Свет
„Опкружувањето станува поопасно“: Фон дер Лајен вели дека проширувањето на ЕУ е во нејзин интерес, а тоа треба да им се објасни на луѓето
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Сплит изјави дека е клучно да им се објасни на европските граѓани дека проширувањето на Европската Унија е во нејзин интерес, особено имајќи го предвид поопасното и понепредвидливо геополитичко опкружување.
Војната на Русија против Украина докажа дека постои силна потреба Европа да се приспособи на поопасна и понепредвидлива геополитичка средина, рече таа и нагласи дека „дел од таа адаптација е и проширувањето на Унијата.
На студиските денови на Европската народна партија (ЕПП) во Сплит, Фон дер Лајен истакна дека е многу важно да им се објасни на земјите членки и на граѓаните дека, како што наведе, „во новото геостратешко опкружување проширувањето на тема заслугата нè зајакнува и е во наша корист“, пренесе „Хина“.
Фон дер Лајен ова го изјави на прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот на ЕПП, Манфред Вебер.
Таа додаде дека Унијата ги засилила напорите кон одбранбена унија и ги зајакнала врските со сојузниците на НАТО и другите доверливи партнери.
Унијата досега има обезбедено воена и финансиска помош за Украина со повеќе од 81 милијарда евра.
Руската уцена со енергетски производи не успеа бидејќи Европа се ослободи од зависноста од руските енергетски производи, а цените паднаа на предвоените нивоа.
Сепак, рече претседателот на ЕК, од клучно значење е ЕУ да работи на развој на чисти технологии бидејќи тие ја зајакнуваат нејзината независност и конкурентноста и отвораат нови работни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина предупредува: Повлекувањето на САД од 66 меѓународни организации го поткопува глобалниот поредок
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на Соединетите Американски Држави од дури 66 меѓународни организации, според оценките на кинеските аналитичари, претставува тежок удар врз глобалниот систем на управување, а истовремено отвора и можности и предизвици за Кина. Додека набљудувачите предупредуваат на долгорочни последици за американското лидерство и создавање вакуум на моќ во клучни области како климата и безбедноста, од Пекинг пристигнуваат остри предупредувања.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, го опиша континуираното повлекување на Вашингтон од мултилатерализмот како потег што „веќе не е новост“, но предупреди дека тој ги поткопува темелите на глобалниот поредок со Обединетите нации во неговиот центар.
„Само функционален мултилатерален систем може да го спречи ‘ширењето на законот на џунглата’ и враќањето на ‘правото на посилниот’ и логиката дека ‘силата е правда’“, порача Мао.
Трамп во средата потпиша извршна наредба со која се суспендира американската поддршка за 31 агенција на Обединетите нации и уште 35 други организации. Како што се наведува во соопштението на Белата куќа, станува збор за тела „кои дејствуваат спротивно на американските национални интереси, безбедноста, економскиот просперитет или суверенитетот“.
Многу од погодените тела се занимаваат со климата, трудот и миграциите, а администрацијата на Трамп ги обвинува за промовирање „воук“ иницијативи. Најзначајна меѓу нив е Рамковната конвенција на ОН за климатски промени – договор што ги поддржува сите главни меѓународни климатски договори.
Излегувањето од климатската рамка на ОН, кое следи по повлекувањето од историскиот Париски договор на почетокот од минатата година, сигнализира поширок тренд на американско напуштање на мултилатерализмот, смета Ли Шоу, директор на Кинескиот климатски центар при Asia Society Policy Institute.
Ли го нарече американското повлекување „тежок удар врз глобалната климатска акција, кој го разградува тешко постигнатиот консензус и претставува најсериозен предизвик за меѓународните климатски напори од усвојувањето на Парискиот договор“. „За светот, одлуката на претседателот Трамп поставува остро прашање: како може да се реши глобалната криза без учество на највлијателната светска сила?“, праша Ли.
Уште од својот прв претседателски мандат, Трамп ги повлече САД од повеќе тела на ОН, вклучително и од Светската здравствена организација, и драстично го намали финансирањето на бројни агенции, принудувајќи ги да ги намалат своите операции.
Шен Дингли, експерт за меѓународни односи од Шангај, објаснува дека обединувачката логика зад овој пристап е политиката „Америка на прво место“, која договорите и организациите ги третира како потрошни алатки. „Соединетите Држави отсекогаш биле мешавина од идеализам и реализам“, изјави Шен. „Од реалистична перспектива, тие ги користат меѓународните организации кога им се корисни и ги отфрлаат кога не се. Тоа нема врска со идеологија, туку исклучиво со корисност.“
Свет
Мелони: Не би поддржала американски напад врз Гренланд, но тие мора да бидат таму
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, денеска изјави дека не верува оти Соединетите Американски Држави ќе употребат воена сила за анексија на Гренланд, предупредувајќи дека таков потег би имал тешки последици за НАТО.
На традиционалната новогодишна прес-конференција, Мелони додаде дека постои потреба од „сериозно и значајно“ присуство на НАТО во арктичкиот регион, вклучително и на Гренланд.
„И понатаму не верувам во хипотезата дека Соединетите Американски Држави би покренале воена акција за да ја преземат контролата врз Гренланд, опција што очигледно не би ја поддржала“, рече Мелони.
„Тоа не би било ни во интерес на САД“
„Верувам дека тоа не би било во ничиј интерес. Мислам дека тоа не би било ни во интерес на Соединетите Американски Држави, да бидам јасна“, додаде италијанската премиерка.
Операцијата на американската војска во која беше соборен лидерот на Венецуела повторно ја поттикна загриженоста околу американските намери кон Гренланд. Белата куќа во вторникот соопшти дека САД разгледуваат повеќе опции за преземање на Гренланд, меѓу кои и употреба на воена сила.
„На сите им е јасно дека тоа значително би влијаело врз НАТО“
Мелони, која важи за една од најблиските европски сојузнички на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека „на сите им е јасно“ оти секој американски потег поврзан со Гренланд би имал значително влијание врз НАТО. Таа додаде дека токму тоа е причината зошто не верува дека Вашингтон ќе ги реализира своите закани.
Сепак, истакна дека е важно НАТО да го засили своето присуство во арктичкиот регион, како и да ја разбере загриженоста на САД околу потребата од спречување на „прекумерно мешање на други актери кои би можеле да бидат и непријателски расположени“.
Свет
Писмо од Трамп до Орбан: поддршка пред изборите во Унгарија
Американскиот претседател Доналд Трамп му посакал многу среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, во писмо што Орбан го објави на својата „Фејсбук“ страница.
Двајцата лидери се сретнаа во Белата куќа на 7 ноември, каде што Трамп му одобрил на Орбан едногодишно изземање од американските санкции за руската енергија, со што бил спречен пораст на цените што сериозно би го погодил унгарското стопанство, изјави Орбан.
Во своето писмо, Трамп наведува дека храброто водство на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додава дека со нетрпение очекува продлабочување на соработката во областа на одбраната, енергетиката и илегалните миграции.
„Отсекогаш цврсто ги браневте принципите што ја прават Унгарија толку извонредно место – верата, семејството и суверенитетот“, напишал Трамп во писмото од 10 декември.

