Свет
Орбан: Цените на енергентите да се намалат, ЕУ можеби ќе треба да ги укине санкциите против Русија
Европската Унија треба да ги преиспита санкциите против Русија бидејќи тие ги држат високите цени на енергијата и ја попречуваат економската конкурентност на блокот, изјави денеска унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Лидерите на Европската Унија потпишаа декларација за конкурентност на нивниот неформален самит минатата недела.
„Цените на енергијата треба да се намалат на секој начин. Тоа значи дека санкциите треба да се преиспитаат бидејќи според сегашната политика на санкции цените на енергијата нема да паднат“, рече Орбан во интервју за унгарското јавно радио.
Орбан рече дека американските компании плаќаат четвртина од она што нивните европски колеги го трошат за гас и електрична енергија, недостиг што не може да се надмине со други средства.
Откако Русија ја нападна Украина на почетокот на 2022 година, Орбан се појави како гласен критичар на санкциите на ЕУ против Москва и финансиската и воената поддршка на блокот за нејзиниот сосед, пишуваат медиумите во регионот.
Според написите, додека западноевропските земји вложија сериозни напори да се оддалечат од руската енергија, Унгарија без излез на море добива 80-85 отсто од својот гас од Русија, а 80 отсто од суровата нафта исто така доаѓа од поранешниот комунистички сојузник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

