Свет
Обновен железничкиот сообраќај меѓу Индија и Пакистан

Железниот сообраќај меѓу Индија и Пакистан од денеска е нормализиран, што е уште еден знак за намалување на тензиите меѓу двете нуклеарни сили, по конфликтот за спорната територија Кашмир, изјавија денеска претставници од железницата на Пакистан.
Портпаролот на железницата, Ејаз Шах, рече дека воз со околу 180 патници во понеделникот го напуштил градот Лахор во источен Пакистан и се упатил кон пограничниот индиски град Атари, објави агенцијата АП.
Минатата недела Пакистан го прекина железничкиот сообраќај со Индија, по ескалацијата на конфликтот.
Пакистан на 27 февруари соопшти дека соборил два индиски воени авиона, само еден ден по воздушните напади на Индија врз пакистанскиот дел на Кашмир, во знак на одмазда за самоубиствениoт напад врз индиски војници во Кашмир на 14 февруари. Во тој напад загинаа најмалку 40 војници.
До намалување на тензиите дојде како резултат на заложбите на светските сили, како и враќањето на заробениот индиски пилот од Пакистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.
Свет
Нетанјаху не ја исклучува можноста за aтентат на иранскиот ајатолах, уверен е дека тоа нема да го ескалира конфликтот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за „Еј-би-си Њуз“ изјави дека не ја исклучува можноста за атентат на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хаменеи, тврдејќи дека таквиот потег нема да го ескалира конфликтот, туку ќе му стави крај.
Прашан директно дали Израел ќе го гаѓа врховниот водач, Нетанјаху одговори: „Го правиме она што треба да го направиме. Веќе ги гаѓавме нивните врвни нуклеарни научници. Имаме уште работа на други локации“, додаде тој.
Нетанјаху, исто така, рече дека нападите на Израел врз Иран се насочени кон, како што рече, заштита на човештвото од иранската нуклеарна закана.
„Денеска цел е Тел Авив, утре би можел да биде Њујорк“, рече Нетанјаху. Ја разбирам политиката „Америка прва“, но не ја разбирам „Америка мртва“.
Претходно Ројтерс објави дека актуелниот американски претседател Доналд Трамп го одбил предлогот на Израел за убиство на ајатолахот Хамнеи, повикувајќи се на двајца високи американски функционери. Според нивните тврдења, предлогот бил претставен во последните неколку дена, но Трамп ставил вето на планот.
Нетанјаху ги негираше тие тврдења во интервју за Фокс њуз: „Има многу лажни извештаи за разговори кои никогаш не се случиле и нема да навлегувам во тоа. Но, можам да кажам дека ќе го направиме она што треба да го направиме. И мислам дека САД знаат што е добро за нив“.
Тој додаде дека израелските напади ќе престанат само кога ќе бидат отстранети сите ирански нуклеарни капацитети.
Ајатолахот Али Хаменеи, кој има 85 години, е врховен лидер на Иран од 1989 година и е најмоќната политичка и верска фигура во земјата. Нејзиниот авторитет ги надминува сите други институции, вклучително и претседателот и парламентот, и има клучна улога во обликувањето на надворешната политика и нуклеарната програма на Иран.
Свет
Израелската војска тврди дека Иран ја користел зградата на државната телевизија за воени цели

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека цел на воздухопловните сили бил центар за комуникација што го користат иранските вооружени сили за воени цели, откако беше извршен напад врз зградата на иранската државна телевизија.
Во соопштението се наведува дека зградата била користена за воени активности „под превезот на цивилна акција“, и дека нападот „директно ги ослабнал воените способности на иранските сили“.
„Пред нападот, ИДФ му обезбеди на цивилното население ефективно навремено предупредување, вклучително и телефонски повици, а нападот беше извршен прецизно, за да се избегнат цивилни жртви што е можно повеќе“, се вели во соопштението.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) извршија напад врз информативната мрежа на Исламската Република Иран (ИРИНН), која ја води државната медиумска куќа ИРИБ. Иран објави дека има жртви во нападот.
На „Икс“ се појави видео на кое се гледа програмата на таа иранска државна телевизија. Програмата била прекината во моментот на ударот.