Европа
Извештај на ОН: Нè чекаат глобална дестабилизација, глад и миграција
Бројот на луѓе погодени од глад на глобално ниво се искачи на дури 828 милиони во 2021 година, што е зголемување за речиси 46 милиони од 2020 година и 150 милиони од избувнувањето на пандемијата на Ковид-19. Во извештајот на Обединетите нации се вели дека светот сè повеќе и повеќе се оддалечува од својата цел до 2030 година да стави крај на гладот, несигурноста на храната и на неисхранетоста во сите нејзини форми.
Во извештајот за состојбата на безбедноста на храната и исхраната за 2022 година се претставени најновите информации за безбедноста на храната и состојбата на исхраната на луѓето во светот вклучувајќи ги и најновите процени за цената и достапноста на здравата храна. Извештајот исто така ги анализира начините на кои националните влади би можеле да ја реструктуираат нивната моментна поддршка за земјоделството за да ги намалат трошоците за здрава исхрана, со оглед на ограничените ресурси достапни во многу делови од светот.
Некои од најважните информации се вклучени во извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (ИФАД), Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), Светската програма за храна на ОН (ВФП). Светската здравствена организација (СЗО) е поврзана со зголемувањето на непопуларните трендови во однос на зголемувањето на бројот на луѓе погодени од глад од дури 46 милиони луѓе во светот.
Над 2 милијарди луѓе сериозно се загрозени во однос на квалитетот на храната, а повеќе од 3 милијарди луѓе во светот во 2020 година не би можеле да си дозволат здрава исхрана. За жал, гладот ја погодува и најмладата популација, 45 милиони деца во светот страдаат од неисхранетост, што може да доведе до прерана смрт, а извештаите покажуваат дека 149 милиони деца на возраст под 5 години имаат тешкотии во растот и развојот поради недостиг на есенцијални хранливи материи во нивната исхрана.
Извештајот ги истакнува главните двигатели на несигурноста во храната и гладот, имено: воени конфликти, сè поинтензивните климатски екстреми, како и економските шокови предизвикани од глобалните настани во комбинација со растечките родови и расни нееднаквости.
Извршниот директор на WFP, Дејвид Бисли, нагласи дека постои реална опасност од зголемување на бројот на гладни луѓе во светот поради глобалните скокови на цените на храната, горивото и ѓубривата поради конфликтот во Украина.
„Резултатите се повеќе од депресивни, нè очекуваат глобална дестабилизација, глад и масовна миграција од невидени размери“, оценил тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.