Европа
Речиси 50.000 Италијанци излегоа на протест против мафијата

Речиси 50.000 лица протестираа против мафијата во Падова на денот на сеќавањата на жртвите од организираниот криминал на југот во Италија.
Денот на сеќавањето на недолжните жртви на мафијата се одбележува од 1996 година, а централното одбележување годинава се одржа во Падова.
Мафијашките организации се еден од најголемите проблеми во социјалниот живот во Италија.
Илјада млади и претставници на разни здруженија стигнаа во Падова од другите италијански градови, каде што беа прочитани имињата на 111 жртви на мафијата.
На протестите им се приклучи и италијанскиот државен антимафијашки и антитерористички обвинител Федерико Кафиеро де Рахо. Порака упати и италијанскиот претседател, Серџо Матарела, кој порача дека е неопходно да се ослободи општетсвото од мафијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Данска го презема претседавањето со Европската Унија

Данска денес го презема од Полска ротирачкото шестмесечно претседавање со Европската Унија.
Се очекува владини претставници од Копенхаген да претседаваат со бројни министерски состаноци во текот на следните шест месеци и да дејствуваат како медијатори во споровите меѓу 27-те земји-членки на ЕУ.
Тематски, Данците сакаат да се фокусираат на заеднички проекти за вооружување против заканата од Русија и зголемена конкурентност во рамките на ЕУ под мотото „Силна Европа во светот што се менува“.
Тие, исто така, се надеваат дека ќе ги унапредат законските проекти за борба против несаканата миграција и климатските промени.
Главните предизвици за данското претседателство веројатно ќе бидат тековната унгарска блокада на Украина во преговорите за пристапување кон ЕУ и трговскиот спор со Соединетите Американски Држави.
Се закануваат дополнителни спорови околу финансиските прашања, бидејќи дискусиите за долгорочниот буџет на ЕУ од 2028 до крајот на 2034 година треба да започнат во наредните месеци.
Ставовите на земјите-членки варираат во голема мера. На пример, Германија, како нето придонесувач, се спротивставува на зголемувањето на буџетот, кој неодамна изнесуваше повеќе од еден билион евра.
Европа
Русите целосно го окупираа регионот Луганск: руски гувернер тврди дека е така

Русија целосно ја презеде источната украинска покраина Луганск, објавија вчера окупаторските власти.
Извештајот за целосното преземање дојде пред два дена, изјави на руската државна телевизија гувернерот на регионот назначен од Москва, Леонид Пашечник.
Досега нема потврда од Киев.
Министерството за одбрана во Москва, исто така, сè уште не извести за целосната окупација на Луганск. Сепак, во минатото, официјалната потврда од Москва обично доаѓаше кратко време по извештаите за успех од локалните окупациски власти.
Источниот украински регион Луганск веќе беше под делумна контрола на сепаратистите поддржани од Москва во 2014 година. На почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година, Русите успеаја да го освојат поголемиот дел од регионот во рок од неколку месеци.
За време на нивната контраофанзива на есента 2022 година, Украинците успеаја да ги вратат некои области во северен Луганск. Сепак, неодамна држеа само неколку квадратни километри територија.
Рускиот претседател Владимир Путин тврди дека украинските региони Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон, заедно со Крим, кој беше анектиран во 2014 година, се целосно руска територија.
Европа
Најстуден 30-ти јуни во Москва откако почнаа да се мерат температурите

Метеоролозите вчера во Москва го регистрираа најстудениот 30-ти јуни откако се мерат температурите.
„Москва денес сруши рекорд: толку студен 30-ти јуни никогаш не е виден. Во нашиот главен град, последниот ден од јуни беше најстудениот во целата историја на главната метеоролошка станица. Во 15 часот по московско време, термометарот покажа само плус 12,6 степени“, напиша на Телеграм Евгениј Тишковец, висок член на метеоролошкиот центар Фобос.
„Ова ги срушува претходните рекорди од 1962 и 1976 година, кога на 30-ти јуни беа регистрирани плус 14 и плус 14,7 степени“, додаде тој.
Што се однесува до понатамошната временска прогноза за руската престолнина, денес се очекуваат ниски температури, слични на вчерашните. Сепак, утре се очекува затоплување.