Свет
Отпуштени директорите на американските јавни медиуми
Сојузникот на американскиот претседател Доналд Трамп го смени целото раководство на американските јавни медиуми, како што се „Гласот на Америка“ и Радио Слободна Европа, предизвикувајќи стравување од политизација на информациите на овие медиуми основани за промовирање на идеалите за слобода и демократија во светот.
Директорите на „Гласот на Америка“ (ВОА), Радио Слободна Европа/Радио Слобода, Радио Слободна Азија, „Ал Хура“ и Радио Марти деновиве поднесоа оставки или, пак, се отпуштени од Мајкл Пак, новиот директор на Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ), соопштија пратениците од Конгресот.
Директорката на ВОА, Аманда Бенет, и нејзината заменичка Сенди Сугавара, искусни новинарки, објавија дека поднеле оставка во моментот кога Пак, близок соработник на Стив Банон, поранешен директор на претседателската кампања, се подготвувал да ја преземе функцијата.
Пак ги отпуштил другите директори на медиуми во средата и ги распуштил нивните надзорни одбори. УСАГМ не одговори на барањата на АФП за појаснување.
Агенцијата треба да биде независна, финансирана од сојузни средства и да обезбедува објективни информации за земјите во кои нема независни медиуми.
Неколку демократски пратеници изразија загриженост дека Трамп ја засилува контролата врз тие медиуми. „Мајкл Пак потврди дека неговата политичка мисија е да ја уништи независноста на УСАГМ и да ја ослаби нејзината историска улога“, рече демократскиот сенатор Боб Менендез.
Џенет Стиле, експерт за јавна дипломатија од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, смета дека отпуштањата ги потврдуваат најлошите стравувања од оние што сметаат дека назначувањето на Мајкл Пак е дел од обидот да се претвори УСАГМ во меѓународна пропагандна алатка на администрацијата на Трамп.
Во април Белата куќа ја обвини ВОА за ширење кинеска пропаганда за пандемијата на коронавирусот и им забрани на владините здравствени советници да зборуваат со своите новинари.
„Тој вид флагрантно политичко мешање отсекогаш претставуваше норма во земјите во развој“, рече таа. „Но, не и во САД“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

