Свет
Одложено примирјето и ослободувањето на заложниците од Хамас; Израелците нападнаа со авиони и артилерија, според палестинските медиуми
Ослободувањето на заложниците според привремениот договор за прекин на огнот меѓу Израел и милитантите на Хамас нема да се случи пред петок, изјави синоќа израелскиот советник за национална безбедност. Израел и Хамас рано вчера се договорија за прекин на огнот во Газа за најмалку четири дена за да се овозможи пристигнување помош и ослободување најмалку 50 заложници, кои ги држат милитантите во палестинската енклава, во замена за најмалку 150 Палестинци затворени во Израел.
Времето на прекинот на огнот и ослободувањето на заложниците што Хамас ги зеде за време на нападот врз Израел на 7 октомври допрва треба официјално да биде објавено. Извор од египетските безбедносни сили рече дека посредниците побарале тој да почне денеска во 10 часот. Израелскиот јавен радиодифузен сервис „Кан“, цитирајќи израелски функционер, објави дека имало 24-часовно доцнење во спроведувањето на договорот бидејќи сè уште не е потпишан од Хамас и посредникот Катар.
Официјалниот претставник рече дека се оптимисти оти договорот ќе се спроведе по потпишувањето. „Преговорите за ослободување на нашите затвореници напредуваат и продолжуваат цело време“, рече израелскиот советник за национална безбедност, Цачи Ханегби, во изјавата објавена од кабинетот на премиерот.
„Ослободувањето почнува според првичниот договор меѓу страните, ама не пред петок“, рече Ханегби.
Првото примирје во речиси седумнеделната војна, со посредство на Катар, беше поздравено во светот како знак на напредок што може да ги олесни страдањата на цивилите во опколената израелска Газа и да донесе повеќе израелски затвореници дома. Арапските министри го пофалија договорот, но рекоа дека тој треба да стане првиот чекор кон целосен прекин на огнот.
Израел рече дека прекинот на огнот може дополнително да се продолжи доколку се ослободат повеќе заложници, а палестински извор рече дека вкупно 100 заложници би можеле да бидат ослободени до крајот на месецот. Хамас и неговите поврзани групи зедоа околу 240 заложници кога вооружени исламисти дивееја во градовите во јужен Израел на 7 октомври. Претходно Хамас ослободи само четворица.
Палестинските медиуми рано утринава објавија дека израелската авијација и артилерија го гранатирале јужниот град Кан Јунис во најмалку два брана, при што загинале 15 лица. Напади беа пријавени и во неколку други делови на Газа вклучувајќи го бегалскиот камп „Џабалија“, северно од градот Газа, и кампот „Нусејрат“ во центарот на Газа.
Израел не ги коментира информациите, а „Ројтерс“ не можеше независно да ги потврди извештаите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Испратете мисија на ЕУ за утврдување факти за проверка на гасоводот „Дружба“
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, вчера побара од ЕУ „мисија за утврдување факти“ за да ја процени штетата на гасоводот „Дружба“ во Украина и посочи дека тоа би можело да помогне во деблокирањето на новите средства на ЕУ за Украина, објави „Ројтерс“.
„Унгарија ја поддржува идејата за мисија за утврдување факти со учество на експерти делегирани од Унгарија и Словачка за проверка на ситуацијата на гасоводот Дружба“, рече Орбан во писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кое Ројтерс го виде.
Орбан рече дека е свесен за политичките тешкотии предизвикани од одложувањето на големиот заем од ЕУ за Украина.
„Мојата иницијатива, исто така, има за цел да го олесни временскиот рок за решавање на ова прашање“, се вели во писмото. Унгарија оваа недела блокираше нови санкции кон Русија и заем за Украина како одговор на прекинот на протокот на нафта низ Дружба.
Украина тврди дека цевководот сè уште не е поправен по штетите предизвикани кон крајот на јануари. Испораките на руска нафта до Унгарија и Словачка беа прекинати на 27 јануари, кога, според Киев, опремата на нафтоводот во западна Украина беше оштетена во руски напад. Словачка и Унгарија тврдат дека Украина е виновна за речиси едномесечниот прекин.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави за време на посетата на Киев во вторник, по повод четвртата годишнина од руската инвазија, дека ЕУ бара од Украина да ги забрза поправките.
„Поправката на цевководот Дружба, кој транспортира руска нафта во Источна Европа, не може да се заврши брзо и покрај барањата на Европската Унија и протестот на Унгарија“, изјави вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Унгарија го обвини Киев за намерно одложување на повторното пуштање во употреба на гасоводот, главна рута за испорака на руска нафта во Унгарија и Словачка од 1960-тите, кој продолжи да работи и покрај војната.
Фото: Depositphotos
Свет
Русија: На Украинците им предадовме тела на илјада војници, тие ни ги предадоа 35
Русија ѝ ги предаде на Украина останките на илјада украински војници, а за возврат ги прими телата на 35 руски војници, изјави советникот на Кремљ, Владимир Медински.
„Телата на 1.000 убиени украински војници ѝ се предадени на Украина. Русија за возврат ги прими телата на 35 руски војници“, објави советникот и преговарач на Кремљ, Владимир Медински, на Телеграм.
Размената на останки на борци е една од ретките области на соработка меѓу Москва и Киев од почетокот на големата офанзива на Русија против соседната земја, која влезе во својата петта година во вторник. Медински го придружи соопштението со фотографија од луѓе во бели заштитни одела кои носат вреќи за тела од камион-ладилник.
Соопштението доаѓа пред разговорите во Женева меѓу украинскиот преговарач Рустем Умеров и претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, за подготовка на нови трилатерални разговори со Русија што треба да се одржат на почетокот на март.
Се очекува економскиот советник на Кремљ, Кирил Дмитриев, исто така, да се сретне со Виткоф и Кушнер во Женева.
Вашингтон се залага за крај на војната во која загинаа и беа ранети стотици илјади луѓе и предизвика масовно уништување во Украина. Но, разговорите се заглавени, главно затоа што Москва бара од Киев да отстапи територија, што Украина одбива да го стори.
Фото: Depositphotos
Свет
Рубио: Трамп не разбира зошто Украина и Русија не можат да ја завршат војната
Претседателот на САД, Доналд Трамп, не разбира зошто Украина и Русија не можат да постигнат договор за завршување на војната, изјави американскиот државен секретар, Марко Рубио, како одговор на прашања од новинарите. Рубио објасни дека фрустрацијата на Трамп е од општа природа и се рефлектира во неговите претходни изјави, пишува „Европска правда“.
Новинарите го прашаа Рубио зошто фрустрацијата на американскиот претседател се чини дека е подеднакво насочена кон Володимир Зеленски и Владимир Путин, со оглед на тоа што Русија продолжува да напаѓа цивилна инфраструктура и цивили низ цела Украина.
„Тој едноставно не разбира како две земји кои водат толку брутална, ужасна, крвава војна не можат да постигнат договор за нејзино завршување. Тој сака таа да заврши и направи многу за да се случи тоа. Тој инвестираше многу политички капитал во неа“, одговори Рубио.
Рубио додаде дека најлесниот пат за Трамп би бил едноставно да ги продолжи претходните политики што доведоа до долготрајниот конфликт, но наместо тоа, претседателот инвестираше значаен политички капитал во напорите за завршување на војната.
„Стив Виткоф (пратеник и пријател на Трамп) патуваше низ светот, не знам колку пати, на свој трошок за да заврши со ова. Значи, многу луѓе вложија многу енергија во ова и мислам дека постигнавме напредок во дефинирањето на клучните точки. Но, за жал, некои од прашањата остануваат исклучително тешки“, рече Рубио.
Според медиумските извештаи, Трамп му рекол на Зеленски за време на телефонскиот разговор на 25 февруари дека сака војната да заврши за еден месец.
Подоцна истата вечер, Зеленски рече дека неговиот разговор со Трамп вклучувал подготовки за билатерален состанок меѓу делегациите на САД и Украина за завршување на војната, како и можни трилатерални разговори во кои би била вклучена и Русија.
Завчера, на четвртата годишнина од тоталната инвазија на Русија врз Украина, Трамп во обраќањето пред Конгресот рече дека Вашингтон вложува големи напори за завршување на руско-украинската војна.

