Свет
(Видео) Ова е украинскoто „Фламинго“ – ракета што може да го промени текот на војната
Додека сојузниците на Украина разговараат како да ѝ обезбедат на земјата безбедносни гаранции, Киев напредува со свој начин на одвраќање на Русија – нова крстосувачка ракета способна да погоди цели во европска Русија, која носи масивна бојна глава со тежина од повеќе од еден тон, пишува „Политико“.
Ракетата „Фламинго ФП-5“ e развиена од украинската одбранбена компанија „Фајер поинт“, брзорастечки производител на борбени беспилотни летала, што станаа клучно оружје во војната.
„Не сакавме јавно да го објавиме ова, но се чини дека е вистинското време. ‘Фламинго’ е крстосувачка ракета со долг дострел, што може да носи бојна глава од 1.150 килограми и да лета 3.000 километри до Русија“, изјави Ирина Терех, извршен директор и технички директор на компанијата, за „Политико“.
„Дојдовме до неа доста бргу. Беа потребни помалку од девет месеци за да се развие од идеја до првите успешни тестови на бојното поле. Не можам да ви ја кажам нејзината точна брзина, но можам да кажам дека е побрза од која било друга ракета што ја имаме во моментот“, рече Терех додавајќи: „Целосно е произведена во Украина“.
Необичното име и бојата на ракетата, имено светлорозовиот врв, на кој се наоѓа бојната глава, се еден вид внатрешна шега за компанијата за често занемарената улога на жените во светот на оружјето и војувањето доминиран од мажи.
„Нашите први ракети беа розови; ги поминаа сите тестови розови, но потоа моравме да ја смениме бојата поради барањата за воена камуфлажа. Но, жената задолжена за производството е сè уште таму“, објасни Терех.
„Фламинго“ може да предизвика вистински проблеми за рускиот лидер Владимир Путин.
„Не ви треба лошо име за ракета што може да лета 3.000 километри“, рече Терех за дострелот на ракетата. „Главната цел е ракетата да биде ефикасна“.
Без оглед на бојата и името, ракета со таква моќ веќе е забележана во Москва. Државната новинска агенција ТАСС објави статија оваа недела, во која ја намалува заканата, тврдејќи дека е базирана на дизајн на британска компанија, што Украинците го негираат.
Терех не се согласува: „Ја гледавме руската реакција на нашите први мисии и можам да ви кажам дека колку поуспешна беше мисијата, толку повеќе Русите се обидуваа да го задушат целиот публицитет за неа“.
„Фламинго“ сега е во сериско производство, а овој месец беше произведена 211-тата ракета. „До декември ќе имаме уште многу“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата одбивајќи да даде дополнителни детали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.
Свет
Епстин со години се обидувал да дојде до Путин, покажуваат новите документи
Во новообјавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епстин, името на рускиот претседател Владимир Путин се споменува повеќе од 1.000 пати.
Документите содржат бројни електронски пораки во кои Џефри Епстин се распрашува за можноста за средба со Путин и се повикува на лица кои ги опишува како негови блиски контакти.
Во електронска порака од октомври 2010 година, испратена до лице чија адреса е сокриена, тој прашал: „Дали го имаше Путин на својот брод?“.
Подоцна истата година, при поднесување барање за руска виза, наводно напишал: „Дали треба да извадам виза? Имам пријател на Путин, дали него да го прашам?“. Во август 2011 година, на еден бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати му напишал дека „Путин можеби доаѓа во САД. Попрво би го видел таму, така што Сочи е малку веројатно“.
Епстин во повеќе наврати му пишувал на Торбјорн Јагланд, тогашен генерален секретар на Советот на Европа и поранешен норвешки премиер, за можноста за средба со Путин. Така, во мај 2013 година му јавил дека Бил Гејтс ќе биде во Париз и додал: „Путин е добредојден да ни се придружи на вечера“.
Во јануари 2014 година го замолил Јагланд да „му објасни на Путин дека на Русија ѝ е потребна понапредна верзија на Биткоин“, а во јули 2015 година напишал дека „сè уште сака да се сретне со Путин и да разговара за економијата“. Во јуни 2018 година напишал дека би „сакал“ да го запознае Путин и понудил средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наведувајќи дека претходно се среќавал со рускиот амбасадор при ОН, Виталиј Чуркин.
Во еден извештај на ФБИ од 2017 година, базиран на доверлив извор, Епстин е наведен како „финансиски советник“ на Путин и на други странски лидери.
Материјалите, кои опфаќаат милиони страници документи, фотографии и видеа, се дел од долготрајната истрага за криминалните активности на Епстин.
Свет
Министерот на Трамп: Повеќе од подготвени сме да дејствуваме против Иран
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека американските сили се „повеќе од подготвени“ да дејствуваат против Иран доколку Техеран не се вклучи во преговори за својата нуклеарна програма.
Тој нагласи дека претседателот Доналд Трамп од самиот почеток бил јасен дека Иран не смее да има нуклеарни капацитети, потсетувајќи на операцијата „Midnight Hammer“, во која САД во јуни 2025 година извршија напади врз ирански нуклеарни постројки.
Хегсет изјави дека Иран „има избор“ – или да преговара, или да се соочи со други опции, додавајќи дека претседателот не сака воена ескалација, но дека Пентагон мора да биде подготвен. На прашањето за можна промена на режимот во Иран, тој не даде директен одговор.
Во меѓувреме, САД ја зајакнуваат воената присутност на Блискиот Исток, додека иранскиот министер за надворешни работи изјави дека договор е можен, но дека Техеран го изгубил довербата во Вашингтон како преговарачки партнер.

