Свет
„Ова е подарок за непријателите на Европа“: Европската унија за одлуката на Евровизија за забрана на знамето на натпреварот
Одлуката да го нема знамето на Европската унија на овогодинешниот Избор за песна на Евровизија наиде на неодобрување од страна на потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Шиназ.
„Одлуката на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) да ги забрани знамињата на Европската унија за време на финалето на Изборот за песна на Евровизија во саботата беше подарок за „непријателите на Европа“, рече потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Шиназ.
„Не можам да најдам логично објаснување зошто ЕБУ го направи тоа. И која е целта на тоа“, изјави Шиназ за „Политико“.
Комесарот рече дека одлуката на ЕБУ да ги исклучи знамињата „за прв пат“, освен знамињата на земјите учеснички, е лошо темпирана со европските избори следниот месец и во време кога илјадници грузиски демонстранти масовно излегоа на улиците на Тбилиси во поддршка на демократските вредности кои ги застапува ЕУ.
„На помалку од еден месец пред европските избори, кој победува со забраната на знамето на ЕУ на Евровизија? Само евроскептиците и непријателите на Европа“, нагласи тој.
Портпаролката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, го критикуваше потегот на ЕБУ.
„Секако дека е за жалење да се забрани знаме, кое е на сите членки на ЕУ, како и на другите членки на Советот на Европа кои учествуваат на натпреварот и често се вее покрај националните знамиња на јавните згради“, рече таа.
Портпаролката на ЕБУ рече дека политиката на знамето на овогодинешниот Избор за песна на Евровизија е „иста како во 2023 година“, при што обожавателите дозволуваат само знамиња на „земјите-учеснички и знамиња на виножито/гордост“. Шиназ рече дека оваа тема ќе ја покрене на средбата со раководството на ЕБУ во понеделник.
„Ќе разговарам со нив. Нема да дозволам ова да помине. Ќе барам објаснувања и појаснувања“, нагласи Шиназ.
Овогодинешниот натпревар, кој се одржа во Малме, беше еден од најконтроверзните во неговата историја, кој не успеа да ја избегне сенката на конфликти во Газа, Украина и на други места. Пред последната ноќ, илјадници демонстранти се собраа во Малме, многумина вееја палестински знамиња. Кога претставничката на Израел, Еден Голан излезе на сцената, таа беше пречекана со мешавина од свирежи и овации.
На овогодинешниот избор за песна на Евровизија победи швајцарскиот претставник Немо, со песната „The Code“, која се однесува на родовиот идентитет и неговото патување како небинарна личност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Оставка во кабинетот на британскиот премиер поради поврзаност со Епстин
Шефот на кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер, Морган Максвини, денеска соопшти дека поднел оставка, откако признал дека дал совет за назначување на Питер Менделсон за амбасадор во САД — лице што било во комуникација со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Според „Ројтерс“, Менделсон бил именуван во 2024 година, но објавените досиеја на американското Министерство за правда откриваат обемна комуникација меѓу него и Епстин. Тоа предизвика најголема политичка криза за Стармер од неговото доаѓање на власт.
Максвини, еден од најблиските соработници на премиерот, призна дека бил директно вклучен во процесот и изјави:
„Одлуката за именување на Питер Менделсон беше погрешна. Тој ѝ нанесе штета на нашата партија, на земјата и на довербата во политиката. Преземам целосна одговорност за тој совет.“
Свет
Руски напади во Украина
Руските сили во текот на ноќта извршиле напади врз неколку украински региони, при што загинала најмалку една личност, а повредени се повеќе од десетина, меѓу кои и деца и постари лица, јавија регионалните власти.
Во Дњипропетровската област, руските сили го нападнале Дњипровскиот округ по полноќ. Повредено е 10-годишно дете, а оштетени се три куќи. Во близина на Никопол, имало артилериско гранатирање, но без жртви.
Во Запорошката област, во последните 24 часа, загинала една личност, а осум се повредени. Регистрирани се 577 напади врз 30 населени места со употреба на дронови, ракети и артилерија. Оштетени се најмалку 67 објекти, меѓу кои и домови и инфраструктура.
Во Херсон, гранатирањето околу 23:10 часот ја погодило населбата Корабељна. Повредени се три жени, од кои две се хоспитализирани. Во последните 24 часа во областа е регистрирана една жртва и 18 повредени.
Украинските власти предупредуваат дека ваквите ноќни напади се дел од континуирана стратегија на притисок врз цивилната инфраструктура.
Свет
(Видео) Киднапирањето на мајката на ТВ-водителката ја потресе Америка, семејството објави снимка: „Ќе платиме“
Американската телевизиска водителка Саванa Гатри и нејзиното семејство објавија ново видео во кое молат за безбедно враќање на киднапираната мајка, порачувајќи им на киднаперите: „Ќе платиме“. Нејзината мајка, Ненси Гатри, исчезнала минатиот викенд од својот дом во Тусон, Аризона, а властите веруваат дека станува збор за киднапирање, пишува Би-Би-Си.
„Ја примивме вашата порака и ја разбираме“, вели Гатри во видеото објавено во саботата навечер на Инстаграм, опкружена со братот и сестрата. „Ве молиме, вратете ни ја нашата мајка за да можеме да славиме со неа.“
View this post on Instagram
„Тоа е единствениот начин да најдеме мир“, продолжува таа. „Ова ни е бескрајно вредно. И ќе платиме.“ Во видеото не откри детали за пораката што ја спомнува.
Ненси Гатри исчезнала среде ноќ од својот дом минатиот викенд. Нејзиното отсуство било забележано кога во неделата не се појавила на богослужба. Властите утврдиле дека рано во неделата наутро камерата на влезната врата била исклучена и отстранета. Околу 2:28 часот по локално време, апликацијата поврзана со нејзиниот пејсмејкер била исклучена од телефонот.
Претходно оваа недела, властите соопштија дека сè уште немаат идентификувано осомничен. Понудена е награда од 50.000 долари за информации што би довеле до нејзино пронаоѓање.
Специјалниот агент на ФБИ, Хит Џенке, потврди дека се истражува можна порака за откуп испратена до неколку медиуми. Тој изјави дека пораката „содржела информации поврзани со рок и парична сума што се бара“. Властите во петокот соопштија дека се „свесни за нова порака поврзана со Ненси Гатри“ и ја проверуваат нејзината веродостојност.
Локална телевизиска станица потврдила дека примила порака, без да открие детали. Според порталот ТМЗ, киднаперите наводно барале милиони долари во криптовалута.
Семејството претходно објави видеа во кои побара доказ дека Ненси е жива и изрази подготвеност за разговор. ФБИ уапси едно лице поради испраќање лажна порака за откуп.
Семејството и полицијата предупредуваат дека Ненси може да биде во животна опасност без своите лекови.
„Таа е без своите лекови. Потребни ѝ се за да преживее“, изјави Саванa Гатри во претходна објава.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека разговарал со Гатри и понудил помош од федералните служби. Шерифот на округот Пима, Крис Нанос, изјави дека истрагата продолжува и дека засега се верува оти Ненси е жива.
Саванa Гатри (54) е американска телевизиска новинарка и од 2012 година е ко-водителка на емисијата „TODAY“ на NBC News, како и главна правна дописничка и водителка на изборното покривање.

