Свет
ОН користеа санкционирана сириска авиокомпанија за транспорт на помош до Либија
Обединетите нации користеле сириска авиокомпанија санкционирана од САД- обвинета за пренесување борци и оружје во име на Башар ал-Асад и Калифа Хафтар- за транспорт на помош до Либија, пренесува „Мидл Ист ај“.
Фотографиите објавени на Твитер од Светската здравствена организација покажаа дека официјалните лица растовараат хуманитарна помош од авионот на „Шам вингс“ на меѓународниот аеродром „Бенина“ во Бенгази.
„Заради ситуацијата на теренот, опциите за авионска испорака на товар во Либија се минимални“, се вели во соопштението.
Во 2016 година, Министерството за финансии на САД воведе санкции за „Чам вингс“ за соработка со владата на Сирија за транспорт на милитанти кои ќе се борат за сирискиот режим и му помагала на Сириското воено разузнавање (СМИ) да пренесува оружје и опрема за сирискиот режим.
Министерството за финансии соопшти дека авиокомпанијата дејствувала во име на силите Кудс, единица на ИРГЦ која одигра голема улога во поддршката на Асад во сириската граѓанска војна.
„Летот на „Шам вингс“ од Дамаск до Дубаи беше една од главните рути што СМИ ги користеше за перење пари низ целиот регион, при што СМИ им плаќаше на сите вклучени страни за да продолжат со деловните активности со режимот на Асад“, соопшти Министерството за финансии.
The World Health Organization (#WHO) continues to provide humanitarian assistance aid to the people of #Libya. More than sixteen tons of medicines, supplies and equipment dispatched from WHO warehouses in #Dubai have just arrived at #Benina International Airport in #Benghazi. pic.twitter.com/iwIustDyUi
— World Health Organization in Libya (@WHOLIBYA) January 11, 2021
Портпаролoт на Светската програма за храна (WFP) изјави дека ја користеле авиокомпанијата за транспорт на 16 тони помош од ОАЕ до Либија.
„Поради ситуацијата на теренот, опциите за испорака на авионски товар во Либија се минимални, а во овој случај, медицинскиот товар на СЗО беше пренесен од авиопревозникот ‘Чамс вингс’ која не подлежи на санкции на ОН“, рече портпаролот.
Авиокомпанијата „Чам вингс“ со седиште во Дамаск е во мнозинска сопственост на сирискиот милијардер Рами Махлуф, братучед на Асад, кој до неодамна беше најмоќниот бизнисмен во земјата.
Иако авиокомпанијата не е санкционирана од ОН, експертскиот панел на ОН минатата година утврди дека помеѓу 1 јануари и 10 март имало најмалку 33 лета на „Шам вингс“ од Дамаск до Бенгази, кои веројатно носеле сириски платеници во спротивност со забраната за меѓународно оружје за Либија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земав повисоки дози аспирин, затоа имам модринки
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека зема поголеми дози аспирин од оние што му ги препорачале лекарите, наведувајќи дека тоа е причината за видливите модринки на рацете, кои повторно покренаа прашања за неговото здравје во последните месеци.
„Велат дека аспиринот е добар за разредување на крвта, а јас не сакам густа крв да ми тече низ срцето. Сакам убава, ретка крв. Дали тоа има смисла?“, рече Трамп во интервју за „Волстрит Журнал“ (WSJ).
Американскиот претседател изјави и дека лекарите го советувале да зема помала доза, но дека тој зема поголема доза со години, истакнувајќи дека тоа може да предизвика модринки.
Во интервјуто, Трамп зборуваше и за медицинското снимање извршено во октомври, наведувајќи дека не станува збор за магнетна резонанца, туку за компјутеризирана томографија, која, според лекарите, е спроведена за да се исклучат кардиоваскуларни проблеми и дала добри резултати.
Претседателот, исто така, потврди дека има проблеми со оток на долниот дел од нозете, за што Белата куќа претходно објави дека е резултат на хронична венска инсуфициенција, како и дека не сака да носи компресивни чорапи или да се занимава со редовна физичка активност.
Кога беше прашан за ситуации кога изгледал поспан на јавни настани и за својот слух, Трамп одговори дека не заспива, но дека понекогаш ги затвора очите затоа што му е удобно, додека проблемите со слухот ги опиша како минимални.
Според CNN, интервјуто се смета за еден од најобемните разговори што Трамп ги имал со новинарите за неговото здравје, во време на зголемено внимание на јавноста поради неговата возраст, способноста за извршување на своите должности и транспарентноста во врска со медицинските податоци.
Модринки на неговата десна рака се забележани и претходно, но тие добија дополнително внимание откако се обиде да ги покрие со шминка и завои.
Личниот лекар на Трамп, Шон Барбабела, изјави за WSJ дека тој зема 325 милиграми аспирин дневно.
Медицинските експерти наведуваат дека аспиринот го намалува згрутчувањето на крвта, но го зголемува ризикот од крварење, поради што секојдневната употреба кај постарите лица се препорачува сè помалку во последните години.
Професорот по медицина од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, Џонатан Рајнер, оцени дека презентираните информации покренуваат повеќе прашања отколку одговори, наведувајќи дека е невообичаено една таблета аспирин дневно да предизвика такви модринки, пренесува Танјуг. Барбабела, од друга страна, рече дека Трамп „останува во исклучителна здравствена состојба“, нагласувајќи дека медицинските наоди покажуваат одлично метаболичко и кардиоваскуларно здравје.
Свет
Словачкиот министер за одбрана: Украина никогаш нема да се приклучи на НАТО
Словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак изјави за словачката новинска агенција „TASR“ дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО и остро ги критикуваше постапките на групата земји што ѝ помагаат на Украина.
Според него, Европската Унија не треба да се меша во прашањата за колективна одбрана бидејќи оваа работа треба да остане во надлежност на НАТО. Тој верува дека постоењето на два командни системи не може да обезбеди ефикасна одбрана.
Калињак, исто така, предупреди дека евентуалната заедничка европска армија би претставувала важен чекор кон федерализација на Европа. „Или сме во НАТО и тогаш не ни треба, или сме во Европа“, рече тој.
Тој го повтори својот став дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО и додаде дека ќе има проблеми и со приклучувањето кон Европската Унија. Калињак рече дека коалицијата не направила ништо конкретно. „Дали испратила војници? Не. Секако дека не“, нагласи тој.
Свет
Швајцарскиот претседател за пожарот: Драма од невидени размери, животите особено на младите, беа брутално прекинати
Швајцарскиот претседател Гај Пармелен денес изјави дека пожарот што избувна во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана на новогодишната ноќ е една од најлошите трагедии што ја погодиле таа земја, а командантот на кантоналната полиција Фредерик Жизле рече дека околу четириесет лица загинале во пожарот, а 115 се повредени.
„Тоа е драма од невидени размери. Животите на многумина, особено на младите, беа брутално прекинати“, рече Пармелен, според швајцарскиот весник „Темп“.
Тој ги пофали швајцарските кантони за нивната мобилизација за помош и солидарност, а им се заблагодари и на соседните земји кои понудија помош, пред сè на Германија, Италија и Франција.
Тој оцени дека станува збор за „страшен контраст“, бидејќи трагедијата се случила во одморалиште посветено на забава.
Пармелен изјави дека знамињата во Федералната палата ќе бидат спуштени на половина копје во следните пет дена.
Претседателот на Државниот совет, Матија Ренар, изјави дека ќе биде потребно долго време за да се идентификуваат телата на жртвите.
Претседателот на Кран-Монтана, Никола Феро, им вети на семејствата на жртвите поддршка од таа општина.
Сите повредени беа згрижени, првенствено во Лозана и Цирих, со тешки изгореници.
„Темп“ објави дека веројатно ќе биде побарана помош од болниците во Италија и Франција.
Приоритет, како што беше наведено на денешната прес-конференција, ќе биде идентификацијата на мртвите.
Властите веруваат дека меѓу загинатите има луѓе од различни националности, но официјалните лица велат дека ќе бидат потребни недели за да се идентификуваат.
Голем број странски туристи беа меѓу повредените во пожарот.
Медиумите известуваат дека повеќето од присутните гости биле на возраст меѓу 15 и 20 години.
Полицијата потврди дека не станува збор за терористички напад, а засега властите не ги коментираат наводите за можните причини за пожарот.

