Контакт

Свет

Над три милиони луѓе побегнале од Украина, преговорите продолжуваат утре

Објавено пред

Денеска е 20-ти ден од руската инвазија на Украина. Во тек се преговори меѓу двете страни.

dobivaj vesti na viber

Клучни настани

  • Во Киев утрово се слушнале силни експлозии. Погодени се згради, куќа, метро станица… Има загинати
  • Продолжуваат преговорите меѓу Русија и Украина
  • Американските извештаи тврдат дека Русија побарала воена помош од Кина. Кина ги негира обвинувањата, а САД се закануваат со економски последици
  • Русија продолжува да ги бомбардира украинските градови, а нападнат е и блок во Киев
  • Конвој од 160 автомобили тргна од Мариупол. Ова е прв успешен обид да се организира хуманитарен коридор од тој украински град
  • ЕУ воведе нови санкции против Русија
  • Од вечерва до 17 март се воведува полициски час во Киев

Од минута во минута:

22:00 Русија се откажа од барањето Украина да се предаде, вели помошник на Зеленски

Игор Жовква, заменик шефот на кабинетот на претседателот на Украина, вели дека разговорите меѓу руските и украинските претставници станале поконструктивни. Тој нагласува дека Москва го променила својот тон и престанала да бара предавање на Украина, на што се инсистирало за време на претходните разговори.

21:30 Руско-украинските преговори продолжуваат утре

Руско-украинските преговори ќе продолжат утре, соопшти денеска советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Михаил Подољак.

Како што наведе тој, има суштински противречности во позициите на руската и украинската делегација на разговорите, но постои и можност за компромис, пренесува „Спутник“.

21:16 Русија им нуди на сириските војници плата од 1.000 евра за да дојдат во Украина, тврди невладина организација

„Повеќе од 40.000 Сиријци досега се пријавиле да одат во Украина да се борат на руска страна“, вели Рами Абдел Рахман, директор на SOHR, невладина организација со седиште во Велика Британија, која има широка мрежа на извори во Сирија.

20:56 Словачка одобри распоредување на трупи на НАТО на нејзината територија

Словачкиот парламент го одобри распоредувањето на странски војници на НАТО во земјата, чија бројка би можела да достигне 2.100.

20:30 Во Чернобил повторно има струја

Нуклеарната централа во Чернобил е повторно приклучена на мрежата, пренесува „Скај њуз“, додавајќи дека оваа информација доаѓа од МААЕ, Меѓународната агенција за атомска енергија.

19:51 Повеќе од 3 милиони луѓе ја напуштиле Украина

Повеќе од 3 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија, соопштија ОН.

Според агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), од 24 февруари земјата ја напуштиле 3.000.381 лице, а се очекува вкупниот број да се искачи на најмалку 4 милиони.

Бројот на внатрешно раселени лица во Украина се проценува на 1,85 милиони, соопштија ОН минатата недела, а тој број може да достигне речиси 7 милиони во наредните месеци.

19:44 Бајден следната недела доаѓа во Европа

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, денеска одби да каже дали американскиот претседател ќе отпатува во Полска, како што објавија некои медиуми, кога следнaта седмица ќе ја посети Европа.

18:48 Заменик-градоначалникот на Мариупол: Русите држат пациенти како заложници

Заменик-градоначалникот на Мариупол, Сергеј Орлов соопшти дека руските војници ги зеле како заложници персоналот и пациентите на болницата во Мариупол.

„Добивме информации дека руската армија ја зазела нашата најголема болница… и дека нашите пациенти и лекари се користат како заложници“, нагласи тој.

18:35 Русија официјално го напушти Советот на Европа

Русија денеска формално го напушти Советот на Европа, водечка организација за човекови права, спречувајќи евентуално протерување поради воената агресија врз соседната Украина.

18:30 Младa украинскa новинарка убиенa во близина на Киев

Во близина на Киев е убиена и младата украинска новинарка Александра Кувшинова, јавуваат странските медиуми. Според информациите, таа била на теренот заедно со тимот на „Фокс њуз“ чиј снимател беше убиен, а дописникот ранет.

18:27 Пронајдени седум тела по руско бомбардирање во Миколајив

Седум тела се пронајдени во урнатините на училишна зграда во Миколајив, уништена од руските воздушни напади во неделата наутро, соопштија денеска украинските власти.

Од под урнатините се извлечени и ранети лица, се вели во соопштението на украинската Служба за вонредни ситуации. Спасувачките екипи денеска ја завршија работата за расчистување на урнатините.

18:23 Русија му забрани на канадскиот премиер влез во земјата

Русија забрани влез во земјата за канадскиот премиер Џастин Трудо, канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли и канадската министерка за одбрана Анита Ананд, објави руското Министерство за надворешни работи на „Твитер“.

18:05 Oсудена новинарката која упадна во програма во живо, но тоа не е крај на постапката

Според руските медиуми, на неа денеска ѝ се судело за непријавен јавен собир, а за тоа е предвидена казна затвор од 10 дена, 50 часа јавна работа или парична казна од 30.000 рубљи, што е околу 250 евра.

17:23 Во близина на Киев погоден автомобил со новинари, загина снимател на „Фокс њуз“

Извршнaта директорка на „Фокс њуз“, Сузан Скот потврди дека нивниот снимател Пјер Закржевски бил убиен додека ја пренесувал ситуацијата од Украина.

16:36 Русија воведе санкции за Бајден

Русија воведе санкции против американскиот претседател Џо Бајден, државниот секретар Eнтони Блинкен и други американски претставници, се вели во денешното соопштение на руското Министерство за надворешни работи.

16:18 Столтенберг: Загрижени сме дека Русија може да употреби хемиско оружје

„Загрижени сме дека Москва би можела да изврши операција под лажно знаме во Украина, веројатно со хемиско оружје“, рече Столтенберг на прес-конференција, а пренесува „Ројтерс“.

16:00 Шефот на НАТО: Дронот бил невооружен и паднал надвор од Загреб

„Разговарав со Пленковиќ во неделата, соработуваме за да ги утврдиме сите факти. Прелиминарните индиции велат дека дронот не бил вооружен, дека бил надвор од курсот, дека останал без гориво и се урнал надвор од Загреб“, рече Столтенберг.

15:37 Зеленски: Украина мора да се помири дека нема да влезе во НАТО

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина мора да се помири со неприклучување кон НАТО, пренесува АФП.

 15:27 Во тек е прес-конференција на првиот човек на НАТО

15:23 Украински преговарач: Разговараме за прекин на огнот и повлекување на руските војници

Киев и Москва денеска ја продолжија четвртата рунда преговори, соопшти шефот на украинската преговарачка делегација Михаил Подољак, информирајќи дека на дневен ред се преговорите за прекин на огнот.

„Консултациите започнаа. Општи одредби на дневен ред. Прекин на огнот, повлекување на војниците од нашата територија“, напиша Подољак, кој е и советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

15:00 Преговорите продолжија

Украинскиот преговарач и советник на претседателот Зеленски рече дека во тек се разговорите со Русите.

14:14 (Видео) Кличко: Четворица загинати во Киев во текот на ноќта

Четири лица загинаа во бомбардирањето во текот на ноќта, изјави градоначалникот Виталиј Кличко.

„Спасувачите се’ уште го гаснат пламенот“, изјави тој.

Кличко објави и видео од зграда која била бомбардирана во Киев.

13:45 Лукашенко со закана: Ако одговориме, сите ќе почувствуваат

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко изјави дека земјата не учествува во воената операција во Украина.

„ Немаме што да правиме таму, не сме поканети таму“, рече Лукашенко.

„ Ако одговориме, ќе одговориме пристојно и тоа сите ќе го почувствуваат. Засега толерираме“, рече претседателот на Белорусија.

13:23 ОН: Не треба да се казнува жената која протестираше на руската телевизија

Портпаролката на Канцеларијата на ОН за човекови права, Равина Шамдасани, на брифинг во Женева рече дека руските власти треба да се погрижат жените да не се соочат со одмазда поради искористување на своето право на слобода на изразување, пренесува „Ројтерс“.

13:17 Кремљ ја нарече хулиганка новинарката која влета во програма во живо

Кремљ соопшти дека постапките на Марина Овсијаникова, која ги прекина вестите во живо на руската државна телевизија Канал 1 за да ја осуди војната во Украина, се „хулиганство“.

Овсјаникова, инаку една од уредничките на телевизијата, во чин на несогласување со војната во Украина, држеше натпис зад водителката во студиото и извикуваше слогани против војната, објави „Ројтерс“.

13:14 (Видео) Украинската војска објави видео од уништен руски конвој

Украинските сили објавија снимка од пат полн со уништени и напуштени руски возила.

Снимката трае три минути, а возењето е цело време по каллив и заледен пат. Според описот на видеото, станува збор за регион околу Харков, град во источна Украина кој со недели е сцена на жестоки борби.

13:00 Во Шпанија брашното и зејтинот се распродадени, во Германија се стравува од недостиг

„Сончогледовото масло е производ кој сега е тешко да се најде во продавниците. Нарачавме нови количества, но со денови нема испораки“, објави продавачка од супермаркет во Барселона, пренесуваат шпанските медиуми.

12:30 Зеленски: Путин ќе таргетира и други европски земји, сите сте цел

Утринава во живо обраќајќи им се на западните лидери, украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на поголема поддршка и предупреди дека Русија би можела да цели и на други делови од Европа.

12:00 Кремљ ги предупреди САД за нуклеарниот договор

Кремљ денеска предупреди дека Соединетите Држави треба да се погрижат националните интереси на Русија да бидат целосно земени в предвид во иранскиот нуклеарен договор.

11:33 Досега речиси три милиони луѓе ја напуштија Украина

Агенцијата на ОН за бегалци ги објави најновите информации за бројот на Украинците кои бегаат од војната.

„Вкупно 2,95 милиони Украинци ги напуштија своите домови, а 1,8 милиони влегоа во Полска. Други отпатуваа во Унгарија, Романија и Словачка“, велат тие.

УНИЦЕФ потврди дека 73.000 деца од Украина станале бегалци од почетокот на конфликтот. Околу 300.000 украински бегалци влегле во Западна Европа.

11:26 Украина издаде предупредување за воздушен напад низ целата земја

Киев објави полициски час во времетраење од 35 часа поради континуираното гранатирање.

11:12 Руски службеник доби отказ откако објави дека Кина ѝ кажала „НЕ“ на Русија

Руските воздухопловни власти отпуштија службеник кој минатата недела рече дека Кина одбила да им испорача на руските авиокомпании делови за авиони, по санкциите на Западот, објави „Комерсант“, цитирајќи извори и официјални лица.

Валериј Кудинов, претставник на руската Федерална агенција за воздушен транспорт (Росавијација) задолжен за одржување на пловидбеноста на авионот, рече дека Русија преговара за купување делови од земји, вклучително и Турција и Индија, по неуспешниот обид да ги набави од Кина.

10:50 Зеленски: Тие сфатија дека со војна нема да постигнат ништо

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, доцна синоќа преку социјалните мрежи повторно и се обрати на нацијата, истакнувајќи дека непријателот е збунет, не очекувал таков отпор во Украина.

„ Заврши 19-тиот ден од нашиот отпор, историската војна. Уште еден тежок ден, кој не приближува до победата, го приближува мирот во Украина. Непријателот е збунет како и порано. Тие не очекуваа таков отпор. Тие веруваа во својата пропаганда која лажеше за нас со децении. Но, тие веќе почнаа да сфаќаат дека со војната нема да постигнат ништо. Тие бегаат од бојното поле, ја напуштаат опремата. Ние земаме трофеи и ги користиме за одбрана на Украина. Руските војници се всушност еден од добавувачите на опрема за нашата армија денес. Ова не можеа да го видат ниту во најлошиот сон“, рече Зеленски за време на говорот на социјалните мрежи.

10:50 Тројца премиери на ЕУ, меѓу кои и словенечкиот заминуваат за Украина

Премиерите на Чешка, Полска и Словенија ќе отпатуваат за Киев за да се сретнат со претседателот Володимир Зеленски како претставници на Европската унија, објави чешкиот премиер Петр Фиала на социјалните мрежи

10:42 ЕУ воведува нови санкции против Русија – најсилни во историјата

Европската унија утрово официјално го договори четвртиот пакет санкции против Русија, вклучувајќи замрзнување на имотот и забрана за патување на Роман Абрамович. Сите детали се очекува да бидат објавени подоцна денеска.

Санкциите се насочени кон 600 руски граѓани, што францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер го нарече „историска одлука“.

„ Тоа е најбрзиот, најсилниот пакет санкции што Европската унија некогаш го усвоила во својата историја“, рекоа министрите.

9:32 Конашенков: Русите ја контролираат целата територија на Херсон

Вооружените сили на Русија презедоа целосна контрола над целата територија на Херсон, изјави денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков. Тој наведува и дека руската армија во последните 24 часа соборила два украински авиони, еден хеликоптер и 13 дронови, пренесува руската агенција Тасс.

9.05 (Видео) Силни експлозии одекнаа утрово во Киев

Од утрово во Киев одекнуваат експлозии.

Според украинските медиуми, погодена е станбена зграда, а повредено е едно лице.

Пожарот избувнал на првите пет ката од 10-катница, нема загинати но има едно лице повредено и итно пренесено во болница, соопштија украинските служби.

8:55 САД ѝ се заканија на Кина: Ќе бидете изолирани ако ѝ помогнете на Русија

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан ја предупреди Кина дека ќе биде изолирана доколку ја поддржи Русија во нејзината агресија против Украина.

Тој му рекол на високиот кинески дипломат Јанг Џичи дека Пекинг може да се соочи со економски казни и глобална изолација доколку и помогне на Русија, објави „Ројтерс“.

8:48 Хаг утре ќе донесе пресуда за тужбата на Украина против Русија

Меѓународниот суд на правдата во Хаг соопшти дека утре ќе донесе пресуда за тужбата на Украина против Русија, пренесува „Ројтерс“.

На сослушувањата пред судот на ОН во Хаг се појави само украинската делегација, додека руската страна одлучи да не присуствува на седниците.

8:37 Цените на нафтата паѓаат втор ден по ред

Цените на нафтата утрово дополнително паднаа, додека пред една недела беа над 130 долари за барел. Утрово цената на барелот на лондонскиот пазар потона за 4,05 отсто, на 102,60 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 4,10 отсто, на 98,80 долари.

8:33 Украина: Евакуирани повеќе од 4.000 луѓе

Украина вчера успеа да евакуира повеќе од 4.000 луѓе од градовите од првите борбени линии, изјави заменик-премиерката на Украина, Ирина Верешук.

Таа во видео изјава рече дека се евакуирани преку седум хуманитарни коридори, пренесе „Ројтерс“.

8:30 Киев: Мировен договор најрано за една недела

Олексиј Арестович, советник на шефот на кабинетот на Владимир Зеленски, рече дека мировниот договор меѓу Русија и Украина може да биде постигнат најрано за една до две недели, а најдоцна во мај.

„ Мислам дека треба да постигнеме мировен договор најдоцна до мај, а можеби и многу побрзо“, рече Арестович, пренесе РИА Новости.

8:27 Властите на Запорожје: Киднапираниот градоначалник е приведен во Луганск

Градоначалникот на Мелитопол, Иван Федоров, за кого украинската страна тврди дека бил киднапиран од руските сили, најверојатно бил однесен во Луганск, каде го држи руската армија, соопшти синоќа регионалната воена управа на Запорожје.

„ Според достапните информации, киднапираниот градоначалник на Мелитопол, Иван Федоров, е задржан од рускиот окупатор во Луганск, каде е обвинет за тероризам“, се вели во соопштението, пренесе Укринформ.

8:20 Повреден репортер на „Фокс њуз“

Репортер на „Фокс њуз“, Бенџамин Хол, синоќа беше повреден додека известуваше од околината на Киев. Тој е хоспитализиран, објави американската медиумска куќа.

Хол работи како дописник од Вашингтон и го покрива американскиот Стејт департмент за „Фокс њуз“, каде што работи од 2015 година.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет

Орбан: Европејците избраа војна, Унгарија мора да каже „не“

Објавено пред

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска дека војната претставува голем ризик за Унгарија, бидејќи, како што рече, „за разлика од САД, Европејците одлучија да ја поддржат војната и ќе ѝ обезбедат на Украина сè што ѝ е потребно за водење војна“.

dobivaj vesti na viber

– Порано или подоцна ќе испратат војници. Постојат писмени договори меѓу Франција и Велика Британија. Кога трупите ќе бидат испратени во Украина, војници ќе заминат и од Унгарија, особено ако земјата има влада која не може да каже ‘не’ во Брисел“, изјави Орбан.

Тој оцени дека за избегнување на вклучување во војната е потребна „памет“, додавајќи дека лидерите мора да бидат паметни, лукави и искусни.

– Можам да ја задржам Унгарија надвор од војна, за разлика од Иштван Тиса или Миклош Хорти, рече Орбан, алудирајќи на поранешни унгарски државници од периодот пред Втората светска војна.

Орбан изјави дека се спротивставува на „бриселската илузија“ дека војната нема да ја чини Европа ништо, бидејќи, според таа логика, Русија ќе плати репарации и ќе биде „плен“.

– Ако Унгарија влезе во војна, тоа би нè чинело нас, нашите деца и внуци во следните 10 до 20 години, затоа мораме да кажеме ‘не’, рече Орбан.

Тој додаде дека Унгарија не мора да зазема страна ниту со Украина, ниту со Русија.

– Јас стојам на страната на Унгарија. Имаме сопствени цели и национални интереси. Ќе купуваме гас и нафта од Русија и ќе тежнееме кон добрососедски односи со Украина по завршувањето на војната, изјави Орбан.

Според него, Унгарија не би можела да го задржи системот на ограничување на цените на комуналните услуги без евтина руска енергија, додавајќи дека прекинот на снабдувањето со руски гас и нафта би довел до повеќекратно зголемување на цените во споредба со соседните земји.

– Украина бара 800 милијарди евра за управување со државата во следните 10 години и уште 700 милијарди за воени цели. Таа сума би го финансирала унгарскиот пензиски систем 60 години и семејните субвенции 40 години, изјави Орбан.

Прикажи повеќе...

Свет

Експлозии пријавени низ Иран

Објавено пред

Неколку експлозии се пријавени нво Иран денеска, во услови на зголемени стравувања од војна во регионот, јави ДПА.

dobivaj vesti na viber

Во пристанишниот град Бандар Абас, на Персискиот Залив, едно лице загина, а 14 се повредени во експлозија, соопшти новинската агенција Тасним, која е блиска до Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).

Очевидци пријавиле и најмалку една експлозија во близина на главниот град Техеран. Иранските медиуми, повикувајќи се на официјален извор, наведоа дека се запалила трска во корито на река.

Во југозападниот дел на Иран, онлајн-порталот Нур њуз, повикувајќи се на шефот на противпожарната служба во градот Ахваз, објави дека експлозија на гас усмртила четири лица.

Тасним ги демантираше гласините дека експлозијата во Бандар Абас била обид за напад врз командантот на морнарицата на ИРГЦ, Алиреза Тангсири.

Државната новинска агенција ИРНА објави фотографија од делумно уништениот преден дел на повеќекатна станбена зграда. Државната телевизија соопшти дека експлозијата била предизвикана од истекување гас.

Наскоро треба да започне тридневна поморска воена вежба на ИРГЦ во Персискиот Залив, во која се очекува да учествуваат и Кина и Русија.

Маневрите се најавени во период кога американскиот претседател Доналд Трамп распореди флота, вклучително и носачи на авиони, во регионот.

Трамп во повеќе наврати ѝ се закануваше на власта во Техеран со интервенција, поради, како што наведе, бруталното задушување на протестите од страна на иранскиот безбедносен апарат.

Прикажи повеќе...

Свет

Во Белград се урна напуштен двокатен објект

Објавено пред

Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.

dobivaj vesti na viber

Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.

Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.

При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.

Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет13 часа

(Видео) Извлечени 51 лице заглавени на жичница на планината Улудаг во Турција

Технички дефект на жичницата на планината Улудаг, во близина на северозападниот турски град Бурса, предизвика блокирање на 51 лице кои...

Македонија13 часа

По реакции од граѓани, се чисти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна и темелна акција за чистење на...

Македонија14 часа

Скопјани бараат од Цементарница Усје да работи според еколошките стандарди

Еколошките активисти од иницијативата „Стоп за Усје“ и граѓани денеска протестираа поради загадувањето на воздухот и бараа од Цементарница „Усје...

Македонија17 часа

Во Кочани ќе се гради патека на бесконечност за загинатите во Пулс

Советот на Општина Кочани на вчерашната 9. седница едногласно ја поддржа иницијативата за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за...

Свет18 часа

Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви

Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз...

Македонија19 часа

Од утре внимавајте, Безбеден град почнува официјално да казнува со суми од 20 до 500 евра и одземање на возачката дозвола

Од утре официјално започнува примената на системот Безбеден град, со што автоматското снимање и санкционирање на сообраќајните прекршоци влегува во...

Свет19 часа

Во текот на изминатото деноноќие, Русија извршила вкупно 1.019 напади врз Украина

Украинската противвоздушна одбрана соборила 64 од 85-те дронови што Русија синоќа ги лансирала, соопштија утрово Воздухопловните сили (ВВС) на Украина....

Свет20 часа

Државна секретарка од Црна Гора сакала да се самоубие поради секс скандал

Мирјана Пајковиќ, до неодамна државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора, поднесе оставка откако нејзините...

Свет1 ден

Нови откритија за Епстин и елитата: објавени документи за контакти со Бил Гејтс, политичари, принц – тврдел и дека цимерот во затворот сакал да го убие

Американското Министерство за правда објави нови милиони документи поврзани со случајот на Џефри Епстин, со што повторно се отворија прашањата...

Македонија2 дена

Заврши мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа, за Мицкоски тоа е историски момент и признание за нивото на демократија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека заврши мониторингот за Македонија од страна на...

Македонија2 дена

ССМ следната недела ќе го блокира Собранието: Пратениците ќе мораат на работа пеш и без патни трошоци, ќе ги удриме по џебот како тие нас

Прва институција која ќе ја блокираат работниците како продолжение на протестот за 600 евра минимална плата и зголемување од 100...

Свет2 дена

Кремљ: Путин се согласи на привремен прекин на огнот

Кремљ соопшти дека рускиот претседател, Владимир Путин, се согласил да ги запре нападите врз украинските градови до 1 февруари. Портпаролот...

Македонија2 дена

Левица: ДПМНЕ со 2,2 милиони денари ја почестиле фирмата на синот на антикорупционерката Ристовска

Само во 2024 година, во рамки на изборната кампања за претседателските избори, една од фирмите на синовите на Цвета Ристовска...

Македонија2 дена

Утре посебен сообраќаен режим во Скопје поради протестниот марш „Стоп за Цементара“

Утре, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи протестен марш „Стоп за Цементара“ со траса на движење од пред...

Македонија2 дена

Изгласана Резолуцијата за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија: „Ова е потврда за напредокот на државата“

Во текот на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која учествуваат пратениците Иванка Василевска, Беким Ќоку...

Свет2 дена

Мишел го критикува Руте: Престани да бидеш американски агент и обедини го НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, треба да престане да биде „американски агент“ и да го обедини расцепканиот воен сојуз...

Топ2 дена

Кривична пријава за „проневера во службата“ против претседател на ловечко друштво од Струмица

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против 41-годишниот Д.Р. од Струмица, поради постоење на основи на...

Свет2 дена

Стармер ја посети Кина, односите меѓу двете земји се зајакнуваат; Трамп: Она што го прават е многу опасно

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „многу опасно“ за Велика Британија да соработува со Кина, додека британскиот премиер Кир...

Свет2 дена

САД се закануваат со царини за увозниците на нафта за Куба: „Очекувам Куба наскоро да пропадне“

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со нови царини за земјите што испорачуваат нафта на Куба, засилувајќи го притисокот врз...

Свет2 дена

Нова анкета: Довербата во Трамп опадна, поддршката губи и кај републиканците

Една година по неговиот втор мандат, ставовите на Американците за претседателот Доналд Трамп, кои и претходно беа повеќе негативни отколку...