Европа
Носењето маска може да повлече парична казна во Австрија, Ковид нема ама има закон за забрана на покривање на лицето

На почетокот на месецот беше укинато задолжителното носење маски во јавниот превоз во Виена, а оние кои сакаат да продолжат да ги носат може да се соочат со парична казна.
Како што објавува „Шпигел“, може да се примени казна до 150 евра врз основа на законот донесен во 2017 година, според кој е забрането покривање на лицето на јавно место. Исклучок е носењето маска од медицински причини кога пред избувнувањето на пандемијата на корона вирусот, за тоа беше потребна лекарска потврда.
Од овој месец, сепак, неизвесно е како надлежните органи ќе се однесуваат кон оние што носат маски, пишува весникот.
Австриски „Курир“ пишува дека Владата бара начин да ги реши недоумиците околу ова прашање. Се огласи и австриското МВР, кое наведува дека нема да се смета за прекршување доколку некое лице може да докаже дека носи маска поради здравствени причини.
Реагираше и австрискиот министер за здравство Јоханес Раух кој на Твитер порача дека носењето маски не претставува кршење на законот, пренесе „Хојте“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП, повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши во сабота, на 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува на погребот да присуствуваат бројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на Телеграм градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона „Шхидни“. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување на персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база, не само за стоки, туку и за опрема и персонал. Со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување на персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата започна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.