Свет
Од музејот „Лувр“ украдени над 8.000 дијаманти и 200 бисери: откриени нови детали за грабежот на векот
Над 8.000 дијаманти и повеќе од 200 бисери, со вкупна вредност од речиси 88 милиони евра, биле украдени за време на пљачката на музејот „Лувр“ во октомври, откриваат нови детали од истрагата, до кои дошла француската телевизија БФМТВ.
Според наводите од истрагата, двајца осомничени, означени како XH1 и XH2, на 19 октомври во 9.24 часот наутро упаднале во галеријата „Аполон“ откога со брусилка го скршиле прозорецот. Целата акција траела помалку од четири минути.
За време на пљачката биле украдени драгоцени камења од осум изложени парчиња накит – вкупно 8.482 дијаманта, 35 смарагди, 34 сафири и 212 бисери.
XH1 носел црна фантомка, темна јакна и црни ракавици, а XH2 бил со сив шлем. Двајцата крадци го зграбиле накитот и го ставиле во торба и во џебовите.
По пљачката, XH1 и XH2 се спуштиле, а уште две лица ги чекале на кејот Франсоа Митеран, кој се наоѓа покрај десниот брег на реката Сена, непосредно до музејот „Лувр“.
Потоа сите четворица побегнале со скутери.
Двата скутера се упатиле јужно од Париз кон локација на која наводно ги чекало мистериозно бело комби, кое никогаш не било пронајдено и за кое се сомнева дека било користено за транспорт на накитот. Четворицата осомничени потоа се поделиле во две групи – две лица на скутерите и две во комбито; едната група се упатила кон западниот, а другата кон источниот дел на Париз.
Француската полиција врз основа на ДНК-траги пронајдени на местото на злосторството и на напуштената опрема идентификувала и уапсила четворица осомничени на возраст меѓу 30 и 40 години.
Сите се обвинети и се наоѓаат во притвор, а според законот, се сметаат за невини додека не се докаже нивната вина.
Украдениот накит сè уште не е пронајден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Експлозии пријавени низ Иран
Неколку експлозии се пријавени нво Иран денеска, во услови на зголемени стравувања од војна во регионот, јави ДПА.
Во пристанишниот град Бандар Абас, на Персискиот Залив, едно лице загина, а 14 се повредени во експлозија, соопшти новинската агенција Тасним, која е блиска до Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Очевидци пријавиле и најмалку една експлозија во близина на главниот град Техеран. Иранските медиуми, повикувајќи се на официјален извор, наведоа дека се запалила трска во корито на река.
Во југозападниот дел на Иран, онлајн-порталот Нур њуз, повикувајќи се на шефот на противпожарната служба во градот Ахваз, објави дека експлозија на гас усмртила четири лица.
Тасним ги демантираше гласините дека експлозијата во Бандар Абас била обид за напад врз командантот на морнарицата на ИРГЦ, Алиреза Тангсири.
Државната новинска агенција ИРНА објави фотографија од делумно уништениот преден дел на повеќекатна станбена зграда. Државната телевизија соопшти дека експлозијата била предизвикана од истекување гас.
Наскоро треба да започне тридневна поморска воена вежба на ИРГЦ во Персискиот Залив, во која се очекува да учествуваат и Кина и Русија.
Маневрите се најавени во период кога американскиот претседател Доналд Трамп распореди флота, вклучително и носачи на авиони, во регионот.
Трамп во повеќе наврати ѝ се закануваше на власта во Техеран со интервенција, поради, како што наведе, бруталното задушување на протестите од страна на иранскиот безбедносен апарат.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.

