Свет
Огромен комплекс од Јудејското Царство од 7 век пр. н.е. откриен во Ерусалим
Како биле собирани даноците и во каква форма на „храна“ биле чувани во периодот на кралевите во Ерусалим? Ново водушевувачко откритие во населбата Арнона, богата со артефакти, ги одведе археолозите чекор поблиску до одговори на овие необични загатки, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Огромен антички комплекс е ископан во близина на новата Амбасада на САД во Ерусалим откривајќи голема колекција отпечатоци од кралски печат, веројатно една од најголемите колекции од античкото Јудејско Царство, според истражувачите од Израелскиот оддел за антиквитети.
Структурата датира од времето на владеењето на јудејските цареви Езекија и Менаше, кои владееле приближно од 8 до средината на 7 век пр. н.е. и се верува дека е административна зграда која била одговорна за собирање и складирање на даноците.
Ова е индицирано со повеќе од 120 печатирани рачки од садови пронајдени на локацијата бидејќи во тоа време земјоделските производи се користеле како пари за плаќање данок, вклучително и стоките, како вино и маслиново масло. Повеќето од печатираните записи, за кои се верува дека биле направени пред речиси 2.700 години, се на античко хебрејско писмо и го содржат изразот LMLK или LamMeLeKh, што може да се дешифрира како „припаѓа на царот“.
Според археолозите, откривањето на овие отпечатоци од печат претставува неверојатен додаток на неколку илјади слични печати што биле пронајдени претходно за време на ископувањата.
Но, откритието на целиот комплекс, кој се наоѓа на три километри надвор од Стариот град, со неговата главна, исклучителна структура од железната доба, се верува дека подлабоко ќе објасни како биле собрани даноците и како функционирал административниот систем во периодот кога Ерусалим го воделе царевите.
„Ова е едно од најзначајните откритија од периодот на царевите во Ерусалим во последните години. На местото што го ископавме има знаци дека владината активност управувала и дистрибуирала резерви на храна не само кога имало недостиг туку управувала и со земјоделскиот вишок складирајќи добра и богатства“, велат археолозоте Нери Сапир и Натан Бен-Ари, кои го водат ископувањето.
Меѓу другите необични откритија се и збирката глинени идоли во форма на животни, жени, па дури и јавачи на коњи. Според археолозите, овие идолопоклонички предмети би можеле да се толкуваат како симболи на паганското обожавање, кое било распространето во периодот на Јудејското Царство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Мечка забележана во близина на Будимпешта
Мечка е видена во близина на Будимпешта веројатно не е од дивината, туку избегала од приватна фарма, објави општината Чомор, која е оддалечена околу 15 километри од центарот на унгарската престолнина. Властите ги повикуваат жителите да бидат внимателни.
Првите информации се појавија во вторник наутро, кога општината Фот објави дека добила „пријава за видување мечка во шумска област над Кукукхегја, на периферијата на соседниот Моѓород“. Бидејќи добро познатиот резерват за мечки Вересегхаз се наоѓа во близина, веднаш се посомнева дека животното избегало оттаму.
Сепак, наскоро излезе соопштение од општината Вересегхаз во кое се наведува дека мечката не избегала од нивниот резерват и дека објектот функционира безбедно и без проблеми.
Општината Чомер објави дека нејзините вработени и локалното ловно здружение се во постојан контакт со експерти. Тие, исто така, апелираа до жителите на улиците Левендула, Козефеги, Панорама и Визмусор да бидат внимателни.
На граѓаните им се препорачува привремено да избегнуваат одење во околните шумски области и полиња, доколку е можно. Доколку некој види мечка, не треба да ѝ се приближува, туку веднаш треба да се јави на бројот за итни случаи 112. „Надлежните органи континуирано ја следат ситуацијата“, соопштија властите.
Свет
Британската полиција ги истражува летовите на Епстин од аеродромот Стенстед
Полицијата во Есекс ги истражува информациите за приватни летови кои слетувале и полетувале од аеродромот Стенстед, по објавувањето на документи поврзани со Џефри Епстин. Овој потег следи откако поранешниот премиер Гордон Браун минатата недела ја повика британската полиција итно да ги испита тврдењата за криумчарење жени и девојки во земјата со авиони, пренесува Скај њуз.
Браун во текст за „Њу стејтсмен“ навел дека неодамна објавените документи за Џефри Епштајн откриваат дека авионот на осудениот педофил имал 90 летови кон или од британски аеродроми. Тој истакнал дека дури 15 од тие летови се случиле откако Епстин во 2008 година бил осуден за сексуален престап.
Портпаролот на полицијата во Есекс изјавил: Ги проценуваме информациите што се појавија во врска со приватните летови кон и од аеродромот Стенстед, по објавувањето на списите за Епштајн од страна на американското Министерство за правда.
Од аеродромот Стенстед соопштиле дека сите приватни авиони таму оперираат преку независни оператори (Fixed Base Operators), кои се задолжени за сите аспекти на приватното и корпоративното воздухопловство во согласност со прописите. Нагласиле дека сите имиграциски и царински проверки на патниците на приватни летови ги спроведува директно Граничната полиција.
„Тие користат целосно независни терминали со кои не управува Лондон Стенстед и ниту еден патник од приватен авион не влегува во главниот терминал на аеродромот. Аеродромот не управува ниту има увид во патничките аранжмани на приватно оперираните авиони“, се наведува во соопштението.
Свет
Советник во францускиот Сенат тајно фотографирал жени под здолништата
Поранешен советник во францускиот Сенат беше осуден на една година условна казна поради тајно фотографирање жени под здолништата, вклучително и во горниот дом на францускиот парламент.
На педесетгодишниот Себастијен Г. му се судеше откако двајца негови колеги во 2023 година, во заеднички простор на десничарската партија „Ле Републикан“, откриле хард-диск со повеќе од 1.800 фотографии, претежно од сексуална природа, како што навел судијата за време на судењето минатиот месец, пренесува „Ле Монд“.
На дискот имало фотографии од задници и деколтеа на облечени жени, направени на јавни места како улица или во Сенатот, како и фотографии од неговата поранешна девојка, која ја снимал гола во својот дом.
Следната година бил пријавен до управата на Сенатот, по што добил отказ по повеќе од две децении служба.
„Никогаш не сакав никого да повредам“, изјавил на судот во јануари, тврдејќи дека фотографиите никогаш не ги споделил. Навел дека чувствувал „потреба да ја собира убавината на жените“.
Судот му забрани пристап до Сенатот и му наложи психолошко и психијатриско лекување.
Минатиот месец судот го прогласи за виновен и поранешен сенатор кој дрогирал пратеничка со екстази со намера да ја сексуално нападне, и го осуди на 18 месеци затвор.

