Свет
Одборот на исламска добротворна организација во Британија поднесе оставка поради протерористички објави
Целиот одбор на најголемата исламска добротворна организација во Велика Британија поднесе оставка во саботата по истрагата што откри дека еден од нејзините директори објавил антисемитски и протерористички постови на интернет, пренесува „Тајмс“.
Добротворната организација „Исламик рилиф ворлдвајд“ (ИРВ), со седиште во Бирмингем, објави во блог дека целиот одбор нема да се кандидира за реизбор и ќе биде заменет со нов одбор по откривањето дека д-р Алмутаз Тајара, директор на добротворната организација и претседател на „Исламик рилиф Германија“, го опиша раководството на палестинската терористичка организација Хамас како големи луѓе што се одѕвале на божествениот и свет повик на Муслиманското братство.
Тајара исто така ги нарекол припадниците на военото крило на терористичката организација, Бригадите Из ал-Дин ал-Касем, херои што не дипломирале на воените академии на Велика Британија и САД за разлика од владетелите и принцовите на арапскиот свет, кои таму биле учени на кукавичлак и на верност кон странците.
Во 2015 година Тајара на својот фејсбук-профил објавил и фотографија на која е прикажан Барак Обама со вратоврска украсена со Давидовата ѕвезда. На неговиот скут се иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, сирискиот претседател Башар ал-Асад и бунтовничкиот лидер на Јемен, Абдулмалик ал-Хути.
На арапски ликовите велат „Смрт за Америка… Смрт за Израел“, „Смрт… смрт “ и „Смрт за Америка“.
Од „Исламик рилиф Германија“ признаа дека биле свесни за објавите на Тајара од 2017 година, но му било дозволено да ја задржи својата позиција во добротворната организација по бришењето на објавите и се извинил. Британскиот разгранок на добротворната организација соопшти дека тие не знаеле за неговите објавувања до оваа недела.
„Избришаните објави на д-р Тајара во никој случај не ги одразуваат ставовите на ‘Исламик рилиф ворлдвајд’, што е чисто хуманитарна организација, без политички припадности. Ние ги почитуваме највисоките хуманитарни стандарди за неутралност, непристрасност и независност помагајќи им на луѓето од сите вери, без дискриминација според раса, религија, пол или сексуална ориентација“, се тврди во изјавата на добротворната организација.
„Ние го отфрламе и осудуваме тероризмот и веруваме дека сите форми на дискриминација – вклучително и антисемитизмот – се неприфатливи. Овие вредности се фундаментални за нашата организација, нашите донатори и за луѓето на кои им служиме“, додаваат тие.
Во јули „Исламик рилиф ворлдвајд“ беше жестоко критикувана кога друга истрага откри дека друг директор во организацијата, Египќанецот Хешмат Калифа, објавил пофалби за Хамас и антисемитски коментари на интернет.
Калифа беше принуден да си поднесе оставка кога на виделина излегоа објавите во кои ги нарекува Евреите „внуци на мајмуни и свињи“ и го опишува Хамас како „најчистото движење на отпорот во модерната историја и симбол на честа, отпорот и на вистинскиот ислам“.
Од 2009 до 2018 година „Исламик рилиф ворлдвајд“ доби милиони од телата како ОН, кои ѝ дадоа на организацијата 24,1 милиони фунти. ИРВ доби пари и од Европската комисија, околу 20,4 милиони фунти, и од британската влада, која донира 8,2 милиони фунти до 2015 година.
Истрагата откри дека иако ИРВ била пофалена од тогашниот министер за труд, Дејвид Милибанд, таа се соочила со обвиненија дека нејзините средства понекогаш се пренесувале на сомнителните приматели и дека веќе со години се принудени да ги негираат тврдењата за идеолошки врски со исламистички организации.
ИРВ беше забранета во Обединетите Арапски Емирати во 2014 година поради наводни врски со Муслиманското братство, а Израел ја обвини организацијата дека ги користи донациите за поддршка на Хамас, милитантната палестинска организација, и ѝ беше забрането да работи на Западниот Брег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски напади во Украина
Руските сили во текот на ноќта извршиле напади врз неколку украински региони, при што загинала најмалку една личност, а повредени се повеќе од десетина, меѓу кои и деца и постари лица, јавија регионалните власти.
Во Дњипропетровската област, руските сили го нападнале Дњипровскиот округ по полноќ. Повредено е 10-годишно дете, а оштетени се три куќи. Во близина на Никопол, имало артилериско гранатирање, но без жртви.
Во Запорошката област, во последните 24 часа, загинала една личност, а осум се повредени. Регистрирани се 577 напади врз 30 населени места со употреба на дронови, ракети и артилерија. Оштетени се најмалку 67 објекти, меѓу кои и домови и инфраструктура.
Во Херсон, гранатирањето околу 23:10 часот ја погодило населбата Корабељна. Повредени се три жени, од кои две се хоспитализирани. Во последните 24 часа во областа е регистрирана една жртва и 18 повредени.
Украинските власти предупредуваат дека ваквите ноќни напади се дел од континуирана стратегија на притисок врз цивилната инфраструктура.
Свет
(Видео) Киднапирањето на мајката на ТВ-водителката ја потресе Америка, семејството објави снимка: „Ќе платиме“
Американската телевизиска водителка Саванa Гатри и нејзиното семејство објавија ново видео во кое молат за безбедно враќање на киднапираната мајка, порачувајќи им на киднаперите: „Ќе платиме“. Нејзината мајка, Ненси Гатри, исчезнала минатиот викенд од својот дом во Тусон, Аризона, а властите веруваат дека станува збор за киднапирање, пишува Би-Би-Си.
„Ја примивме вашата порака и ја разбираме“, вели Гатри во видеото објавено во саботата навечер на Инстаграм, опкружена со братот и сестрата. „Ве молиме, вратете ни ја нашата мајка за да можеме да славиме со неа.“
View this post on Instagram
„Тоа е единствениот начин да најдеме мир“, продолжува таа. „Ова ни е бескрајно вредно. И ќе платиме.“ Во видеото не откри детали за пораката што ја спомнува.
Ненси Гатри исчезнала среде ноќ од својот дом минатиот викенд. Нејзиното отсуство било забележано кога во неделата не се појавила на богослужба. Властите утврдиле дека рано во неделата наутро камерата на влезната врата била исклучена и отстранета. Околу 2:28 часот по локално време, апликацијата поврзана со нејзиниот пејсмејкер била исклучена од телефонот.
Претходно оваа недела, властите соопштија дека сè уште немаат идентификувано осомничен. Понудена е награда од 50.000 долари за информации што би довеле до нејзино пронаоѓање.
Специјалниот агент на ФБИ, Хит Џенке, потврди дека се истражува можна порака за откуп испратена до неколку медиуми. Тој изјави дека пораката „содржела информации поврзани со рок и парична сума што се бара“. Властите во петокот соопштија дека се „свесни за нова порака поврзана со Ненси Гатри“ и ја проверуваат нејзината веродостојност.
Локална телевизиска станица потврдила дека примила порака, без да открие детали. Според порталот ТМЗ, киднаперите наводно барале милиони долари во криптовалута.
Семејството претходно објави видеа во кои побара доказ дека Ненси е жива и изрази подготвеност за разговор. ФБИ уапси едно лице поради испраќање лажна порака за откуп.
Семејството и полицијата предупредуваат дека Ненси може да биде во животна опасност без своите лекови.
„Таа е без своите лекови. Потребни ѝ се за да преживее“, изјави Саванa Гатри во претходна објава.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека разговарал со Гатри и понудил помош од федералните служби. Шерифот на округот Пима, Крис Нанос, изјави дека истрагата продолжува и дека засега се верува оти Ненси е жива.
Саванa Гатри (54) е американска телевизиска новинарка и од 2012 година е ко-водителка на емисијата „TODAY“ на NBC News, како и главна правна дописничка и водителка на изборното покривање.
Свет
Вонредни избори во Јапонија: Такаичи подготвена да замине ако коалицијата загуби
Во Јапонија утрово започна гласањето на вонредните парламентарни избори, во услови на снежни врнежи низ целата земја, што би можеле да ја намалат излезноста, јавија јапонските медиуми.
Премиерката Санае Такаичи и нејзината Либерално-демократска партија (ЛДП), во коалиција со Партијата на иновации на Јапонија (ЈИП), се стремат да обезбедат мнозинство во Донниот дом на парламентот. Такаичи, која минатиот октомври стана прва жена премиер во Јапонија, најави дека ќе поднесе оставка ако коалицијата не добие мнозинство.
На изборите се кандидираа околу 1.300 лица за 465 места. Анкетите предвидуваат убедлива победа на коалицијата ЛДП–ЈИП. Се натпреваруваат и опозициски партии, меѓу кои Центристичкиот реформски сојуз, Демократската партија за народот, Комунистичката партија на Јапонија, Сансеито, Социјалдемократската партија, Реива Шинсенгуми и други.

