Европа
Осудена новинарката која упадна во програма во живо, но тоа не е крај на постапката
Новинарката Марина Овсјаникова денеска беше сослушана во Окружниот суд Останкино.
Според руските медиуми, на неа ѝ се судело за непријавен јавен собир, а за тоа е предвидена казна затвор од 10 дена, 50 часа јавна работа или парична казна од 30.000 рубљи, што е околу 250 евра.
Според пренесените информации, новинарката денеска била осудена со парична казна од 30.000 рубљи.
Во првата изјава Овсјаникова им се заблагодари на новинарите и медиумските здруженија за поддршката, а рече и дека минала два непроспиени дена.
„Бев изолирана 14 часа, сослушувањето траеше толку долго, не можев да контактирам со моите роднини, целото тоа време бев без вода и без медицинска помош“, изјави таа за новинарите по излегувањето од судницата, додавајќи дека ќе има повеќе коментари во наредните денови.
Таа е осудена поради видеото што го снимила пред упадот во програмата, преку кое ги повикала луѓето на бунт.
Но, тука не е крајот на постапката против неа.
Извор на агенцијата ТАСС од органите на прогонот изјавил дека против неа се спроведува и предистражна проверка за прекршување на член 207.3 од Кривичниот законик (јавно ширење на намерно лажни информации за употреба на руските вооружени сили).
Според овој член, новинарката може да се соочи со парична казна од 700.000 рубљи, но и затворска казна од три до 15 години.
Претходно денеска, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека неговата земја ќе понуди поддршка за Русинката која вчера го прекина преносот во живо на информативната програма на руската државна телевизија со цел да ја осуди војната во Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

