Свет
Нов закон за силувања во Пакистан
Пакистанските власти воведоа нов закон за силување по протестите поради групното силување на жена која се возела со своите деца.
Инцидентот се случил кога автомобилот на жената снемал гориво.
Законот предвидува формирање специјализирани судови кои за силување ќе судат во рок од четири месеци, воспоставување на национален регистар на сексуални престапници и медицински прегледи во рок од шест часа по поднесувањето на жалбата, пишува Си-ен-ен.
Пратениците размислуваа да воведат и јавни бесења за осудените за сексуална злоупотреба и убиство на деца, но премиерот го одби предлогот во септември, нагласувајќи дека со тоа земјата може да ги загуби повластувањата во трговските односи со Европската унија.
Наместо тоа, ќе се предложи хемиска кастрација на осудените во најбруталните случаи на силување.
Податоците на пакистанската организација „Војна против силувањето“ покажуваат дека во Пакистан, помалку од 3 проценти од случаите на сексуално злоставување или силување резултираат со пресуда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
По 20 години изградба, отворен Големиот египетски музеј во Каиро
Во Каиро синоќа беше свечено отворен Големиот египетски музеј, проект што се градел повеќе од дваесет години.
На отворањето присуствуваа околу 40 државници и високи претставници од целиот свет.
Музејот, најголемиот во светот посветен на древната египетска цивилизација, почнал да се гради во 2002 година, според награден проект на ирската архитектка Рошин Хениган и нејзиниот сопруг Ши-Фу Пенг.
Свеченоста беше збогатена со премиерна изведба на симфонија од египетскиот композитор Хешам Незих, во која има и пеење на староегипетски јазик.
Музејот се простира на површина од над 500.000 квадратни метри и содржи 12 галерии со повеќе од 24.000 експонати. Со официјалното отворање, за првпат е изложена целата збирка од 5.398 предмети од гробницата на фараонот Тутанкамон, како и соларниот брод на фараонот Кеопс, преместен од музејот кај пирамидата во новиот комплекс.
Свет
Израел до Либан: Исполнете ја обврската за разоружување на Хезболах
Израел изврши нов напад врз позиции на Хезболах во јужен Либан и уби четворица припадници на групата, соопшти израелската војска.
Министерот за одбрана Израел Кац ја повика либанската влада да ја исполни својата обврска и да го разоружа Хезболах, според договорот за примирје од ноември 2024 година постигнат со посредство на САД.
Кац најави дека Израел ќе ги засили мерките за заштита на северната граница, додека САД и Саудиска Арабија вршат притисок врз Бејрут да ја спроведе обврската за разоружување на милитантната група.
Извор од либанонската војска изјавил за „Ројтерс“ дека е уништен голем дел од складиштата на Хезболах, но дека мора да се внимава за да не се зголемат тензиите во земјата.
Хезболах, значително ослабен по минатогодишната војна со Израел, се придржува до примирјето, но предупредува дека би можело да дојде до нов судир ако државата преземе понатамошни чекори против групата.
Свет
Поранешниот шеф на крипто берза пронајден мртов во ќелија, беше осуден на 11.196 години затвор
Триесет и двегодишниот, Фарук Фатих Озер, поранешен извршен директор на неуспешната крипто берза „Тодекс“, беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија во западниот турски град Текирдаг вчера, објави државниот радиодифузер ТРТ.
Истрагата е во тек, а службените лица се фокусираат на можноста Озер да извршил самоубиство. Според турските медиуми, неговото тело го откриле затворските чувари за време на утринска проверка.
Турските обвинители наредија целосна истрага, вклучително и испрашување на затворскиот персонал и анализа на безбедносните камери. Телото на Озер беше испратено во Истанбулскиот институт за судска медицина на обдукција за да се утврди точната причина за смртта.
Озер беше уапсен во Албанија на 30 август 2022 година по сензационално бегство што ја шокираше Турција. По него беше издадена меѓународна потерница за измама на стотици илјади инвеститори.
Озер нелегално ја преминал границата и живеел во Елбасан неколку месеци, каде што се обидел да се скрие под лажен идентитет. Уапсен е на една од плажите на југот на земјата, по заедничка операција на албанската полиција и турските власти.
Во обвинението се наведува дека измамил околу 400 луѓе, злоупотребувајќи над 2 милијарди долари средства. Неговиот случај стана еден од најголемите финансиски скандали во турската историја, потресувајќи го пазарот на криптовалути и поттикнувајќи ги турските власти да ги заострат прописите за дигитална трговија.
По неговата екстрадиција во Турција, Озер беше осуден на 11.196 години затвор за организирана измама, перење пари и водење криминална организација. Иако ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека падот на крипто берзата е резултат на сајбер напади, а не измама, судот го прогласи за виновен по сите точки од обвинението.
Неговата смрт покрена многу прашања во турската јавност, а некои бараат независна истрага за да се утврди дали станува збор за самоубиство или за намерно отстранување на Озер, поради сознанијата што можеби ги имал за финансиската мрежа што работи преку Тодекс.

