Свет
Орбан оди кај Трамп, ќе се состане со поранешниот претседател на Флорида

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 8 март на Флорида ќе се сретне со поранешниот американски претседател Доналд Трамп, изјави шефот на прес-службата на Орбан, Берталан Хаваси, пренесува агенцијата МТИ.
Орбан минатиот месец ја поддржа кандидатурата на Трамп да се врати во Белата куќа по годинешните претседателски избори, а на 23 февруари рече дека се надева оти Трамп ќе се врати во Белата куќа и ќе придонесе за прекин на огнот во Украина, пренесе „Ројтерс“.
Орбан одби да испрати оружје во Украина и го критикува Западот за воведувањето санкции кон Русија. Тој постојано повикуваше на прекин на огнот и крај на војната во Украина.
„Ројтерс“ оценува дека Орбан нема најдобри односи со администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, главно поради доцнењето на Будимпешта да го ратификува членството на Шведска во НАТО.
По долго одложување, унгарскиот парламент минатата недела го одобри членството на Шведска во НАТО, а сега останува само унгарскиот претседател да го потпише законот оваа недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Турција ќе биде домаќин на НАТО самитот во 2026 година

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес објави дека самитот на Алијансата во 2026 година ќе се одржи на 7 и 8 јули во претседателскиот комплекс Бештепе во Анкара, Турција.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на Турција за домаќинството на овој важен состанок. Турција е силен сојузник на НАТО повеќе од 70 години и дава непроценлив придонес за нашата заедничка безбедност“, рече Руте.
Според него, на следниот самит, лидерите ќе продолжат да го зајакнуваат НАТО, правејќи го посилен, пофер и поефикасен сојуз, подготвен да одговори на клучните безбедносни предизвици.
Турција ќе биде домаќин на самитот на НАТО по втор пат, по Истанбул во 2004 година.
Самитите на НАТО ги собираат лидерите на сојузниците за да донесат одлуки за важни прашања со кои се соочува Алијансата.
Свет
Белата куќа: Американските сили нема да бидат распоредени во Украина

Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, одржа редовен брифинг за новинарите на кој ја разгледа средбата меѓу Трамп и Путин во Алјаска и вчерашниот историски состанок со Зеленски, лидерите на ЕУ и шефот на НАТО.
Во воведот, таа го пофали Трамп и неговите напори за завршување на војната во Украина, а потоа ги нападна одредени медиуми кои го критикуваа него и неговата администрација за средбата со рускиот претседател.
Таа истакна дека Трамп јасно испраќа до знаење дека американските сили нема да бидат распоредени во Украина.
„Претседателот јасно стави до знаење дека нема да има американски сили на терен во Украина, но ние секако можеме да помогнеме во координацијата и можеби да обезбедиме други форми на безбедносни гаранции за нашите европски сојузници“, рече Ливит.
Таа додаде дека Трамп верува дека безбедносните гаранции се од суштинско значење за траен мир и го задолжил својот тим за национална безбедност да се координира со европските партнери, како и да продолжи со дискусиите со Украина и Русија за овие прашања.
Кога новинарите прашаа што се случило со трилатералниот состанок, портпаролката на Белата куќа рече дека претседателот Доналд Трамп веќе разговарал и со Володимир Зеленски и со Владимир Путин за идејата.
„Претседателот разговарал со двајцата лидери за тоа и двајцата изразиле подготвеност да седнат еден со друг“, рече портпаролката.
Свет
Каја Калас: На Путин не може да му се верува

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјави дека Европската Унија ќе продолжи да ја таргетира воената економија на Русија и дека следниот пакет санкции против Москва треба да биде готов до следниот месец, објавува The Guardian.
Зборувајќи по виртуелниот самит на Европскиот совет за војната во Украина, еден ден по вонредниот состанок на украинските и неколку европски лидери со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, Калас нагласи дека „единството меѓу лидерите на ЕУ на денешниот виртуелен самит беше опипливо“.
Таа додаде дека ги ставила темите за безбедноста на Украина и санкциите против Русија на врвот на агендата за разговорите следната недела меѓу европските министри за надворешни работи и одбрана.
„На Путин не може да му се верува дека ќе одржи какво било ветување или обврска. Затоа, безбедносните гаранции мора да бидат доволно силни и веродостојни за да ја одвратат Русија од прегрупирање и повторно напаѓање“, напиша Калас на социјалната мрежа X.