Свет
ОН: Повеќе од 100 медицински работници и работници за итна помош загинаа во Либан

Канцеларијата на ОН за човекови права денеска објави дека повеќе од 100 медицински работници и работници за итна помош се убиени во Либан од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах.
Конфликтот избувна кога групата поддржана од Иран започна напади како поддршка на палестинската милитантна група Хамас на почетокот на војната во Газа. Конфликтот ескалираше во последните недели кога Израел бомбардираше делови од Бејрут.
„Повеќе од 100 медицински и итни работници се убиени ширум Либан од октомври минатата година“, изјави портпаролката Равина Шамдасани на брифингот во ОН, цитирајќи ги бројките собрани од хуманитарната канцеларија на Обединетите нации.
„Имавме неколку извештаи за воздушни напади врз медицински центри и смрт на болничари и пожарникари“, рече таа.
Портпаролот на Светската здравствена организација Кристијан Линдмаер изјави дека од 17 септември имало 18 напади врз здравствени установи во Либан, при што загинале 72 здравствени работници.
Израел вели дека цели на воени објекти во Либан и Газа и презема чекори за да го ублажи ризикот од цивилни жртви. Тој ги обвинува Хезболах и Хамас дека се кријат меѓу цивилите, што тие го негираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Украина потврди напад врз најголемиот руски нафтен терминал на Балтикот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека специјалните единици на украинската служба за безбедност (СБУ) нанеле значителна штета на најголемиот руски нафтен терминал на Балтичкото Море во Приморск.
„Најефикасните санкции се пожарите во руските рафинерии и терминали. Го ограничивме рускиот нафтен сектор, а со тоа и нивната воена машина“, изјави Зеленски во своето вечерно обраќање.
Зеленски се заблагодари на украинските специјални сили за „одлично завршената работа“ и најави натамошно јакнење на домашното производство на оружје.
Нападот, кој се случи на 12 септември, резултираше со пожар во нафтенoто пристаниште Приморск, а според медиумските извештаи, оштетени се и два руски танкери.
Регион
Невреме ја зафати Србија, два авиони кружат на небото чекајќи подобри услови за слетување

Силна бура со грмотевици го погоди Белград, поради што два авиона не можат да слетаат веќе некое време. Станува збор за летови од Виена и Анкара, а овие два авиона кружат над Смедерево.
Бурата придружена со грмотевици и дождови ја погоди цела Србија, а потоа и Белград. Црни облаци се надвиснаа над главниот град. Републичкиот хидрометеоролошки завод предупредува дека се очекува силен град и бурни ветрови, пишува „Телеграф“.
Србија е под влијание на циклони и студени фронтови, кои носат посилна промена на времето, со дожд и грмежи.
Свет
Катар: Ќе продолжиме да се бориме за мир и покрај израелското дивјаштво

Катар остро го осуди најновиот израелски напад во Доха, при што загинаа шест лица, меѓу нив и катарски безбедносен функционер, но истовремено вети дека нема да се повлече од посредничките напори за прекин на војната во Газа.
„Израелското дивјачко однесување нема да нѐ поколеба да ги продолжиме искрените напори заедно со Египет и Соединетите Држави за ставање крај на овој војна“, изјави катарскиот премиер и министер за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани на состанокот на високи дипломати од арапските и исламските земји во Доха.
Ал Тани предупреди дека нападот може да ги поткопа преговорите за примирје и ослободување на заложниците, кои со месеци се во ќор-сокак.
Во неделата во Доха се собраа министрите за надворешни работи на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИС) во пресрет на итниот самит што ќе се одржи во понеделник. Целта е усогласување заеднички став околу израелскиот напад врз Катар, кој предизвика глобална осуда и дури ретки критики од американскиот претседател Доналд Трамп.
„Овој самит ја отсликува пошироката арапска и исламска солидарност со Катар во соочувањето со израелската кукавичка агресија“, изјави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџид ал-Ансари.
Според катарските медиуми, лидерите на самитот ќе разгледуваат неколку можности – од недвосмислена осуда на нападот и координиран дипломатски притисок врз Израел на меѓународните форуми, па сè до економски мерки што би можеле да прераснат и во бојкот.
Израел, според официјалните извори, целел врз лидерите на Хамас во егзил. Меѓу жртвите е и синот на Халил ал-Хаја, една од највлијателните личности на Хамас во странство, како и неговиот началник на штаб.
Хамас соопшти дека врвното раководство го преживеало обидот за атентат, но нападот остави сериозни последици врз регионалните дипломатски иницијативи и дополнително ја заостри кризата околу војната во Газа.