Свет
Нагорно-Карабах престанува да постои како самопрогласена република од јануари, досега избегаа 65.000 Ерменци
Претседателот на самопрогласената Република Нагорно-Карабах, Самвел Шахрамањан, потпиша указ за распуштање на сите институции од 1 јануари в година, соопштија денеска властите на претежно ерменскиот регион.
Таа самопрогласена република ќе престане да постои од тој датум, според указот, пренесува „РИА новости“.
„Донесена е одлука: до 1 јануари 2024 година да се распуштат сите државни институции и организации од нивната одделенска надлежност и Република Нагорно-Карабах да престане да постои“, се наведува во декретот.
Во документот се посочува дека тоа е направено врз основа на приоритетот за обезбедување физичка безбедност и виталните интереси на народот на Карабах, како и земајќи го предвид договорот со Азербејџан што беше постигнат со посредство на руските мировни сили.
Населението на Нагорно-Карабах, вклучително и оние што се наоѓаат надвор од нејзините граници, се поканети да се запознаат со условите за реинтеграција што ќе ги обезбеди Азербејџан, со цел самостојно да одлучува за можноста да остане во регионот во иднина.
Регулативата стапи во сила веднаш по објавувањето.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан смета дека за неколку дена повеќе нема да има Ерменци во Нагорно-Карабах, кои масовно го напуштаат регионот.
„Анализите покажуваат дека во наредните денови нема да има Ерменци во Нагорно-Карабах. Ова е директен чин на етничко чистење и депортација за што долго време ја предупредувавме меѓународната заедница“, рече Пашинјан на владиниот состанок, јавува „Тасс“.
Според ерменскиот вицепремиер, Тигран Хачатријан, утрово, до 9 часот, повеќе од 66.000 пристигнале во Ерменија од Нагорно-Карабах, што е повеќе од половина од 120.000 жители на непризнатата република.
Околу 11.000 луѓе веќе добиле сместување во Ерменија, а на некои од бегалците, како што пренесува руската агенција, не им е потребна помош од ерменската влада.
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, го посети градот Џабраил во Нагорно-Карабах, каде што ги обиколи градежните работи, соопшти неговиот кабинет.
Алиев го посети Џабраил неколку дена откако азербејџанските сили ја вратија контролата врз планинскиот регион во молскавична воена операција, јавува „Ројтерс“.
Џабраил, кој беше окупиран од сепаратистичките ерменски сили во 90-тите за време на распадот на Советскиот Сојуз, се врати под контрола на Азербејџан за време на кратката војна во 2020 година.
Претседателството на Азербејџан не прецизира кога се случила посетата, но тоа е веројатно прво патување на Алиев во Нагорно-Карабах по азербејџанската офанзива.
На 19 септември Азербејџан почна воена операција во Нагорно-Карабах нарекувајќи ја „антитерористички мерки од локална природа“ за враќање на уставниот поредок во регионот.
Ереван ги карактеризира овие акции како агресија велејќи дека нема ерменски единици во Нагорно-Карабах.
Еден ден подоцна, со посредство на руските мировни сили, беше постигнат договор за прекин на огнот, а меѓу условите на примирјето особено беше истакнато разоружувањето на ерменските формации.
На 21 септември во азербејџанскиот град Јевлах се одржа состанок на претставници на Ерменците од Карабах со делегацијата на Азербејџан, посветен на интеграцијата на регионот во Азербејџан.
Од утринава повеќе од 65.000 луѓе, од вкупно 120.000 етнички Ерменци што живеат во регионот, веќе го напуштиле Нагорно-Карабах, покажуваат најновите податоци на властите во Ереван.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија: Вративме шест украински деца на нивните семејства
Руските власти во средата, по посредство на Катар, предале шест украински деца приведени во Русија на нивните роднини, објави руската државна агенција „Тасс“.
Шест момчиња на возраст од 6 до 17 години, меѓу кои и двајца браќа, беа вратени на нивните семејства во Амбасадата на Катар во Москва во присуство на претставникот на комесарот за детски прашања на Кремљ, Марија Лвова-Белова.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) води кривична постапка против неа и рускиот претседател Владимир Путин за депортација на деца.
Западот го обвинува Кремљ дека организирал депортација на илјадници малолетници од Украина.
Украина бара враќање на речиси 20.000 малолетници, кои биле „депортирани или насилно раселени“ во Русија од почетокот на рускиот напад врз Украина на 24 февруари 2022 година.
Пред повеќе од една година МКС издаде налог за апсење на Владимир Путин и Лвова-Белова за депортација на деца.
Европа
Командант на шведската армија: Путин го сака островот Готланд, ако нападне, почнува војна со НАТО
Рускиот претседател Владимир Путин го сака шведскиот остров Готланд, предупреди шефот на шведското Министерство за одбрана, Микаел Биден.
Готланд, најголемиот остров во Шведска, споредлив по големина со Род Ајленд, е стратешки лоциран во средината на Балтичкото Море, помеѓу Стокхолм и руската ексклава Калининград.
Руското Министерство за одбрана објави план за проширување на територијалните води во Балтичкото Море, што предизвика меѓународна загриженост.
„Сигурен сум дека Путин со двете очи гледа во Готланд. Целта на Путин е да ја добие контролата над Балтичкото Море“, рече Биден, врховен командант на вооружените сили на Шведска.
„Ако Русија ја преземе контролата во Балтичкото Море, тоа би имало огромно влијание врз нашите животи – во Шведска и сите други земји што граничат со Балтичкото Море. Не можеме да го дозволиме тоа“, рече Биден.
„Балтичкото Море не смее да стане игралиште на Путин“, додава тој.
По демилитаризацијата во 2005 година, Шведска повторно воведе постојани трупи во Готланд во 2016 година по руската анексија на украинскиот полуостров Крим. Шведска исто така стана најновата членка на НАТО во март, што значи дека е опфатена со членот 5 од алијансата, кој гарантира дека сите други членки застануваат во меѓусебна одбрана доколку бидат нападнати.
„Ако Путин го нападне Готланд, тој може да им се закани на земјите на НАТО од морето. Тоа би бил крај на мирот и стабилноста во нордиските и балтичките региони“, рече Биден.
Регион
Утре ќе биде погребан убиецот од Тузла: ги уби сопругата и двете деца, а потоа скокна од зграда
Погребот на Мујага Чичкошиќ, кој пред неколку дена во тузланската населба Ступине ги уби сопругата и двете деца со секира, а потоа се самоуби скокајќи од зграда, ќе се одржи утре, 23 мај.
Погребот ќе се изврши во 16 часот пред џамијата во Шевар, а погребот ќе биде на гробиштата во Шевар.
Чичкошиќ делото го извршил со секира, убиството детаљно го испланирал, секирата ја купил на пазар, а во креветче убил двегодишно дете.
Убил уште едно деветгодишно дете во аголот на станот. Мајката Амела се обидела да спречи сè, но не успеала.