Свет
ОАЕ им продава оружје на милитантите во Јемен, тврди „Амнести интернешнл“
Обединетите Арапски Емирати несовесно ги снабдуваат милитантите и други фракции што водат војна во Јемен со разни напредни оружја, се вели во истрагата објавена од „Амнести интернешнл“ во средата.
Во извештајот ОАЕ се опишува како главен канал за воени возила, минофрлачки системи и оружје, кои им се испраќаат на групи обвинети за воени злосторства.
Извештајот на „Амнести“ беше објавен кусо по истрагата спроведена од Си-ен-ен, која покажа дека Саудиска Арабија и ОАЕ ги снабдуваат борците на Ал каеда со американско оружје, со тоа прекршувајќи ги своите договори со САД. Министерството за одбрана на САД рече дека овие земји никогаш не добиле дозвола да пренесуваат американско оружје на трети земји.
Извештајот на Си-ен-ен исто така откри и дека американското оружје стигнало во рацете на бунтовниците поддржани од Иран во војната против коалицијата предводена од Саудиска Арабија, со што дел од воената технологија на САД му станала достапна на Техеран загрозувајќи ги животите на американските војници во други воени зони.
Според Патрик Вилкен, истражувач за контрола на оружје и човекови права во „Амнести интернешнал“, Јемен бргу станува засолниште за милитантите поддржани од ОАЕ, кои не може да се контролираат и кои се обвинети за извршување воени злосторства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар зафати над 1.000 хектари шума во Нов Зеланд
Пожарникарите во Нов Зеланд повторно ја започнаа борбата со неконтролиран шумски пожар што зафати повеќе од 1.000 хектари во националниот парк „Тонгариро“ на Северниот остров, соопшти утринава противпожарната и спасувачка служба.
Пожарот започнал вчера попладне во популарната туристичка област „Тонгариро“, а околу 40 туристи биле евакуирани по воздушен пат. Акциите биле привремено прекинати преку ноќ поради безбедносни причини.
Заменик-командантот на противпожарната служба Ник Вест изјави дека пожарот се проширил во текот на ноќта, но засега нема информации за оштетени објекти или дополнителни евакуации.
Вест најави дека денеска преку воздушно извидување ќе се потврдат размерите на пожарот, а според првичните проценки, неговото ставање под контрола би можело да потрае уште најмалку еден ден.
Во акцијата се вклучени шест противпожарни возила и пет цистерни за вода, поддржани од шест хеликоптери и два авиони, соопшти службата.
Свет
Бајден со порака до Трамп: Ги посрами САД и ги издигна интересите на богатите над оние на обичните Американци
Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, упати остри критики кон актуелниот шеф на државата, Доналд Трамп, посочувајќи дека тој го уништува не само Источното крило на Белата куќа, туку и целата земја, јави ДПА.
– Знаев дека Трамп ќе преземе деструктивни дејствија против земјата, но морам да признаам дека немав претстава дека ќе стане вистински уништувач, рече Бајден на гала-вечера на Демократската партија во градот Омаха, Небраска.
Поранешниот претседател демократ, кој сега има 82 години, ова го кажа во врска со проектот на Трамп на местото на Источното крило на Белата куќа да се изгради сала за балови. Трамп претходно изјави дека неговите планови за таква сала „нема да влијаат на зградата во нејзиниот сегашен изглед“.
– Ова е совршен симбол на неговото претседателствување, посочи Бајден.
– Трамп презеде деструктивни дејствија не само против домот на народот, туку и против Уставот, владеењето на правото и самата наша демократија, додаде поранешниот претседател.
Бајден директно му се обрати на Трамп во својот говор, изјавувајќи дека со своето однесување актуелниот шеф на државата ги посрамил САД и ги издигнал интересите на богатите над оние на обичните Американци.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.

