Свет
Огромен подземен резервоар со вода пронајден под површината на Марс
Постои можност огромен резервоар со вода да се наоѓа длабоко под површината на Марс, во карпестата надворешна кора на планетата. Резервоарот е толку голем што би можел да наполни океан што би ја покривал површината на целата планета, заклучија научниците врз основа на сеизмички податоци добиени од сондата „Инсајт“ на агенцијата НАСА за време на мисијата што ја истражуваше внатрешноста на Марс.
Водата, која се наоѓа на 11,5 до 20 километри под површината на Марс, потенцијално нуди услови поволни за одржување микробиолошки живот, било во минатото или сега, велат истражувачите, пренесува „Ројтерс“.
„На овие длабочини кората е доволно топла за водата да постои како течност. На помали длабочини водата би била замрзната, како мраз“, изјави научникот од Универзитетот во Калифорнија и главен автор на студијата „Вашингтон рајт“, објавена во понеделникот во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.
„Инсајт“ слета на Марс во 2018 година за да ја проучува внатрешноста на планетата собирајќи податоци за разните слоеви. Мисијата на сондата заврши во 2022 година. Научниците добија податоци, кои укажуваат на присуство на вода.
Површината на Марс денес е студена и неплодна, но некогаш била топла и влажна. Студијата сугерира дека голем дел од водата што се наоѓала на површината на Марс се филтрирала во кората.
Геолошките истражувања покажаа дека пред повеќе од три милијарди години на површината на планетата имало езера, реки и океани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

