Свет
Украинскиот шеф на дипломатијата против употреба на руската вакцина „Спутник V“
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, изјави дека е против употребата на руската вакцина „Спутник V“ против Ковид-19 поради пропагандниот ефект, пренесува ТАСС.
„Би сакал јасно да кажам дека пропагандните способности на ‘Спутник V’ ги надминуваат нејзините реални способности и ефективност. Како член на владата, јас би бил против оваа одлука. Бидејќи Русија не се грижи за здравјеto на Украинците. Tаа се грижи за наметнување на своите пропагандни клишеа и идеологија со набавка на вакцината дури и ако е ефективна“, рече Кулеба за украинскиот ТВ-канал 1 + 1.
„Постои фактор што е многу поважен од гледна точка на интересите на Русија отколку медицинскиот. Тоа е пропагандниот фактор“, тврди украинскиот шеф на дипломатија.
Минатата недела украинското Министерство за здравство изјави дека е невозможно да се регистрира „Спутник V“ во земјата пред крајот на третата фаза од клиничките студии. Во исто време, Виктор Медведчук, шефот на политичкиот совет на партијата Опозициска платформа – За живот, изјави дека ваквиот став нема никаква врска ниту со медицината ниту со интересите на украинските граѓани.
Претходно, тој објави дека фармацевтската компанија „Биолец“ во Харков доставила документи за државна регистрација на „Спутник V“, вклучувајќи го и нејзиното производство во земјата и вакцинација на жителите.
Во исто време, украинскиот премиер Денис Шмигал извести дека Киев води разговори со сите производители на вакцини во светот освен со руските. За возврат, украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека земјата наскоро ќе почне вакцинација од големи размери со вакцината на Кина.
На 30 декември беше објавено дека Киев склучил договор за добивање на повеќе од 1,9 милиони дози на препаратот произведен од кинескиот „Синовак биотек“, а првата серија од 700.000 дози се очекува во февруари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски го разреши главниот телохранител по обидот за атентат
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отпушти шефот на агенцијата одговорна за неговата заштита. Промената дојде откако двајца службеници на агенцијата беа приведени за планирање на атентатот на Зеленски.
Разрешувањето на шефот на Државната стражарска служба (УДО) Серхиј Руд е објавено со указ на претседателската веб-страница. Причината за отказот не беше наведена. Руд беше назначен за главен телохранител на Зеленски во октомври 2019 година. Се уште не е објавено кој ќе го замени.
Двајца полковници обвинети за предавство
Задачата на УДО е да обезбеди безбедност на украинскиот претседател и високи владини претставници, како и заштита на административните згради.
Претходно оваа недела беше објавено дека се уапсени двајца безбедносни службеници кои наводно биле вклучени во руски заговор за атентат врз Зеленски. Двајца полковници на УДО се обвинети за „субверзивни активности против Украина во замена за финансиска компензација“, соопшти канцеларијата на главниот украински обвинител.
Двајцата беа обвинети за предавство, додека еден беше обвинет за подготовка на терористички акт.
Свет
Државната дума на Русија го именуваше Михаил Мишустин за премиер
Државната дума на Русија на пленарниот состанок усвои предлог за резолуција за именување на Михаил Мишустин за премиер.
За овој предлог гласаа 375 пратеници, 57 беа воздржани, додека ниту еден од пратениците не гласаше против, пренесува РИА Новости.
Новиот премиер треба да поднесе предлози за структурата на федералните извршни тела до претседателот на Русија најдоцна една недела по неговото именување.
Свет
Стинг и „Колдплеј“ бараат ослободување на иранскиот рапер осуден на смрт
Активистите за човекови права, заедно со 100 музичари, вклучувајќи ги Стинг и „Колдплеј“, бараат ослободување на иранскиот рапер Тумај Салехи, осуден на смрт поради поддршка на масовните протести во Иран есента 2022 година. „Смртната пресуда на Салехи е кулминација на три години судско вознемирување вклучувајќи апсење, затворање и тортура“, се вели во петицијата на лондонската организација Index on Censorship.
Во многу од неговите песни пејачот го привлече вниманието на состојбата со човековите права во Иран. Во октомври 2023 година на Салехи му беше доделена наградата за слобода на изразување од страна на Index on Censorship.
„Мора да се дозволи уметноста да критикува, провоцира, преиспитува и предизвикува авторитет“, велат потписниците.
„Ниту еден уметник не треба да биде подложен на каков било вид судско малтретирање поради остварување на своето право на слобода на изразување, а камоли да биде осуден на смрт“.
Смртната казна за Салехи беше објавена на крајот на април. Оваа вест предизвика незадоволство во Иран и други земји во светот. Властите донесоа одлука во врска со поддршката на Салехи за масовните протести во Иран во есента 2022 година. Во минатото раперот со своите текстови ги критикува социјалните и политичките проблеми во земјата.