Свет
Од 1 септември се менуваат правилата за рачен багаж на аеродромите во ЕУ: нови ограничувања
Аеродромите во Европската Унија од 1 септември ги променија правилата за рачен багаж, а тие се однесуваат на течности и електронски уреди што ги носат патниците. Причината се новите скенери за кои Европската комисија тврди дека не се доверливи, а аеродромите што користат ваков тип на скенери ќе мора да се вратат на стариот модел поради што се очекува метеж бидејќи самата проверка ќе трае подолго.
Европската комисија ги повика сите аеродроми привремено да ги користат старите модели, пишува Irish Examiner.
Ова значи дека аеродромите што ги користат новите C3-скенери, кои обично им дозволуваат на патниците да оставаат течности и електронски предмети во своите торби додека се скенираат и кои ја отстранија потребата од ограничување од 100 милоилитри за секоја течност, аеросол или гел, ќе се вратат на постарите методи на преработка, пренесува „Тпортал“.
Ефективноста на новите скенери беше доведена во прашање со техничкиот извештај испратен од Комисијата до Европската конференција за цивилно воздухопловство минатиот мај, во кој беше наведено дека тие не може да ја гарантираат доверливоста на скенерот за контејнери со капацитет поголем од 330 милилитри.
Така, почнувајќи од оваа недела, аеродромите во ЕУ што го користат скенерот C3 ќе се вратат на традиционалните уреди за рендген.
Кои се сега правилата за течности и електронски уреди што ги носиме во авионот?
За жал, се вративме на шишињата од 100 милилитри во затворени пластични кеси и ги вадиме електронските уреди за скенирање.
Ако сте на аеродром што има скенери C3, сепак треба да го спакувате рачниот багаж на ист начин како пред неколку години – да нема големи шишиња крем за сончање и да го оставите големото шише парфем дома или да го спакувате во куферот што поминува на „чек-ин“.
Максималната дозволена тежина на рачниот багаж ќе биде 10 килограми, а секој патник ќе може да земе еден рачен багаж и еден мал личен предмет.
Димензиите на рачниот багаж, вклучувајќи ги рачките и тркалата, не смее да надминуваат 55 x 40 x 20 сантиметри, а личниот предмет, како што се чанта, ранец или торбичка за лаптоп, мора да биде помал од 40 x 30 x 15 сантиметри и да одговара да се стави под седиштето пред вас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

