Свет
Околу 50 уапсени за време на пожарите во близина на Лос Анџелес
Речиси 50 лица се уапсени под обвинение за грабежи, попречување на гаснење пожари и вандализам за време на пожарите во предградијата на Лос Анџелес, Итон и Палисадес, а има и апсења поврзани со инцидентот со дронот, соопшти денеска полицијата во Лос Анџелес.
Полициската управа во Лос Анџелес изврши 14 апсења во градот, изјави помошник началникот Доминик Чои, пренесе Си-Ен-Ен.
„Три апсења беа за полициски час, едно за претставување пожарникар, едно за поседување алат за кражба, четири за кражба, едно за возење под дејство на алкохол, едно за вандализам и три за кражба во продавница“, рече тој.
Канцеларијата на шерифот на округот Лос Анџелес изврши 34 апсења, според шерифот Роберт Луна, вклучително и четири во пожарната област Палисадес во текот на ноќта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Комесарката за проширување на ЕУ: Нема да има геополитички попуст, процесот на проширување ќе продолжи да се заснова на заслуги
Агресивната војна против Украина отвори можност за проширување на Европската унија, но нема да има геополитички попуст, процесот на проширување ќе продолжи да се заснова на заслуги, изјави во комесарката за проширување Марта Кос.
Таа разговараше со членовите на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент. Посочи дека руската војна против Украина го оживеа процесот на проширување, но дека не треба да се очекува поради тоа да се разблажат условите за пристапување.
„Нема да има геополитички попуст, процесот на проширување ќе продолжи да се заснова на заслуги“, рече Кос. Таа изрази надеж дека во текот на следните шест месеци, за време на полското претседавање со Советот на ЕУ, Украина и Молдавија ќе можат да отворат еден или два кластери, а земјите од Западен Балкан ќе отворат неколку кластери и ќе затворат некои поглавја.
„Доколку земјите кандидати истраат во нивните реформски напори, би можеле да имаме поголем напредок за време на полското претседателство отколку во последните десет години. Можно е да се одржат 10 меѓувладини конференции за пристапување и мислам дека тоа е изводливо“, рече Кос. Таа додаде дека има реални изгледи за време на мандатот на оваа Комисија, една, две или три земји кандидати да стигнат до целта.
Истовремено предупреди за сложеноста на процесот на проширување, кој е целосно во рацете на земјите-членки, кои мора да дадат едногласна согласност за секој чекор во процесот. „Потребни се 150 едногласни одлуки за започнување и завршување на преговарачкиот процес на само една земја кандидат“, рече Кос.
Таа рече дека треба да се направи се, за да се избегнат билатералните прашања кои влијаат на преговарачкиот процес, „но тоа веќе се случува и ќе се случува во иднина, па задача на сите нас е да ги решиме кога ќе се појават“.
Свет
(Видео) Тешко болните деца се лекувале и хранеле со производи со поминат рок во Романија
Бран истраги беше покренат по шокантните снимки од центрите за деца со попреченост во Муреш, Романија.
Надлежните отворија две кривични дела поради сомнение за организиран криминал и вршат бројни контроли. Сè започна откако во четири центри во Тарг Муреш беа откриени деца кои беа чувани во нехумани услови, затворени во соби и третирани со лекови со поминат рок, пренесуваат медиумите во регионот.
Инспекцијата од Управата за заштита на децата, како и мешовитата комисија формирана на ниво на префектурата Муреш, утрово ги започна проверките. Во текот на денот ќе бидат проверени сите центри во Тарг Муреш кои згрижуваат деца со пречки во развојот.
Ќе се разгледува документацијата, како и други аспекти пријавени од Центарот за правни ресурси, заедно со инспектори од Надзорниот совет, јавува „Антена Обсерватор“.
Иинспекторите според написите денеска извршиле увид и изнеле шокантни заклучоци.
Во три од четирите центри во Тарг Муреш не се пронајдени само лекови со поминат рок и несоодветни услови за деца, туку и храна на која рокот и истекол во 2023 година и била употребувана за деца со сериозни здравствени проблеми, пренесуваат медиумите.
Истите инспектори ги прошириле истрагите и во друг центар во општина Чеуаш де Кампије, каде што постојат сомнежи дека вработените трошеле пари наменети за деца, за оброци во ресторани.
Свет
Бројот на раѓања во Франција продолжува да опаѓа и е на најниско ниво од 1945 година
Францускиот национален институт за статистика и економски студии (INSEE) денеска објави дека во 2024 година имало пад на раѓањата за 2,2 отсто во споредба со 2023 година.
Плодноста, која сега изнесува 1,62 деца по жена, никогаш не била толку ниска од 1919 година, објави BFM TV.
Намалувањето на наталитетот во Франција може да се поврзе и со зголемениот број на самохрани лица. Во својот есеј „Битки за наталитетот“, францускиот социолог Жулиен Дејмон детално го анализира падот на стапката на наталитет и паралелното зголемување на бројот на самци – и дава бројни предлози за решенија за овој голем проблем.
„Треба да им понудиме начини на луѓето да се дружат повеќе“, инсистира Дејмон, сугерирајќи дека државата треба да ги финансира претплатите на граѓаните на веб-страниците и апликациите за запознавање што се скапи за сиромашните млади луѓе, со оглед на тоа што истражувањата покажуваат дека две од пет двојки се разделиле.