Свет
Нуклеарниот мразокршач „Арктик“ е најмоќниот руски брод во светот
Во Русија штотуку почна тестирањето на нуклеарниот мразокршач „Арктик“ за кој експертите велат дека е најмоќниот руски брод од ваков вид во светот, а се прават уште два – „Сибир“ и „Урал“, кои ќе обезбедат пловидба во Северното Море во текот на целата година.
Првата фаза на тестирањето на „Арктик“ почна на 12 декември, а целосното тестирање треба да заврши до мај 2020 година. Како дел од првата фаза на тестирање успешно беше проверена работата на резервните дизел-мотори, а бродот постигна самостојна брзина од 6 јазли.
„Ова е брод предводник, нуклеарен мразокршач на следната генерација, во моментот најмоќен во светот. Неговата сила ќе му овозможи да пробие мраз со дебелина од 3 метри, што е многу важно. Може да предводи карани по мраз практично во текот на целата година, а ќе биде пуштен во работа во блиска иднина. Потоа во вода ќе бидат спуштени уште два руски мразокршача на нуклеарен погон, кои ќе пловат по Северното Море“, изјави рускиот воен експерт Василиј Дандикин за „Спутник“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бајден со порака до Трамп: Ги посрами САД и ги издигна интересите на богатите над оние на обичните Американци
Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, упати остри критики кон актуелниот шеф на државата, Доналд Трамп, посочувајќи дека тој го уништува не само Источното крило на Белата куќа, туку и целата земја, јави ДПА.
– Знаев дека Трамп ќе преземе деструктивни дејствија против земјата, но морам да признаам дека немав претстава дека ќе стане вистински уништувач, рече Бајден на гала-вечера на Демократската партија во градот Омаха, Небраска.
Поранешниот претседател демократ, кој сега има 82 години, ова го кажа во врска со проектот на Трамп на местото на Источното крило на Белата куќа да се изгради сала за балови. Трамп претходно изјави дека неговите планови за таква сала „нема да влијаат на зградата во нејзиниот сегашен изглед“.
– Ова е совршен симбол на неговото претседателствување, посочи Бајден.
– Трамп презеде деструктивни дејствија не само против домот на народот, туку и против Уставот, владеењето на правото и самата наша демократија, додаде поранешниот претседател.
Бајден директно му се обрати на Трамп во својот говор, изјавувајќи дека со своето однесување актуелниот шеф на државата ги посрамил САД и ги издигнал интересите на богатите над оние на обичните Американци.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.

