Свет
Орбан ја исмеа Каја Калас; Дипломат на ЕУ: Американците носат хаос
Европските лидери почнаа да ги прилагодуваат своите политики на новата реалност без американска заштита – и во исто време почнаа да се спротивставуваат на мировниот план на Доналд Трамп за Украина. Во Брисел, Берлин, Париз и Лондон се погласни се гласовите кои го предупредуваат американскиот претседател дека согласувањето со територијалните барања на рускиот лидер Владимир Путин би значело повторување на политиката на смирување од минатото.
Западните сојузници се особено загрижени поради одлуката на Трамп да ја исклучи можноста за членство на Украина во НАТО, да им забрани на американските трупи да учествуваат во мировните сили и да го отфрлат барањето на Киев да ја врати целата територија окупирана од Русија од 2014 година.
Додека официјалните лица го анализираа предлогот на Трамп, се издвои една порака: Украина и нејзините сојузници нема да прифатат никаков договор што Русија и САД би го постигнале без учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Европејците исто така нагласуваат дека мора да бидат вклучени во преговорите.
„Јасно е дека ниту еден договор зад нашиот грб нема да успее. Ви требаат и Европејците и Украинците“, им рече на новинарите Каја Калас, највисокиот дипломат на ЕУ, на маргините на состанокот на министрите на НАТО. „Зошто и даваме на Русија сè што сака уште пред да започнат преговорите? Тоа е политика на попуштање. Никогаш не функционирала“.

Калас, поранешна естонска премиерка позната по нејзиниот цврст став кон Русија и скептицизмот кон Трамп, е највисокиот функционер на Европската комисија кој досега зборуваше на оваа тема. Дури и во ОК, која се гордее со својот „специјален однос“ со САД, потегот на Трамп предизвика шок и незадоволство.
„Историјата нè научи одново и одново дека политиките за смирување не даваат резултати“, изјави за Политико британскиот пратеник Дејвид Рид, поранешен член на кралските маринци. „Оваа војна мора да заврши под условите поставени од Украина. Сè помалку би било предавство на храбар сојузник кој бил нападнат без провокација и директна закана за безбедноста на Европа“, додаде тој.
Британскиот премиер Кир Стармер, кој вложи големи напори за одржување на добри односи со Трамп, одби да ги поддржи деталите од американскиот план. „Не може да се зборува за преговори за Украина без Украина на маса“, нагласи Стармер, додавајќи дека Украина мора да остане на патот кон членство во НАТО, што Путин силно го отфрла, а Трамп го исклучува од неговите предлози.
Калас го поддржа и членството на Украина во НАТО, опишувајќи го како „најсилна“ и „најисплатлива“ безбедносна гаранција. Таа предупреди дека војната, со европска поддршка, ќе продолжи доколку Зеленски биде исклучен од преговорите. „Ако договорот биде постигнат зад нашиот грб, едноставно нема да функционира“, рече таа. „Украинците ќе продолжат да се борат, а ние ќе ги поддржиме“.
Зеленскиј вчера повтори дека нема да прифати никаков мировен договор без директно учество на Украина во преговорите. На крајот од самитот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет се обиде да ги увери сојузниците, нагласувајќи дека „и Русија и Украина“ ќе учествуваат во преговорите.
Кремљ соопшти дека Украина ќе биде вклучена во преговорите „на еден или друг начин“, но додаде дека ќе има и „билатерален канал меѓу Русија и САД“. Сè уште не е јасно каква улога би можеле да имаат ЕУ или Велика Британија.

Сепак, не сите во Европа го делат истиот ентузијазам за поддршка на Киев. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја исмеа изјавата на Каја Калас за континуираната европска поддршка за Украина. „Позицијата на Брисел – да поддржува убиства онолку долго колку што е потребно – е морално и политички неприфатлива“, рече Орбан. „Додека претседателот Доналд Трамп и претседателот Путин преговараат за мир, претставниците на ЕУ даваат безвредни изјави“.
Еден европски дипломат ја сумираше загриженоста на многумина кои се сомневаат во способноста на Трамп да преговара со Путин. „Многумина стравуваат дека Трамп е несмасен преговарач и дека ќе направи неверојатни отстапки за Русија“, рече дипломатот кој сакаше да остане анонимен. „Општиот впечаток е дека Американците внесуваат хаос во целиот процес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

