Свет
Отпуштен од работа полицаец од Флорида што уапси две 6-годишни деца во училиште
Полициски службеник во Флорида бил отпуштен вчера откако уапсил две шестгодишни деца минатата недела поради непримерно однесување во училиште, соопшти полицијата во Орландо.
Службеникот Денис Тарнер ги уапси децата обвинувајќи ги за напад, изјави државната обвинителка на Флорида, Арамис Ајала, која додаде дека началникот на полицијата Орландо Ролон рекол дека нема намера да ги гони и ја замолил да ги отфрли обвиненијата.
„Овие многу мали деца треба да бидат заштитени и дисциплинирани на соодветен начин што не се потпира на казнено гонење“, додаде Ајала.
Началникот на полицијата Ролон рече дека Тарнер не барал дозвола за апсење деца под 12-годишна возраст, а бил обврзан да ја бара.
Бабата на девојчето изрази огорченост од апсењето и ставањето лисици на рацете на шестгодишната внука и објаснила дека девојчето било немирно во класот поради недостиг на сон поради болест. Таа ја удрила со нога вработената во училиштето, која ѝ ја зграпчила раката во обид да ја смири.
Не се објавени други информации за другото уапсено момче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ерика Кирк: Се молев да сум бремена по убиството на Чарли Кирк
Ерика Кирк, сопруга на Чарли Кирк, наведе дека се молела на Бог да е бремена кога тој беше убиен на 10 септември оваа година додека држеше говор на Универзитетот Јута Вали.
„Сакавме да имаме четири деца. Му се молев на Бог да сум бремена кога беше убиен. Помислив: ‘О, Боже, тоа би бил најголемиот благослов во оваа катастрофа’“, рече таа за време на гостувањето на The Megyn Kelly Channel.
Со него добила тригодишна ќерка и едногодишен син. Им советувала на девојките да му дадат приоритет на создавањето семејство, доколку тоа го посакуваат.
„Сега кога гледам млади парови, им велам: ‘Ве молам, не го одложувајте тоа’. Особено ако сте млада жена, не го одложувајте. Секогаш можете да имате кариера. Секогаш можете да се вратите на работа. Никогаш не можете едноставно да се вратите на раѓањето деца, а тие растат толку брзо“, изјави таа.
Додаде дека и таа и Чарли се молеле за принова и биле возбудени што ќе го прошират семејството.
Свет
Адолф Хитлер води на изборите во Намибија
Политичар по име Адолф Хитлер Уунoна е пред убедлива победа на локалните избори во Намибија. Според изборната комисија, тој се очекува да го задржи мандатот на изборите на 26 ноември. На претходните избори во единицата Омпундја освои 85% од гласовите.
Уунона, член на владејачката партија SWAPO, претходно изјави дека како дете мислел дека неговото име е „нормално“ и нагласи дека нема никаква врска со нацистичката идеологија. Објасни дека татко му го дал тоа име без да знае што претставува.
Тој рече дека денес се претставува како Адолф Уунона и дека е „предоцна“ да го смени името поради службената документација. Уунона нагласи дека неговиот политички ангажман е спротивен од оној на неговиот историски имeњак — се приклучил во борбата против апартхејдот.
Намибија, поранешна германска колонија, сè уште има многу германски имиња и топоними.
Свет
САД распоредуваат војска близу Венецуела по прогласувањето на Мадуро за терорист
Администрацијата на Доналд Трамп би можела да добие проширени овластувања кон Венецуела откако САД го прогласија претседателот Николас Мадуро и неговите сојузници дел од странска терористичка организација „Cartel de los Soles“, пренесе CNN. Ова овозможува дополнителни санкции, но не и автоматско одобрување за употреба на смртоносна сила.
Американски претставници тврдат дека одлуката им дава пошироки воени опции во рамки на операцијата „Јужно копје“, во која во регионот се распоредени повеќе од десетина воени бродови и околу 15.000 војници.
Трамп добил различни предлози за дејствување, вклучувајќи удари врз воени или државни цели во Венецуела, но и опциja да не се интервенира. Во меѓувреме, високи воени претставници го посетија Порторико како поддршка на мисиите на Карибите.
Анкета на CBS News/YouGov покажува дека 70% од Американците се против воена акција во Венецуела. Според американски официјален претставник, Трамп се надева дека притисокот ќе го натера Мадуро да се повлече без директна интервенција.
Како знак на зголемени тензии, САД изведоа најголема воздушна демонстрација во близина на Венецуела, а три авиокомпании откажаа летови по предупредување на FAA за „потенцијално опасна ситуација“ над земјата.

