Европа
Две престрелки во Шведска, експлозија на бомба разнесе куќа, тројца загинати
Шведска забележа рекорден број смртни случаи од пукање овој месец од почетокот на евиденцијата во 2016 година. Две лица загинаа во одвоени престрелки синоќа, со што месечниот биланс на загинати се искачи на 11. Уште едно лице загина утрово по експлозија на бомба.
Земјата беше потресена од смртоносен бран престрелки и експлозии во последните недели. Се претпоставува дека повеќето од овие настани се поврзани со расколот во бандата „Фокстрот“. Во првото пукање синоќа 18-годишник беше убиен на спортски терен во Малархојден, југозападно предградие на Стокхолм.
Околу полноќ уште еден маж е убиен во Јордбро, јужно од Стокхолм. 25-годишна девојка утрово почина во болница од повредите добиени во експлозија на бомба во Сторврета, пред Упсала, универзитетски град северно од главниот град. Експлозијата во која беа оштетени пет куќи полицијата ја третира како убиство. Шведските медиуми наведуваат дека жената што загинала, најверојатно, не била цел.
Три лица се приведени под сомнение дека учествувале во престрелката во Јордбро, а двајца се уапсени за експлозијата во Упсала, која била толку бурна што биле оштетени фасадите на две куќи. Портпаролот на полицијата, Магнус Јансон Кларин, изјави дека полицијата работи на истрага и спречување нови акти на насилство.
„Ова не е забавно утро за будење“, изјави тој за телевизијата СВТ. Веќе неколку години Шведска е зафатена со конфликт меѓу бандите, кои се борат за трговија со оружје и дрога. Честа цел на напади се сметаат роднините на членовите на криминалните мрежи.
„Невозможно е да се следат сите. Има многу роднини. Знаеме дека некои луѓе си заминаа и отидоа на сигурно на нови адреси… тоа е многу напната ситуација“, нагласи Јансон Кларин.
Шведската централно-десничарска влада ги заострува законите за да се справи со криминалот поврзан со банди.
Шефот на шведската полиција призна дека завојуваните банди донеле невиден бран насилство во земјата. Минатата година во Шведска се регистрирани 391 престрелка, од кои 62 биле фатални, а во 2021 година од огнено оружје биле убиени 45 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз, откако маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.
Европа
Продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација од 14 мај до 11 август.
Зеленски на 6 мај достави до парламентот предлог за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација за уште 90 дена, објави „Киев индепендент“.
Украинскиот парламент гласаше да го одобри продолжувањето два дена подоцна.
Тој претходно ја продолжи вонредната состојба и мобилизацијата од 14 февруари до 14 мај.
Зеленски првпат прогласи вонредна состојба и општа мобилизација на 24 февруари 2022 година, кога Русија започна напад врз Украина.
Оттогаш, мерката беше продолжена неколку пати.
Оваа мерка значи дека Украинците на возраст меѓу 18 и 60 години, со некои исклучоци, не можат да ја напуштат земјата бидејќи може да бидат повикани на воена служба.
Во април, парламентот усвои закон за ажурирање на правилата за мобилизација додека земјата се обидува да ги надополни редовите на своите вооружени сили.