Свет
Нов закон во Русија: до 5.500 евра казна за продажба на енергетски пијалаци на деца
Рускиот претседател, Владимир Путин, потпиша нов закон со кој се воведуваат строги казни за продажба на енергетски пијалаци на малолетници. Според информациите објавени на официјалната веб-страница за правни акти, прекршителите може да се соочат со казни до 5.500 евра.
Законот ги регулира правилата за малопродажба на безалкохолни енергетски пијалаци и предвидува казни за сите кои ќе ги прекршат одредбите – од индивидуални продавачи до правни и службени лица. За граѓаните и компаниите казната може да достигне до 5.500 евра, додека за службени лица – до 2.200 евра, јави РИА Новости.
Претседателот на руската државна дума, Вјачеслав Володин, претходно изјави дека овој закон ќе биде продолжение на систематската законодавна работа за заштита на здравјето на помладата генерација.
Пратеникот на Државната дума, Алексеј Говирин, истакна дека во некои региони ограничувањето за продажба на енергетски пијалоци на малолетници важеше и претходно, но дека само во некои региони беа предвидени казни, на пример, во Московскиот регион и Санкт Петербург, и дека тие беа значително пониски од она што беше утврдено врз основа на новиот закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

