатлива формула за Москва“, но дека Киев и Европа „ја наполниле со неприфатливи детали“ и „ги максимизирале сивите зони“ за да овозможат идни прекршувања на договорот.
Истакнатиот националистички тврдокорен Захар Прилепин напиша за РТ дека Европејците „се ценкаат за својот дел од крвавиот украински пит“, додека новинската агенција РИА Новости, повикувајќи се на разузнавачки информации, тврди дека Велика Британија го блокира договорот затоа што „приходите од војната ја спасуваат британската економија од банкрот“.
Од друга страна, весникот „Московски комсомолец“ го нарекува мировниот процес „неколку чекори напред, многу чекори назад“.
фото:ЕПА
Свет
ОН предупредува: Двегодишната војна избриша децении развој на Палестина
Двегодишната војна во Газа и економските ограничувања на Западниот Брег, окупиран од Израел, предизвикаа најлош колапс на палестинската економија во историјата, бришејќи ги претходните децении раст, се вели во денешниот извештај на Обединетите нации.
Палестинската економија на Западниот Брег и Газа се намали за 30 проценти во 2024 година во споредба со 2022 година – референтната година што се користи за мерење на влијанието на двегодишната војна меѓу Израел и Хамас, се вели во извештајот на Агенцијата за трговија и развој на ОН (УНКТАД).
„Продолжената воена операција во комбинација со продолжените ограничувања ја турна економијата на окупираната палестинска територија во најдлабоката бездна во историјата“, изјави за новинарите во Женева, заменик-генералниот секретар на УНКТАД, Педро Мануел Морено.
БДП по глава на жител сега се врати на нивоата од 2003 година, целосно бришејќи 22 години развојни придобивки, се вели во извештајот, опишувајќи ја кризата како една од 10-те најлоши во светот од 1960 година.
Обемот на штетата нанесена на Газа по двегодишната војна меѓу Израел и Хамас значи дека енклавата ќе зависи од широка меѓународна поддршка во наредните години, се вели во извештајот.
„Ќе бидат потребни со децении Газа да произведе повеќе отколку што произведуваше пред конфликтот и целосно да се опорави, и тоа, се разбира, ако се исполнети сите услови и ако се движат во вистинската насока“, рече економистот на УНКТАД, Рами Ал Азех, на истиот брифинг.
Договорот за прекин на огнот во Газа стапи на сила на 10 октомври, но израелските воздушни напади продолжија, помошта пристигнува многу бавно, условите за живот во Газа остануваат многу тешки, а според планот на Трамп, ефективната поделба на територијата се смета за ризична.

