Свет
Нов живот во родилиштето во Киев среде војна- загрижени мајки држат новороденчиња во раце

Инвазијата на Руската Федерација врз Украина трае веќе 18 дена. Сите овие денови животот на Украинците радикално се промени.
Додека жените и децата масовно ја напуштаат својата татковина бегајќи од војната, на мажите на возраст меѓу 18 и 60 години им е наредено да останат да се борат.
Има и такви кои не сакаат да ги напуштат своите домови, но и такви кои не можат, како трудници и мајки кои штотуку ги родиле своите бебиња.
УНИЦЕФ внимателно ја следи ситуацијата во Украина и често објавува фотографии. Овој пат ги објавија младите мајки во импровизирано породилиште во Киев.
Имено, по гранатирањето на болницата, пациентите биле принудени да се преселат во подруми за да бидат побезбедни. Дури и мајки со новороденчиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Камион со храна се преврте врз луѓе во Газа, најмалку 20 мртви

Најмалку 20 лица загинаа, а десетици се повредени кога камион што превезувал хуманитарна помош се превртел врз толпа што чекала помош во Газа рано утрово.
Палестинската државна новинска агенција WAFA соопшти дека несреќата се случила откако израелската армија го принудила камионот да тргне по небезбеден пат. Агенцијата не ја прецизираше точната локација на несреќата.
Медиумската канцеларија на владата во Газа ја обвини израелската војска за „инженерство на хаос и глад“ со тоа што намерно не успеала да обезбеди конвои со помош и ги принудила да користат претходно бомбардирани и непоправени патишта „преполни со гладни цивили“.
Израелскиот систем за дистрибуција на помош е широко критикуван како „стапица на смртта“ за гладните цивили.
Свет
ОН предупреди на катастрофални последици ако Израел ги прошири своите воени операции во Газа

Висок функционер на Обединетите нации предупреди дека може да има „катастрофални последици“ ако Израел ги прошири своите воени операции во Газа, по извештаите дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се залага за целосна повторна окупација.
Заменик-генералниот секретар Мирослав Јенча му рече на Советот за безбедност на ОН дека таков потег би бил „длабоко алармантен“ и би можел да ги загрози животите на повеќе Палестинци, како и на израелските заложници што ги држи Хамас, објави Би-Би-Си.
Израелските медиуми објавија дека Нетанјаху утре планира да се состане со својот кабинет за безбедност.
„Коцката е фрлена. Одиме кон целосно освојување на Појасот Газа – и пораз на Хамас“, беше цитиран висок израелски функционер.
Се сугерира дека планот би можел да биде преговарачка тактика за притисок врз Хамас по неодамнешниот прекин на преговорите за прекин на огнот или обид за зајакнување на поддршката од крајно десничарските коалициски партнери на Нетанјаху.
Израел се соочува со растечки меѓународен притисок поради војната во Газа, каде што експертите велат дека гладот е во пораст.
Јенча предупреди дека секое проширување на израелските воени операции „би ризикувало катастрофални последици за милиони Палестинци и би можело дополнително да ги загрози животите на преостанатите заложници во Газа“.
Тој додаде дека според меѓународното право, Газа „е и мора да остане составен дел од идната палестинска држава“.
Израелската војска соопшти дека веќе има оперативна контрола над 75 проценти од Газа, но новиот план наводно предлага окупирање на целиот регион – вклучувајќи ги и областите каде што сега живеат повеќе од два милиони Палестинци.
Предлозите предизвикаа поделби во Израел, при што началникот на армијата и други воени лидери наводно се спротивставија на стратегијата. Неименуван израелски функционер рече дека како резултат на тоа, „началникот на Генералштабот треба да поднесе оставка“.
Семејствата на заложниците изразија страв дека одлуката за окупирање би можела да ги загрози нивните најблиски.
Израел вели дека 49 заложници сè уште се држат во Газа, од кои се верува дека 27 се мртви.
Јенча го повтори повикот до Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот и итно и безусловно ослободување на сите заложници.
Наведувајќи ги „непристојните“ и „нехумани“ услови со кои се соочуваат Палестинците, тој го повика Израел веднаш да го олесни непреченото доставување на доволна помош.
Тој, исто така, го осуди континуираното насилство на местата за дистрибуција на храна, велејќи дека од крајот на мај, повеќе од 1.200 Палестинци се убиени додека се обидувале да добијат храна и залихи.
Фото: ЕПА
Свет
Специјалниот претставник на Трамп пристигна во Москва

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, пристигна во Москва, пречекан од рускиот инвестициски претставник Кирил Дмитриев.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој предупреди дека ќе воведе санкции врз Русија ако Москва не се согласи на прекин на огнот во Украина до петок, претходно изјави дека Виткоф би можел да отпатува во Москва оваа недела во уште еден дипломатски напор за прекин на непријателствата.
Руски извор вклучен во подготовките за посетата не кажа со кого ќе се сретне Виткоф во Москва, но извор запознаен со планот изјави за „Ројтерс“ во Вашингтон вдека Виткоф ќе се сретне со руските лидери во среда, додека Кремљ во понеделник соопшти дека Виткоф би можел да се сретне со Путин.
Трамп изјави дека ако Русија не се согласи на прекин на огнот во Украина до петок, ќе се соочи со нови санкции. Мерките би вклучувале високи тарифи за земјите што купуваат нејзина нафта, од кои најголеми се Индија и Кина.
Но, Путин веројатно нема да се согласи на ултиматум бидејќи верува дека ја добива војната и дека неговите воени цели се поголеми од неговата желба да ги подобри односите со САД, изјавија за „Ројтерс“ три извори блиски до Кремљ.
„Посетата на Виткоф е последен обид да се најде решение што би го спасило образот за двете страни. Сепак, не мислам дека ќе има некаков компромис меѓу нив“, рече Герхард Мангот, австриски аналитичар и член на група западни академици и новинари кои редовно се среќавале со Путин во текот на годините.
„Русија ќе инсистира дека е подготвена за прекин на огнот, но (само) под условите што ги формулирала во последните две или три години“, рече тој во телефонско интервју.
„Трамп ќе биде под притисок да го стори она што го најави – да ги зголеми царините за сите земји што купуваат нафта и гас, а можеби и ураниум, од Русија.“
Фото: ЕПА