Свет
Обвиниле невин човек дека е педофил, па го мачеле и го снимиле: затворска казна им се заканува на двајца Британци

Двајца ловци на педофили од Њукасл, кои понижија татко на „Фејсбук“ во живо обвинувајќи го за силување, се обвинети и се соочуваат со затворски казни.
Сем Милер (29) и Џејмс Мос (58) би можеле да станат првите во Велика Британија што ќе бидат затворени поради лов на педофили откога се соочиле со невин човек во неговиот дом, објави судот.
Го собориле на земја, му впериле светлина во очите, а потоа го обвиниле дека разменувал пораки со девојчето. Испрашувањето, кое траело 14 минути, директно на „Фејсбук“ го пренесувале двајцата обвинети.
Обвинителството соопшти дека двајцата му рекле на мажот дека го гледаат голем број луѓе, а со тоа дополнително ја продлабочиле неговата траума.
За време на сослушувањето беше објавено дека Сем и Џејмс повикале и полиција, човекот бил испрашуван и поминал 17 часа во притвор пред да биде ослободен, пишува „Метро њуз“.
Несреќниот маж, чиј идентитет не се открива, рекол дека имал самоубиствени мисли, дека неговото семејство претрпело голема штета, а потоа тоа што му се случило го нарече сајбер-малтретирање.
„Кога некој е уапсен, тој е невин додека не се докаже вината. Но, во нивни очи јас веднаш бев виновен“, рече тој.
Сем и Џејмс цело време се бранеле велејќи дека работат во јавен интерес.
Иако утре требаше да им биде изречена пресудата, судењето е одложено за 23 јуни.
„Сите опции се на маса“, рече судијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Франција прогласи високо ниво на тревога за птичји грип

Француските власти го зголемија нивото на тревога за птичји грип од средно на високо барајќи од живинарските фарми во целата земја да ја чуваат живината во затворен простор предупредувајќи дека Европа се соочува со сезонска епидемија на болеста.
„Уредбата со која се наредува зголемување на нивото на тревога од средно на високо е издадена по докази за инфекција кај дивите птици преселници во Европа, вклучително и Франција, и потврдени епидемии на неколку живинарски фарми“, соопшти француското Министерство за земјоделство, според „Ројтерс“.
Во соопштението на француското Министерство за земјоделство беше потврдено дека досега се откриени две епидемии на птичји грип на француските живинарски фарми и три кај домашните одгледувачи.
Првиот случај на птичји грип беше откриен кон средината на октомври на фарма за фазани и еребици на север од Франција.
Високо патогениот птичји грип е сезонска болест што ја шират птиците преселници, која често ги принудува одгледувачите од целиот свет да уништат десетици милиони птици за размножување.
Фото: принтскрин
Свет
Кина го тестира најбрзиот воз во светот

Најбрзиот воз во светот, CR450, почна серија тест-возења на брзата железница во Кина достигнувајќи брзина од 453 километри на час за време на едно возење.
Серијата возови CR450, дизајнирана за максимална тест-брзина од 450 километри на час и комерцијална брзина од 400 километри на час, моментно е во процес на квалификациски тестови на брзата линија што го поврзува источниот град Шангај со западниот град Ченгду, објави „Наука и технологија дејли“, објави „Синхуа“.
Брзиот воз достигнува забрзување од 350 километри на час за четири минути и 40 секунди.
Во споредба со претходниот модел CR400, моделот CR450 има подолг и поаеродинамичен нос, понизок покрив за 20 сантиметри и 50 тони помала тежина, што го намалува аеродинамичниот отпор за 22 процента.
Фото: принтскрин
Свет
Москва: Средбата Лавров – Рубио не е ниту закажана за да може да биде одложена

Средбата меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио бара подготовка, објави државната новинска агенција РИА повикувајќи се на рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков. Очекуваната средба меѓу Рубио и Лавров се смета за клучен подготвителен чекор за вториот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин оваа година во Унгарија.
Висок руски дипломат изјави дека е прерано да се зборува за времето на можна средба на министрите за надворешни работи на Русија и САД, објави РИА.
„Москва работи на она што го разговараа рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и американскиот државен секретар, Марко Рубио“, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков.
Лавров и Рубио вчераа разговараа на телефон. Рјабков рече дека прашањето за нивната средба не е конкретно споменато. Руското Министерство за надворешни работи, реагирајќи на веста дека средбата на шефовите на дипломатиите на САД и Русија е одложена, рече дека не може да се одложи нешто за што не е договорено.