Европа
Tаткото го повикал фотографот кај себе: „Фотографирај го моето дете“
Тоа беше момент кој ја сумира неискажливата болка од земјотресот во Турција: татко ја држи за рака својата 15-годишна ќерка, единственото нешто што се гледа од нејзиното тело згмечено од бетон.
Месут Ханчер седеше сам на купот скршени тули што некогаш беа негов дом, несвесен за светот и обземен од тага.
Неговата ќерка Ирмак била мртва. Но, тој одбил да ја пушти, галејќи ги најзините прсти кои штрчеле од душекот на кој спиела кога во понеделникот се случил првиот земјотрес пред зори.
Немаше спасувачки екипи. Преживеаните избезумено го пробиле патот низ урнатините со раце за да ги најдат своите најблиски. Рамките за кревети на искршените балкони, искинатата облека и играчките ја раскажуваат приказната за изгубените животи.
Беше предоцна за Ирмак, едно од речиси 20.000 лица за кои беше потврдено дека загинале во најсилниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија во речиси еден век.
Но, искусниот фотограф на АФП, Адем Алтан, кој побрза на местото на настанот од Анкара, не можеше да го тргне погледот од неподвижниот татко кој тивко тагуваше.
Тој ја насочи камерата кон Ханчер од далечина од 60 метри. Тоа беше чувствителен момент. Но наместо да го избрка, таткото го поканил фотографот кај себе. „Фотографирај го моето дете“, му рекол со низок растреперен глас.
Таткото сакаше светот да ја види неговата и тагата на неговата земја. И светот ја виде.
Фотографијата на АФП се појави на насловните страници на големите весници ширум светот, вклучувајќи ги Фајненшл Тајмс и Волстрит журнал.
„Додека снимав постојано си велев „колква огромна болка е тоа“. Не можев да се спречам да не плачам. Останав без зборови“, рекол Алтан.
Го прашал Ханчер како се вика и како се вика ќерка му. „Тој зборуваше тешко, па не можев премногу да разговарам со него“, вели Алтан.
Алтан доби илјадници пораки од луѓе ширум светот кои сакаат да понудат поддршка.
„Многумина ми кажаа дека никогаш нема да ја заборават оваа слика“, рече тој,пренесе Индекс.хр.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
ЕУ: Веќе нема ризик од кршење на владеењето на правото во Полска
Европската комисија денеска објави дека планира да ја затвори постапката против Полска до крајот на мај, бидејќи веќе не постои ризик од сериозно кршење на владеењето на правото.
Потпретседателката на Комисијата за вредности и транспарентност, Вера Јоурова, изјави дека полските власти покажале решителност да ги исправат неправилностите во областа на правдата, дека признале дека има проблем во таа област, дека се подготвени да го елиминираат, дека европското законодавство има приоритет пред националното законодавство и дека се обврзале дека ќе ги спроведуваат одлуките на Судот на правдата на Европската унија и Европскиот суд за човекови права поврзани со владеењето на правото, вклучително и независноста на судството.
„Мислам дека во случајот со Полска веќе нема очигледен ризик од сериозно кршење на владеењето на правото“, рече Јоурова и најави дека по дискусијата на состанокот на министрите за европски прашања во вторник овој месец, ќе предложи до Комисијата да ја затвори постапката.
Таа додаде дека приговор на ваквата оценка има само унгарскиот министер за правда Јанош Бока, кој обвинува дека Комисијата во овој случај се води од политички причини, а не од реални промени во полското правосудство.
Во текот на осумте години на власт, претходната полска влада предводена од националистичката партија Право и Правда спроведе низа реформи во судството, со што се доведе во прашање поделбата на власта и независноста на судството, како и слободата на медиумите. Поради ова, Полска беше блокирана од милијарди евра кои и беа наменети во европскиот буџет.
Новата полска влада предводена од премиерот Доналд Туск, која ја презеде функцијата во декември минатата година, најави дека ќе обезбеди повторно воспоставување на независноста на судството и ќе го поништи она што претходната влада го направи во таа област.
Слична постапка се води и против Унгарија, чија влада со години е во конфликт со европските институции и другите членки на ЕУ за почитување на владеењето на правото во таа земја.
Европа
Илјадници бегаат од руската офанзива во регионот Харков
Во борбите за вториот по големина град во Украина досега се раселени околу 14.000 луѓе, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Би-би-си.
Руските сили неодамна започнаа летна офанзива, заземајќи неколку села на североисточната граница на Украина во близина на градот Харков додека се обидуваат да ја пробијат ослабената линија на фронтот на Украина.
Регионалниот лидер на Харков изјави дека седум лица се повредени во ноќните напади на руски беспилотни летала врз градот. Во меѓувреме, најмалку едно лице загина во напад на украинско беспилотно летало над границата со Белгород, јавуваат руските медиуми.
Говорејќи на брифинг со новинарите, Јарно Хабихт од СЗО рече дека 14.000 луѓе избегале од борбите во областа, но 189.000 луѓе кои останале во близина на границата со Русија се соочиле со „значителни ризици поради борбите“.
Украина сè уште контролира околу 60 отсто од Вовчанск, пограничниот град во центарот на неодамнешните борби, изјави заменик-гувернерот Роман Семенука за националната телевизија во понеделникот.
Друг украински воен функционер изјави за АФП дека борбите во Харков „остануваат тешки и динамично се менуваат“.
Европа
Русија почна со вежби со тактичко нуклеарно оружје
Руските сили ја почнаа првата фаза од вежбите кои вклучуваат „практична обука за подготовка и употреба на нестратешко нуклеарно оружје“, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
Претседателот Владимир Путин ги нареди вежбите претходно овој месец. Москва ги поврза со, како што ги нарече, „милитантните изјави“ на западните официјални лица за кои рече дека претставуваат безбедносна закана за Русија.
Предупредување на Путин до Западот
Руското Министерство за надворешни работи ги цитираше коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја покрена можноста за испраќање европски сили да се борат против Русија во Украина, и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, кој рече дека Украина има право да користи оружје обезбедено од Лондон за напад на цели во Русија.
Безбедносните аналитичари велат дека вежбата е предупредување на Путин до Западот повеќе да не се вклучува во војната во Украина, на која и испорачува оружје и разузнавачки информации, но се воздржа од испраќање војници.
Министерството за одбрана соопшти дека во првата фаза од вежбата се вклучени ракетите Искандер и Кинжал.
Вежбите се одржуваат во Јужниот воен округ на Русија долж украинската граница и делови од Украина под контрола на Русија.
Белорусија, каде Русија распореди тактичко нуклеарно оружје минатата година, исто така ќе биде вклучена во вежбите, соопштија двете земји.
Тактичкото или нестратешкото нуклеарно оружје е помалку моќно од стратешкото оружје дизајнирано да избрише цели непријателски градови, но сепак има огромен деструктивен потенцијал.