Свет
Орбан: Џорџа Мелони е мојата христијанска сестра
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека италијанската премиерка, Џорџа Мелони, е негова христијанска сестра и дека културниот идентитет игра сè поголема улога во европската политика.
„Таа не е само (моја) колешка, таа е и моја христијанска сестра“, им рече Орбан на новинарите на маргините на економскиот форум ТЕХА во северна Италија, пренесе Ројтерс.
„Споделувањето на културните корени претходно не играа голема улога во европската политика, но сега се приближуваме кон нова ера“, додаде унгарскиот премиер.
Мелони и Орбан се согласуваат за низа прашања, вклучително и потребата од построги имиграциски политики и одбраната на традиционалните семејни вредности, соопшти агенцијата.
Орбан изјави и дека средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски е секако можна и неопходна, пренесе Анса.
Сепак, тој додаде дека „нема волја за постигнување мир и од Киев и од Москва, бидејќи и двете страни се убедени дека времето ќе игра во нивна корист“.
„Мислам дека мировната мисија е неопходна“, подвлече тој повторно потсетувајќи на неговите недамнешни патувања во Москва и Пекинг кои не беа одобрени од ЕУ, нагласувајќи дека има потреба од дијалог со Украина, но и со Русија.
Според него, ако се чека мировниот план да биде прифатлив за двете страни, никогаш нема да има мир, бидејќи првиот чекор не е мир, туку прекин на огнот.
„Во Европа има огромна литература за тоа како да се постигне мир, а оваа богата литература се однесува на дијалогот, кој доколку не се случи во вистинско време, ескалацијата расте и се станува потешко“, истакна Орбан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нова вакцина против рак на кожа го намалува ризикот од смрт за 49 проценти
Експериментална вакцина против рак на кожа, развиена во соработка помеѓу фармацевтските компании „Модерна“ и „Мерк“, покажува силни и трајни антитуморски ефекти кај пациенти со напреднат меланом.
Петгодишното следење на вакцината во клиничките испитувања укажува на значителни придобивки од преживување, објавува „Euronews“.
Терапијата, која моментално е во фаза 2 на клинички испитувања, ја комбинира персонализираната mRNA технологија на „Модерна“, Intismera Autogen, со имунотерапевтскиот лек Keytruda на „Мерк“.
Заедно, третманите го намалија ризикот од повторна појава на рак или смрт за 49 проценти кај пациенти со висок ризик од меланом кои биле подложени на операција, во споредба само со Keytruda.
„Продолжуваме да инвестираме во нашата платформа за онкологија поради охрабрувачки резултати како овие, кои го илустрираат потенцијалот на mRNA во третманот на рак“, рече Кајл Холен, виш потпретседател на „Модерна“.
Свет
Путин: Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД, но ние го имаме искуството со Алјаска
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД.
„Она што се случува со Гренланд не е наша работа, но ние имаме искуство во решавање на слични проблеми со САД, на пример Алјаска. Во 19 век, мислам во 1867 година, како што знаеме, Русија им продаде на САД, а САД ја купи Алјаска од нас“, рече претседателот на Русија на седница на Рускиот совет за безбедност, според Спутник, пренесува РТРС.
Тој верува дека Данска отсекогаш се однесувала кон Гренланд како кон колонија и, како што вели, грубо, практично жестоко.
„САД имаат на располагање една милијарда долари за да го купат Гренланд“, вели Путин и верува дека врз основа на примерот на Алјаска, цената за Гренланд би можела да биде 200-250 милиони долари.
„Ако споредиме со цените на златото од тогаш, таа бројка би била многу поголема, веројатно милијарда долари“, рече Путин и додаде: „Но, мислам дека и САД можат да си ја дозволат таа бројка“, според агенциите.
Фото: ЕПА
Свет
Трамп објави договор со НАТО за Гренланд и ги одложи царините за Европа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е формирана рамка за иден договор за Гренланд и арктичкиот регион, пренесуваат медиумите во регионот.
Најави одложување на воведувањето царини што требаше да стапат на сила на 1 февруари, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп изјави дека на „многу продуктивен состанок“ со Руте е формирана „рамка за иден договор во врска со Гренланд и, всушност, целиот арктички регион“. Тој оцени дека решението, „доколку се реализира, ќе биде одлично за Соединетите Американски Држави и сите земји-членки на НАТО“.
Врз основа на постигнатото разбирање, Трамп потврди дека се откажува од воведувањето царини. „Нема да ги воведам царините што требаше да стапат на сила на 1 февруари“, се вели во соопштението. Тој додаде дека има и „дополнителни дискусии во врска со „Златната купола“ во Гренланд“ и дека повеќе информации ќе бидат достапни како што напредуваат разговорите.
Според Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе бидат задолжени за преговорите. Тој нагласи дека тие ќе „поднесуваат извештаи директно до него“.

