Свет
ОН: 114 милиони луѓе се насилно раселени во светот, тоа е рекорд
Повеќе од 114 милиони луѓе во светот во моментот се присилно раселени, што е најголем број досега, објавија Обединетите нации.
„Бројот на раселени лица поради војна, прогон, насилство и кршење на човековите права во светот веќе веројатно надмина 114 милиони на крајот на септември“, објави Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР).
Во првата половина на 2023 година главната причина за раселување на населението беа конфликтите во Украина, Судан, Мјанмар и во Демократска Република Конго, но и долгорочната хуманитарна криза во Авганистан и комбинацијата од суша, поплави и несигурност во Сомалија.
Повеќе од половина од раселените мораа да ја преминат границата, додава Агенцијата. Речиси една третина од раселените во светот се жители на три земји – Авганистан, Сирија и Украина.
„Вниманието на светот во моментот е насочено кон хуманитарната катастрофа во Газа. Но, на меѓународно ниво многу конфликти се шират и се интензивираат одземајќи невини животи и протерувајќи ги луѓето од нивната татковина“, рече шефот на агенцијата на ОН, Филипо Гранди.
Во својот извештај, кој дава податоци за првата половина на 2023 година, УНХЦР проценува дека во светот во средината на јуни имало 110 милиони раселени лица, што е 1,6 милион повеќе отколку во истиот период во 2022 година.
Агенцијата забележува дека во следните три месеци тој број уште повеќе се зголеми и на крајот на септември достигна 114 милиони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Стармер загуби уште еден советник поради аферата со Епстин: шефот за комуникации поднесе оставка
Шефот за комуникации на премиерот Кир Стармер, Тим Алан, денес поднесе оставка, велејќи дека тоа го отвора патот за нов тим кој ќе го поддржи британскиот лидер, кој е критикуван поради неговата одлука да го назначи Питер Манделсон за амбасадор во Соединетите Американски Држави.
Заминувањето на Алан доаѓа само еден ден откако најблискиот помошник на Стармер, Морган МекСвини, поднесе оставка од функцијата шеф на кабинетот, велејќи дека ја презема одговорноста да му препорача на премиерот да го назначи Манделсон, чии блиски врски со покојниот сексуален престапник Џефри Епстин ја доведоа во прашање проценката и способноста на Стармер да владее, пишуваат медиумите.
Стармер им се обрати на вработените во неговата канцеларија на Даунинг стрит, повикувајќи ги да останат обединети. „Мора да докажеме дека политиката може да биде силата на доброто“, им рече тој.
„Верувам дека може. Верувам дека е. Ајде да продолжиме понатаму. Ајде да продолжиме со доверба додека продолжуваме да ја менуваме земјата.“
Британскиот премиер продолжува со својата работа и нема намера да се повлече, изјави неговиот портпарол кога беше прашан дали Стармер има намера да поднесе оставка поради случајот Манделсон.
Лидерот на опозициската Конзервативна партија, Кеми Баденох, го обвини Стармер дека е неспособен да ја води својата влада.
„Тој е како пластична кеса што се разнесува на ветерот. Треба да се собере и ако не може да го направи тоа, тогаш некој друг во Лабуристичката партија треба да го стори тоа или треба да имаме избори“, изјави Баденох за „Скај њуз“.
Свет
Калас: Кремљ не ги сфаќа сериозно мировните преговори, ќе бидат принудени да направат вистински отстапки
Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, изјави дека Кремљ не ги сфаќа сериозно преговорите за Украина и дека Брисел размислува за назначување специјален претставник кој би ги претставувал 27-те членки на Унијата на преговарачката маса.
Во интервју за порталот „Јуроњуз“ Калас предупреди дека мировните напори околу Украина ризикуваат зајакнување на руската агресија доколку Москва не биде принудена да направи вистински отстапки.
Таа ги изрази своите стравувања за преговорите меѓу Русија и Украина, кои беа посредувани од САД и кои досега не дадоа резултати. Таа оцени дека застојот во преговорите покажува недостаток на сериозност на Кремљ, бидејќи Украина е под притисок да се согласи на отстапки.
„Тие (руските преговарачи) навистина немаат сериозни луѓе на масата“, рече Калас, додавајќи дека од оваа рунда преговори не се очекува ништо.
Високата претставничка за надворешна политика призна дека за прв пат од почетокот на големата инвазија на Украина, администрацијата на Трамп ги донесе двете страни на преговарачка маса, но таа истакна дека постои очигледна нерамнотежа помеѓу она што се бара од Киев и она што се бара од Москва.
„Видовме само каде Украинците се подготвени да направат отстапки за да се стави крај на војната. Не видовме никакви отстапки од руската страна“, изјави Калас за „Јуроњуз“.
Калас рече дека болните отстапки, главно во врска со територијата, се наменети само за Украинците. Таа истакна дека на Украинците е да одлучат за какви отстапки се подготвени и предупреди против руските преговарачки тактики.
Додаде дека Русите бараат максимум, нешто што никогаш не било нивно, дека тие упатуваат закани и ултиматуми, користат сила.
Во меѓувреме, се повеќе има повици ЕУ да назначи специјален пратеник кој ќе го претставува блокот и ќе ја поддржува Украина во преговорите.
Калас не сакаше да шпекулира со имиња за таа позиција, но истакна дека фокусот треба да биде на мандатот и целта на назначувањето на претставникот.
„Поентата во моментов не е за личноста, туку за тоа што и колку сакаме да добиеме со тоа назначување“, изјави шефицата на дипломатијата на ЕУ за „Јуроњуз“. „Ако Русите мислат дека постигнуваат максимални цели со Американците, зошто би разговарале со Европејците“, праша таа.
Наместо тоа, Калас верува дека Русија мора да се стави во позиција каде што „транзитира од преправање дека преговара кон вистинско преговарање“, што би барало сила и единство на Западот.
Свет
(Видео) Филмски напад во Италија: разбојници дигнаа во воздух возила за транспорт на пари
Драматичен вооружен напад врз возило за транспорт на готовина се случи утрово на автопатот во Италија, кој ги поврзува Лече и Бриндизи. Инцидентот се случил во близина на градот Тутурано, а според првичните информации, имало и пукање, објавува „Раи њуз“.
Во брза операција на полицијата во Лече се уапсени две лица осомничени дека се членови на банда. Тие беа лоцирани во северната област Саленто, каде што органите на редот веднаш започнаа потрага. Истрагата е во полн ек бидејќи се бараат и други членови на групата.
Un furgone portavalori è stato assaltato sulla statale 613, la superstrada che collega Lecce a Brindisi, all’altezza di Tuturano. Secondo le prime informazioni, ci sarebbe stato un conflitto a fuoco con i Carabinieri, ma non risultano feriti. Le immagini mostrano il momento in… pic.twitter.com/CcuqIu5kaf
— La Sicilia (@lasiciliait) February 9, 2026
Според написите, напаѓачите дигнале во воздух две возила за транспорт на готовина, објавува „Раи њуз“.
За да го нападнат, разбојниците блокирале друго возило на патот и го запалиле. Пожарникарите и полицијата веднаш пристигнале на местото на настанот.
По нападот, државниот пат Бриндизи-Лече беше привремено затворен за сообраќај во двата правци. Според компанијата Анас, одговорна за одржување на патиштата, затворањето се однесува на делница од 8,3 до 12,8 километри, во областа Сан Пјетро Вернотика. Екипите на Анас и полицијата се на местото на настанот, го регулираат сообраќајот и работат на воспоставување нормални услови што е можно поскоро, се вели во соопштението.

