Свет
ОН: Иранските резерви на ураниум се 12 пати поголеми од дозволените
Иран има складирано дванаесет пати поголемо количество ниско збогатен ураниум од законската граница дозволена според нуклеарниот договор од 2015 година, соопшти во средата Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА).
Агенцијата за нуклеарно набљудување на ОН ги презентира своите откритија во доверлив документ дистрибуиран до земјите членки, до кој дојдоа и новинските агенции.
„ИАЕА соопшти дека на 2 ноември Иран имал резерва од 2.442,9 кг ниско збогатен ураниум за разлика од 2.105,4 кг пријавени на 25 август. Нуклеарниот договор што Иран го потпиша во 2015 година со светските сили му дозволи да чува резрва само 202,8 кг“, објави „Ал џезира“.
Иран продолжи да збогатува ураниум до чистота до 4,5 отсто, според извештајот на ИАЕА, со што го крши прагот од 3,67 отсто дозволен според Заедничкиот сеопфатен план за акција (JЦПОА) или иранскиот нуклеарен договор, договорен со посредство на Барак Обама.
ИАЕА во својот извештај наведе дека објаснувањата на Техеран за присуството на нуклеарен материјал откриен на непријавена локација во Иран не се веродостојни. Иако иранските власти ѝ доставија на ИАЕА некои информации за непријавената нуклеарна локација, Агенцијата го извести Иран дека продолжува да смета оти одговорот на Иран не е технички веродостоен, се вели во извештајот.
„Потребно е целосно и навремено објаснување од Иран во врска со присуството на честички од ураниум од антропогено потекло на локација во Иран, што не е пријавена на Агенцијата“, додаде ИАЕА.
ИАЕА сè уште ги анализира примероците земени во септември од две осомничени поранешни нуклеарни локации во Иран, кои беа отворени за инспекторите оваа година“, објави Би-би-си во четвртокот.
Сателитските снимки објавени кон крајот на минатиот месец покажуваат дека Иран неодамна почнал градежен проект на својата нуклеарна локација Натанц. „Асошиетед прес“ на 28 октомври објави дека Техеран почнал да гради „нов или преработен пат кон југот на Натанц, кон поранешен полигон за безбедносните сили во објектот за збогатување. Новинската агенција цитира слики од „Планет лабс“, со седиште во Сан Франциско.
Веста за градежниот проект следуваше кусо откако шефот на Организацијата за атомска енергија на Иран (АЕОИ), Али Акбар Салехи, за иранските државни медиуми на 8 септември изјави дека властите ја заменуваат надземната сала за производство на нуклеарно оружје на Натанц – уништена во експлозијата на 2 јули – со подземна напредна постројка за склопување центрифуги во планините околу Натанц.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

