Свет
Орбан: Американските и унгарските конзервативци мора да ги здружат силите на изборите во 2024 година
Американските и унгарските конзервативци мора да ги здружат силите на изборите во 2024 година во Вашингтон и Брисел за да ги „преземат“ институциите од либералите кои ја загрозуваат западната цивилизација, изјави во четвртокот унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Унгарскиот националист Орбан, говорејќи на конзервативниот митинг во Далас, исто така рече дека на САД им треба силен лидер за да преговараат за мировен договор со Русија за да се стави крај на војната во Украина.
„Само силен лидер може да преговара за мир“, рече Орбан во обраќањето на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC), истакната американска политичка организација. „Ни треба силна Америка со силен лидер“.
Орбан не се осврна конкретно на американскиот претседател Доналд Трамп, кој јавно навести дека повторно ќе се кандидира за претседател во 2024 година. Трамп поддржа повеќе од 100 конзервативни кандидати пред овогодинешните среднорочни избори во САД.
Но, Орбан и Трамп имаа срдечни односи и унгарскиот лидер го поддржа Трамп пред гласањето во САД во 2020 година. Пред конференцијата CPAC, тој му посака успех на Трамп во видеопорака.
Како и Трамп во САД, Орбан е многу критикуван во Европа. Лидерите на Европската Унија, чиј член е Унгарија, рекоа дека тој ја поткопува демократијата со мерки кои ја ограничуваат имиграцијата и даваат контрола на неговата влада врз медиумите и невладините организации.
Орбан, кој беше реизбран за четврти последователен мандат во април, рече дека влогот е голем за 2024 година. Покрај изборите во САД, Европејците таа година ќе гласаат за места во Европскиот парламент.
„Овие две локации ќе дефинираат два фронта во борбата за западната цивилизација“, рече Орбан.
Нарекувајќи се себеси „старомоден борец за слобода“, Орбан рече дека Унгарија и неговата влада се „под опсада на прогресивни либерали“.
Тој рече дека прогресивците се обидуваат да ја одвојат западната цивилизација од нејзините христијански корени. Остриот антиимиграциски став на неговата влада, просемејната политика и отфрлањето на родовата идеологија се спротивставуваат на тие напори, додаде тој.
„Оваа војна е културна војна“, рече Орбан. „Мораме да ги ревитализираме нашите цркви, нашите семејства, нашите универзитети и нашите социјални институции“, рече тој.
Во говорот минатиот месец Орбан рече дека за разлика од Западна Европа, каде локалното население се меша со неевропски имигранти, Унгарија не е земја од „мешана раса“. Неговите зборови предизвикаа осуда од Соединетите Држави, Европската Унија, еврејските групи и академиците, пренесе Н1.хр.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Внатрешната контрола на полицијата бара суспензија на тројцата полицајци кои го испрашуваа Драгијевиќ
Смртта на Далибор Драгијевиќ, братот на осомничениот за убиството на девојчето Данка Илиќ (2) со недели е во фокусот на јавноста бидејќи обдукцијата покажала дека тој починал од насилна смрт додека бил во полициски притвор. Целиот случај со насилна смрт го истражува Секторот за внатрешна контрола (СУК), кој, според неофицијалните информации побарал суспензија на тројцата полицајци кои кобниот ден го испрашувале Драгијевиќ во станица.
Откако на 1 мај Одделот за внатрешна контрола изврши увид во полицијата во Бор, а со цел да се утврдат околностите под кои почина Драгијевиќ на 7 април, надлежните од СУК и предложија на надлежната организациска единица на Управата на полицијата да се спроведе дисциплинска постапка поведена против тројца членови на Одделението за криминалистички истраги на ЈУ Бор – Д.Б, И.С и Д.П, како и да донесе решение за времено отстранување од служба.
Според неофицијалните информации Далибор Драгијевиќ бил малтретиран од полицијата од моментот кога бил приведен поради сомнение дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на Данка.
Во текот на денот бил претепан од одредени припадници на полицијата, додека го носеле на различни локации за да им покаже каде е телото на двегодишното девојче, за што тврдел дека не знае.
Свет
Зеленски го разреши главниот телохранител по обидот за атентат
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отпушти шефот на агенцијата одговорна за неговата заштита. Промената дојде откако двајца службеници на агенцијата беа приведени за планирање на атентатот на Зеленски.
Разрешувањето на шефот на Државната стражарска служба (УДО) Серхиј Руд е објавено со указ на претседателската веб-страница. Причината за отказот не беше наведена. Руд беше назначен за главен телохранител на Зеленски во октомври 2019 година. Се уште не е објавено кој ќе го замени.
Двајца полковници обвинети за предавство
Задачата на УДО е да обезбеди безбедност на украинскиот претседател и високи владини претставници, како и заштита на административните згради.
Претходно оваа недела беше објавено дека се уапсени двајца безбедносни службеници кои наводно биле вклучени во руски заговор за атентат врз Зеленски. Двајца полковници на УДО се обвинети за „субверзивни активности против Украина во замена за финансиска компензација“, соопшти канцеларијата на главниот украински обвинител.
Двајцата беа обвинети за предавство, додека еден беше обвинет за подготовка на терористички акт.
Свет
Државната дума на Русија го именуваше Михаил Мишустин за премиер
Државната дума на Русија на пленарниот состанок усвои предлог за резолуција за именување на Михаил Мишустин за премиер.
За овој предлог гласаа 375 пратеници, 57 беа воздржани, додека ниту еден од пратениците не гласаше против, пренесува РИА Новости.
Новиот премиер треба да поднесе предлози за структурата на федералните извршни тела до претседателот на Русија најдоцна една недела по неговото именување.