Европа
Објавен документ за Путин: „Другарот беше дисциплиниран шпион“

Документи на КГБ објавени во Русија го опишуваат актуелниот руски претседател Владимир Путин на почетокот на неговата кариера како совесен и дисциплиниран шпион.
„Другарот Путин (…) постојано го подига своето идеолошко, политичко и професионално ниво“, се вели во документот, кој неодамна стигнал до руските медиуми, инаку напишан кога разузнавачот кој стана политичар имал дваесетина години, пренесува хрватски „Индекс“.
Сега 67-годишниот Путин,до средината на седумдесеттите работел за тајната советска служба и бил испратен во Дрезден, тогашна Источна Германија, од 1985 до 1990 година, во време кога опаѓала моќта на Советскиот Сојуз.
Путин во Кремљ се опкружил со многу поранешни службеници на тајната служба, а ФСБ, наследник на КГБ, остана моќна агенција.
Профилот на Путин од КГБ е дел од изложбата во Централниот архив за историски и политички документи во Санкт Петербург, каде што може да се видат и други декласифицирани документи.
Претпоставените од тајната служба му честитале на младиот Путин и за добро организираната работа и резултатите, се вели во документот.
Путин, кој е на власт во Русија веќе две децении како претседател или премиер, во 2016 година откри дека од сентиментални причини ја чува двојата членска книшка од Комунистичката партија на СССР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Осумнаесет општински службеници во Истанбул завршија во затвор

Турски суд затвори 18 службеници на градската власт во Истанбул поради обвиненија за корупција продолжувајќи ја репресијата против опозицијата поради која беше затворен и градоначалникот Екрем Имамоглу.
Имамоглу, главен политички ривал на претседателот Ердоган и водечки на анкетите, беше затворен во март во очекување судење по обвиненијата за корупција. Тој се соочува и со обвиненија за помагање терористичка група.
Градоначалникот ги негира сите обвиненија, а неговото апсење ги предизвика најголемите протести во Турција во последната деценија, економски превирања и обвинувања за политизирано судство. Владата ги отфрла овие тврдења и вели дека судството е независно.
НТВ објави дека 34 од 52 лица приведени за време на викендот биле ослободени со кауција. Турските медиуми пред четири дена објавија дека властите привеле десетици вработени во општина Истанбул како дел од правните истраги насочени кон Имамоглу проширувајќи ја репресијата против опозицијата, која почна кон крајот на минатата година.
Меѓу приведените се генералниот секретар, началникот на кабинетот на Имамоглу и претседателот и заменик-претседателот на Управата за водоснабдување и канализација.
Европа
Шведската полиција уапси осомничен за пукањето во кое загинаа три лица

Шведската полиција објави дека привела осомничено лице по пукањето во кое загинаа три лица во градот Упсала во вторникот.
Лицето е осомничено за убиство и е едно од неколкуте лица што се испрашуваат како дел од истрагата, изјавија полицајци за новинарите.
Пукањето се случило во фризерски салон во Упсала, додадоа тие.
Полицијата соопшти дека инцидентот се смета за изолиран и не е поврзан со големите прослави на Валпургиската ноќ, што се очекуваат во Упсала в среда.
Европа
Русите ги нападнаа Харков и Днепар со беспилотни летала: едно лице загина, 46 повредени

Роеви руски беспилотни летала ги нападнаа украинските градови Харков и Днепар доцна синоќа, при што загинаа најмалку едно лице, а најмалку 46 беа повредени, соопштија официјални лица.
Харков, кој се наоѓа на североисток, во близина на руската граница и е втор по големина град во Украина, е цел на редовни руски напади со беспилотни летала и ракети откако Москва ја започна својата тотална инвазија пред повеќе од три години. Во нападот врз градот доцна синоќа се повредени најмалку 46 лица, меѓу кои две деца и една бремена жена, соопшти регионалниот гувернер Олех Синехубов.
Нападите се случија откако САД, кои се обидоа да посредуваат во мировен договор меѓу Русија и Украина, изјавија дека ќе се повлечат како посредник доколку Москва и Киев не излезат со конкретни предлози.
Завчера, рускиот претседател Владимир Путин прогласи тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници во Втората светска војна, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итен прекин на огнот во траење од најмалку 30 дена.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека вчера биле цел на напади неколку делови од градот, кој бил опустошен од последователни напади. Харков е дом на околу 1,2 милиони луѓе, во споредба со речиси 2 милиони пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. „Врз Харков беа извршени 16 напади. Беше погодена висока станбена зграда, како и приватни куќи, медицински објект и цивилна инфраструктура“, напиша Терехов на Телеграм.
Во југоисточниот град Днепар, беспилотни летала предизвикаа пожари, при што загина 53-годишен маж, а уште едно лице беше повредено, изјави Серхиј Лисак, гувернер на регионот Днепар.
„Тешка ноќ за Днепар. Приватни куќи беа оштетени“, напиша Лисак на Телеграм. Тој рече дека девет руски беспилотни летала биле уништени над регионот преку ноќ. Целосниот обем на ноќниот напад врз Украина не е познат. Двете страни негираат дека гаѓале цивили. Во масовен руски напад со беспилотни летала врз Днепар минатиот месец загинаа четири лица и предизвика голем пожар во хотелски и ресторански комплекс и други згради.