Свет
Нов бран на коронавирус во Азија
Новиот бран на коронавирусот забрзано се шири во Азија, а владите на Нов Зеланд и Јапонија презедоа дополнителни мерки за спречување брза инфекција и намалување на притисокот врз болниците, пишува денеска „Гласот на Америка“.
Брзото ширење на вирусот е предизвикано од варијантите BA.4 и BA.5 на сојот омикрон, а владите во Азија сега се соочуваат со дилемата за почетокот на пандемијата – како да се справат со вирусот и да не се воведат непопуларни ограничувања.
Владата на Нов Зеланд објави дека брзите антигенски тестови и маски ќе бидат бесплатни.
Здравствениот систем таму е под притисок бидејќи пациентите со Ковид-19 и грип се појавуваат истовремено бидејќи сега е зима на јужната хемисфера.
Во таа земја од пет милиони жители моментно има 69.000 заразени од вирусот. Од тој број, 765 се хоспитализирани.
Во Јапонија бројот на заразени е најголем од почетокот на годината. Владата ги повика жителите да бидат внимателни пред летните одмори.
Само во средата во таа земја регистрирани се 95.000 нови инфекции, што е два отсто повеќе од минатата недела. Мерките на претпазливост во Токио се подигнати на највисоко ниво, а официјалните лица најавија дека набргу ќе ги објават мерките што ќе важат во текот на летото.
Во Јужна Кореја бројот на заболени оваа недела е трипати поголем од минатата недела, а регистрирани се над 39.000 случаи. Се очекува до крајот да има и до 200.000 пациенти дневно, па повторно почнува кампањата за вакцинација со бустер-дози.
Австралија предупреди дека во наредните недели ја очекува најлошиот бран на коронавирусот досега поради подваријантата омикрон и дека се проценува оти милиони ќе бидат заразени. Но, опцијата за воведување нови мерки е исклучена.
Во Индонезија бројот на заразени е најголем од март.
Бројот на случаи на Филипините во моментот е низок, но властите предупредуваат дека до крајот на месецот може да се зголеми и 20 пати. Манила го повикува населението да се вакцинира со дополнителни дози. Според владините бројки, само четвртина од возрасните ја примиле првата бустер-доза.
Кина во јули забележа просечно околу 300 локални преноси на вирусот дневно, околу 70 повеќе отколку во јуни. Пекинг сè уште одржува строга политика на нулта толеранција на Ковид-19, што спречува болниците да бидат пренатрупани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

