Европа
Генерален штрајк – илјадници демонстранти на улиците на Барселона

Барселона и цела североисточна Каталонија денеска се блокирани поради многубројни штрајкови и демонстрации организирани во знак на протест против изречените затворски казни за каталонските сепаратисти.
Генералниот штрајк е организиран на повик од синдикатите кои се залагаат за независност на Каталонија, а илјадници демонстранти пристигнуваат во Барселона, каде што вечерва ќе бараат ослободување на затворените каталонски сепаратисти на масовен протест, пренесува агенцијата АП.
Шпанските власти соопштија дека 57 лета се откажани, а демонстрантите уште утрово ја блокираа границата кон Франција и уште најмалку 25 патишта.
Значително е намален и бројот на железнички линии, а затворени се и голем број продавници и фабрики.
Затворена е и познатата катедрала и препознатлива локација во Барселона, „Саграда фамилија“, бидејќи демонстранти го блокираа влезот во неа.
Здравствените власти соопштија дека 42 лица се повредени во протестите во четвртокот вечерта и оти 16 лица се уапсени, од кои осуммина се испратени во затвор.
Шпанскиот министер за внатрешни работи, Фернандо Гранде Марласка, изјави дека властите следат мала група демонстранти, која предизвикува инциденти на одредени места.
Тој додаде дека туристите може без никакви проблеми и страв за нивната безбедност да ја разгледуваат Барселона.
Во Барселона во понеделникот почнаа нови протести на Каталонците кога Врховниот суд во Мадрид осуди деветмина поранешни каталонски политичари и активисти на девет до 13 години затвор за нивната улога во неуспешниот обид да се прогласи независност на Каталонија во 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП, повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши во сабота, на 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува на погребот да присуствуваат бројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на Телеграм градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона „Шхидни“. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување на персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база, не само за стоки, туку и за опрема и персонал. Со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување на персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата започна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.