Свет
Од Сирија побегнале 785 жени и деца на припадници на Исламска држава
Најмалку 785 жени поврзани со т.н. Исламската држава и нивните деца го напуштија кампот, кој го чуваа сириски курдски сили на северот на земјата, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија.
Директорот на организацијата Рами Абдулахман рече, повикувајќи се на извори од кампот Аин Иса, дека таму владее анархија, пренесе „Ројтерс“.
Официјален претставник на сириските демократски сили рече дека тие немаат доволно чувари во кампот Аин Иса за да ги спречат на бегство членовите на семејствата на припадниците на терористичката Исламска држава, кои престоуваат таму.
„Чувањето на кампот веќе е ослабено, бидејќи силите мораше да бидат испратени на фронтот, а ситуацијата дополнително се влоши кога во близина паднаа гранати испукани од турските сили, поради што останатите лица побегнаа“, рече портпаролот на сириските демократски сили Марван Камишло.
Тој додаде дека во кампот останале 60-70 чувари, додека во нормални околности нема помалку од 700.
„Во кампот има околу 12.000 раселени лица, меѓу нив и членови на семејствата на милитантите од ИД. Идеално, во кампот би требало да има 1.500 чувари“, рече Камишло.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германија нуди 1 милион евра за информации за нападот врз електричната мрежа во Берлин
Германија нуди награда од 1 милион евра за информации што ќе доведат до апсење на осомничените екстремно левичарски милитанти чие палење претходно овој месец предизвика масовен прекин на електричната енергија во Берлин.
Полицијата трага по членови на „Vulkangruppe“ (Вулканска група), која ја презеде одговорноста за нападот, објави Euronews.
Нападот остави околу 45.000 домови и 2.200 бизниси во југозападниот дел на германската престолнина без електрична енергија речиси една недела во сред зима. Тоа беше најдолгиот прекин на електричната енергија во градот од крајот на Втората светска војна.
Крајно левичарската „Vulkangruppe“ ја презеде одговорноста за прекинот во неколку онлајн објави, велејќи дека нивната цел била да ја нападнат индустријата за фосилни горива, а не да предизвикаат прекин на електричната енергија.
Германскиот министер за внатрешни работи, Александар Добриндт, вети решителен одговор при објавувањето на наградата.
„Нашите безбедносни агенции ќе бидат значително зајакнати во борбата против левичарскиот екстремизам“, изјави тој. „Верувам дека е соодветно да се нагласи сериозноста на ситуацијата со награда од ваков обем“.
Добриндт објави дека полицијата ќе започне јавна кампања за собирање информации и промоција на наградата, што вклучува делење летоци и лепење постери во берлинското метро.
фото/Depositphotos
Свет
Русија од почетокот на годината зазела над 500 квадрати километри од Украина, според началникот на Генералштабот
Началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов, ги посетил единиците на истокот на Украина и изјавил дека Русија од почетокот на јануари зазела повеќе од 500 квадратни километри територија.
Во видеоснимка објавена од руското министерство за одбрана, Герасимов тврди дека руските сили напредуваат „на сите правци“.
Руското министерство за одбрана денеска соопшти дека Герасимов ги посетил војниците кои се борат на истокот на Украина. Во објавата на Телеграм се наведува дека тој „извршил увид во напредокот на борбените задачи што ги спроведуваат формациите и единиците на борбената група Запад“. Министерството не прецизира кога и каде точно се случила посетата.
Герасимов во видеото изјавува дека руските сили „ја продолжуваат офанзивата на сите правци“.
Според него, од почетокот на годинава руската војска презела контрола врз 17 населени места и повеќе од 500 квадратни километри украинска територија. Тој тврди и дека руските сили напредуваат кон градот Запорожје.
Објавата за посетата на Герасимов доаѓа неколку дена по трилатералните преговори меѓу руските и украинските претставници, одржани во Обединетите Арапски Емирати со посредство на САД. Целта на преговорите е да се стави крај на војната што трае речиси четири години. Наредната рунда преговори, според најавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, се очекува на 1 февруари.
Свет
Германскиoт министер за одбрана: Не можеме да испратиме нови „Патриоти“ во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека Берлин не е во можност да испорача дополнителни системи за воздушна одбрана Патриот во Украина.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со литванскиот министер за одбрана Арвидас Анушаускас, Писториус ги повика сојузниците да ја засилат поддршката за воздушната одбрана на Украина, истакнувајќи дека Германија има многу ограничени преостанати капацитети.
Тој нагласи дека Германија веќе завршила „несразмерно голем дел од работата“, бидејќи предала повеќе од една третина од своите системи Патриот на Украина.
„Во моментов, не можеме да направиме ништо повеќе бидејќи самите чекаме замена за системите што веќе се испорачани“, изјави тој.
Германскиот министер, исто така, призна дека бројот на системи за воздушна одбрана ИРИС-Т што Германија ги испорача на Украина е недоволен. Тој истакна дека Германија во моментов е единствената земја што може да му ги обезбеди на Киев овие системи и дека тоа го прави, како што изјави, „во одредена смисла континуирано“.
И покрај ова, поради значителното зголемување на руските напади, досегашните испораки сè уште не ги задоволуваат потребите на Украина.
Писториус апелираше до партнерите во НАТО и Европската Унија, предупредувајќи за критичната потреба на Украина од муниција и воена опрема. Тој истакна дека задачата на сите сојузници сега е заеднички да ги разгледаат сопствените залихи, особено оние земји што сè уште имаат простор да го зајакнат украинскиот противвоздушен штит.
Системот „Патриот“ е ракетен систем земја-воздух наменет за одбрана од балистички и крстосувачки ракети и авиони. Опремен е со напреден радар што овозможува откривање и следење на цели на долги растојанија и се смета за еден од најефикасните системи за противвоздушна одбрана во светот.
Украинското Министерство за одбрана на 1 јануари објави дека уште два системи „Патриот“ се ставени во борбена употреба за заштита на украинските градови и клучната инфраструктура.

