Свет
Орбан: Финансирањето на Украина не е работа на Унгарија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека, според јавните проценки, на Украина ѝ се потребни 400 милијарди американски долари за да ја продолжи војната со Русија во следните четири години.
Тој рече дека се очекува Европската Унија да ја плати сметката, но истакна дека „не е работа на Унгарија да ја финансира Украина“, иако неговата земја е членка на ЕУ.
Орбан рече дека, освен ЕУ, нема никој друг кој е подготвен да ја плати сметката, пренесува МТИ.
„Затоа Брисел е толку вознемирен. Затоа сакаат да запленат замрзнати руски средства, да го ревидираат системот за финансирање на ЕУ и да земат нови заеми. Ние го отфрламе тоа. Не е работа на Унгарија да ја финансира Украина. Немаме причина за тоа, ниту политички, ниту економски, ниту морално. Не сме сами во Европа, но зборуваме најотворено. Затоа Брисел постојано нè напаѓа“, рече Орбан.
Тој рече, користејќи германски термин, дека ЕУ сака „влада (jawohl)“, односно влада која само ќе каже „разбирам“.
„Тие сакаат „jawohl“ влада со Канцеларија на европски јавен обвинител, економска политика што е во согласност со ЕУ, експерти одобрени од Брисел и премиер кого можат да го контролираат“, рече Орбан.
Тој најави дека владата на таа земја ќе ги поддржува унгарските семејства, компании и пензионери во следните четири години, како дел од кои ќе се воведе ослободување од данок за мајките со две или три деца, а ќе се врати 14-тата пензија.
„Не можеме да дозволиме унгарски пари да се испраќаат во Украина“, заклучи Орбан.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД распоредуваат војска близу Венецуела по прогласувањето на Мадуро за терорист
Администрацијата на Доналд Трамп би можела да добие проширени овластувања кон Венецуела откако САД го прогласија претседателот Николас Мадуро и неговите сојузници дел од странска терористичка организација „Cartel de los Soles“, пренесе CNN. Ова овозможува дополнителни санкции, но не и автоматско одобрување за употреба на смртоносна сила.
Американски претставници тврдат дека одлуката им дава пошироки воени опции во рамки на операцијата „Јужно копје“, во која во регионот се распоредени повеќе од десетина воени бродови и околу 15.000 војници.
Трамп добил различни предлози за дејствување, вклучувајќи удари врз воени или државни цели во Венецуела, но и опциja да не се интервенира. Во меѓувреме, високи воени претставници го посетија Порторико како поддршка на мисиите на Карибите.
Анкета на CBS News/YouGov покажува дека 70% од Американците се против воена акција во Венецуела. Според американски официјален претставник, Трамп се надева дека притисокот ќе го натера Мадуро да се повлече без директна интервенција.
Како знак на зголемени тензии, САД изведоа најголема воздушна демонстрација во близина на Венецуела, а три авиокомпании откажаа летови по предупредување на FAA за „потенцијално опасна ситуација“ над земјата.
Свет
Украинската амбасада: Нема планови за посетата на Зеленски на САД
Украинската амбасада во Вашингтон соопшти за „Kyiv Independent“ дека засега нема планови за посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на САД, но дека ниту една опција не е исклучена.
Одговорот следи по извештаите во американските медиуми дека Зеленски би можел да отпатува во САД оваа недела за разговори со американскиот претседател Доналд Трамп за мировните напори.
Според наведените извештаи, Зеленски и Трамп требало да разговараат за чувствителните делови од мировниот план поддржан од САД, кој предизвика негативни реакции поради условите што се смета дека ѝ одат во прилог на Русија.
Првичниот документ од 28 точки е намален на 19 точки по вчерашните консултации меѓу украинските и американските претставници во Женева.
Регион
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на клучни лекови
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на инсулини, инсулински аналози и група антибиотици до 23 јануари наредната година, според налог на министерот за здравство Силвио Кирилов. Министерството соопшти дека забраната повторно се продолжува поради проблеми со снабдувањето, пријавени недостатоци и одбивања од веледрогерии.
Како причини се наведуваат неправилности и доцнења во испораките, како и намалени количини нарачани лекови. Забраната ги опфаќа инсулините и нивните аналози, SGLT2-инхибиторите и лековите на база семаглутид, како и антибиотиците на база азитромицин. Забранет е и извозот на месалазин.
Забраната за извоз на инсулини првпат беше воведена во ноември 2023, а потоа повеќепати продолжувана.

