Свет
„Одличен напредок меѓу САД и Јапонија“: Трамп ненајавено се појави на средбата со јапонскиот министер
По средбата со јапонската трговска делегација во Вашингтон, американскиот претседател Доналд Трамп нагласи дека е постигнат значителен напредок во преговорите меѓу САД и Јапонија.
Јапонската делегација ја предводеше Рјосеи Аказава, министерот за економска ревитализација на земјата, и иако тие требаше да се сретнат во САД само со Скот Бесент, министерот за финансии на САД, и Џејмисен Грир, трговскиот претставник, американскиот претседател се придружи на состанокот ненајавено.
„Морав да присуствувам на состанокот бидејќи Јапонија дојде да преговара за царини, трошоци за воена поддршка и трговска правда“, рече Трамп.
„Ми беше голема чест да присуствувам на состанокот и можам само да кажам дека веднаш беше виден голем напредок“, објави Трамп.
Јапонија, близок сојузник на Соединетите Американски Држави, како и голем број други земји, моментално е цел на американски царини од 25 проценти за автомобили, челик и алуминиум. На Јапонија ѝ се заканува и реципрочен дополнителен данок од 24 проценти на целиот нејзин извоз во САД, но претседателот Трамп досега ја одложи таквата одлука за 90 дена.
Пред американско-јапонските преговори, јапонскиот производител на автомобили „Хонда“ објави дека го преместува производството на својот хибриден Civic од Јапонија во САД. Во наредните денови, по јапонската делегација во Вашингтон, се очекува претставници од Јужна Кореја и Индонезија да присуствуваат на преговорите на истата тема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Зеленски е главната пречка за постигнување договор
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави дека лидерот на иранската опозиција Реза Пахлави „изгледа многу пристојно“, но изрази неизвесност дали Пахлави ќе може да добие поддршка во Иран за на крајот да ја преземе власта. Во ексклузивно интервју за Ројтерс во Овалната соба, Трамп рече дека постои можност иранската влада да падне.
Тој исто така го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за застојот во разговорите со Русија околу војната во Украина.
На прашањето која е главната пречка, тој едноставно одговори: Зеленски. „Мора да го натераме претседателот Зеленски да се согласи“, рече тој.
Трамп повеќе пати се закани дека ќе интервенира во поддршка на демонстрантите во Иран, каде што, според извештаите, илјадници се убиени во антирежимските немири.
Свет
Данска по средбата со САД: Не се согласуваме за иднината на Гренланд
Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд ни по денешниот состанок во Вашингтон не се приближија до договор за иднината на Гренланд. Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека и понатаму постои, како што рече, фундаментално несогласување со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се залага за американска контрола врз овој автономен територијален дел од Кралството Данска.
Состанокот бил одржан со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и со американскиот државен секретар Марко Рубио, по изјавата на Трамп дека „сè помалку од американска контрола врз Гренланд е неприфатливо“.
Расмусен по разговорите изјави дека тој и претставниците на Гренланд воделе „искрена, но конструктивна дискусија“ со Венс и Рубио, но дека ставовите остануваат суштински различни.
„Претседателот јасно го изнесе својот став, а ние имаме поинаква позиција“, рече Расмусен на прес-конференција во Вашингтон, додавајќи дека Данска смета оти долгорочната безбедност на Гренланд може да се обезбеди во рамки на постојниот политички и уставен поредок.
„Идеите што не би го почитувале територијалниот интегритет на Кралството Данска и правото на народот на Гренланд на самоопределување се целосно неприфатливи“, истакна тој.
Расмусен додаде дека е договорено формирање работна група на високо ниво, која треба да се обиде да најде заеднички пат напред, иако, како што рече, „фундаменталното несогласување останува“. Првиот состанок на оваа група се очекува во наредните недели.
Паралелно со дипломатските разговори, Данска и нејзините сојузници ја зајакнуваат воената присутност на Гренланд поради, како што наведуваат, влошената безбедносна состојба на Арктикот.
Шведска денеска, на барање на Данска, испрати неопределен број војници на Гренланд. Шведскиот премиер Улф Кристерсон објави дека шведските офицери ќе бидат дел од поширока група сојузнички сили кои ќе учествуваат во подготовките за претстојната воена вежба „Operation Arctic Endurance“.
Германското министерство за одбрана соопшти дека Германија во четврток испраќа извиднички тим од 13 припадници на Бундесверот во Нуук. Станува збор за тридневна мисија, од 15 до 17 јануари, чија цел е проценка на условите за можни идни воени придонеси за безбедноста на регионот, вклучително и надзор на поморскиот простор. Германските војници доаѓаат на покана на Данска и во соработка со други европски земји.
Данското министерство за одбрана претходно потврди дека ја зголемува воената присутност на Гренланд поради „безбедносни тензии“, додека разговорите со САД за иднината на територијата продолжуваат без приближување на ставовите.
Расмусен заклучи дека, и покрај длабокото несогласување, дијалогот со САД ќе продолжи.
„Се согласуваме дека не се согласуваме, но ќе продолжиме да разговараме“, рече тој, нагласувајќи дека Данска нема да отстапи од црвените линии, кои вклучуваат почитување на територијалниот интегритет и правото на народот на Гренланд на самоопределување.
Фото: depositphotos
Свет
Ројтерс: Можно американско воено интервенирање во Иран во наредните 24 часа
Американска воена интервенција во Иран станува сè поизвесна и би можела да се случи во наредните 24 часа, изјавиле европски претставници за „Ројтерс“.
Според еден европски функционер, можноста за американска воена акција значително се зголемила и временската рамка сега се мери во часови, а не во денови. Друг европски извор оценил дека интервенцијата изгледа веројатна.
Израелски функционер изјавил за Ројтерс дека се чини оти американскиот претседател Доналд Трамп веќе донел одлука за интервенција, иако сè уште не е јасно кога би започнала и колкав би бил нејзиниот обем.
Според Ројтерс, САД и Обединетото Кралство повлекле дел од персоналот од воздушна база во Катар, по заканите на Иран за одмазда врз американските бази во регионот. Истовремено, Иран ги предупредил соседните земји дека евентуален американски или израелски напад би имал регионални последици.
Напнатоста дополнително се зголемила по изјавите на Трамп, кој ги повикал демонстрантите во Иран да продолжат со протестите, наведувајќи дека помошта е на пат без дополнително објаснување.

