Европа
НАТО со најсериозно предупредување досега: Рускиот напад е сè поизвесен
Бројот на руски војници на украинската граница се зголемува, а можниот напад е сè поизвесен, изјави денеска генералниот секретар на НАТО по средбата со британскиот премиер Борис Џонсон во Брисел.
„Ова се опасни времиња за европската безбедност“, рече Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција.
„Бројот на руски војници се зголемува. Можен напад станува сè поизвесен“, предупреди тој.
„НАТО не е закана за Русија, но мора да бидеме подготвени на најлошото додека веруваме во политичко решение“, нагласи Столтенберг.
Тој рече и дека Русија мора да избере помеѓу дипломатско решение на кризата, од една страна, или санкции и зголемено присуство на силите на НАТО на источното крило.
„Русија има избор: тие може да изберат дипломатско решение, а ние сме подготвени да седнеме на маса, но ако изберат конфронтација, ќе платат висока цена“, рече Јенс Столтенберг.
„Ќе има економски санкции. Ќе има зголемено воено присуство на НАТО во источниот дел на алијансата, а Велика Британија е важен дел од тоа“, додаде тој.
Британскиот премиер Џонсон рече дека украинската криза е најопасниот момент и дека е важно да се повлечат правилни потези во наредните денови.
„Искрено, не верувам дека веќе е донесена одлука (во Москва). Но, тоа не значи дека е невозможно нешто навистина катастрофално да се случи многу бргу“, рече Џонсон.
„Ова е веројатно најопасниот момент“, нагласи тој нарекувајќи ја ситуацијата „најголемата безбедносна криза во Европа“, во која е важно правилно да се дејствува, во комбинација на санкции, воено решение и дипломатија.
Јенс Столтенберг исто така рече дека испратил писмо до рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, нудејќи му разговори за поголема транспарентност за воените вежби што Русија ги апочна со Белорусија, како и разговори за контрола на нуклеарното оружје.
Претходно денеска, Москва соопшти дека руската и белоруската армија почнале заеднички воени вежби во Белорусија, кои треба да траат десет дена.
Шефот на руската дипломатија денеска ги оцени како контрапродуктивни заканите на Западот упатени до Русија, која е обвинета дека подготвува воена акција против Украина.
„Идеолошките пристапи, ултиматуми и закани не водат кон ништо“, рече Сергеј Лавров на почетокот на средбата во Москва со британската колешка Лиз Трас. Тој изрази жалење што „многу западни колеги имаат страст за таков тип на комуникација“.
Ако Лондон сака да ги подобри односите со Москва, „секако дека ќе одговориме на ист начин бидејќи не можеме да бидеме задоволни со меѓусебните односи, кои се на најниско ниво“, рече Лавров.
„Но, односите може да се нормализираат само преку дијалог со заемно почитување и на еднаква основа (…) со цел да се најдат решенија што би биле заемно прифатливи“, нагласи тој.
Трас рече дека дошла во Москва за да ја „покани Русија да тргне по патот на дипломатијата“.
„Војна во Украина би била катастрофа за рускиот и украинскиот народ и за европската безбедност“, нагласи таа.
„Постои алтернативен пат, дипломатски пат, кој избегнува конфликти и крвопролевање“, додаде Трас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.
„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.
Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.

