Свет
Пакистанскиот премиер му се заблагодари на Ердоган

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф објави дека разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кого го нарекол драг брат. Шариф му се заблагодари на Ердоган за неговата солидарност и за поддршката на Пакистан во овој, како што вели, критичен момент.
Шариф исто така го информирал Ердоган за храбрите напори на пакистанската војска.
„Ќе ги заштитиме нашиот суверенитет и територијалниот интегритет по секоја цена. Пакистан е благодарен за напорите на Турција во промовирањето на деескалација и одржувањето на мирот во Јужна Азија“, рече тој.
Пакистан и Турција се блиски партнери. Во средата турското Министерство за надворешни работи предупреди дека индиските ракетни напади врз Пакистан и пакистански Кашмир го зголемуваат ризикот од сеопфатна војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ за посетата на Москва: Последиците ќе ги почувствувам лично јас, Западот се заканува наместо да изрази разбирање

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека неговата посета на Москва е важна од конкретни, рационални причини, вклучувајќи ги прашањата за енергијата и билатералните односи, но дека наместо разбирање од Западот, тој добива закани и обиди за заплашување.
„Не очекувам рационални одговори, туку притисок“, рече Вучиќ, коментирајќи ги реакциите на западните претставници на неговото патување во Москва по повод Денот на победата.
Вучиќ нагласи дека тој лично првенствено ќе ги почувствува последиците од присуството на Парадата на победата. Тој, исто така, даде емотивен коментар за историските односи меѓу Србија и Западот:
„Наместо да се однесуваат благо кон нас, што би било логично, да речат – направивме неправда кон таа мала, но горда земја, кон тој бунтовен народ, што друго сакаме од нив? Да навиваат за нас затоа што ги бомбардиравме, затоа што беа убиени 2.500 луѓе?“ рече Вучиќ.
Тој ги обвини западните политичари дека не ѝ нудат на Србија разбирање, туку само закани и заплашување. Тој особено го издвои европратеникот Тонино Пицула, велејќи дека и тој му испратил слични пораки.
Коментирајќи ги студентските протести во Белград и барањата за предвремени парламентарни избори, Вучиќ рече дека ќе има избори, но кога, тој ќе одлучи.
„Подгответе се за избори, тие нема да траат долго, но нема да ги распишат оние што се сметаат за неспособни, туку јас“, рече претседателот на Србија.
Вучиќ, исто така, упати низа прашања до Западот, забележувајќи двојни стандарди кон Србија.
„Дали мислите на Јасеновац? Заземањето на Косово? Воените сојузи за кои се согласивте – Хрватска, Албанија, како велите Косово? Значи, сакате да ги проширите кон Бугарија?“ рече Вучиќ, коментирајќи ги пораките што, како што вели, младите луѓе во Србија ги добиваат од западните дипломати.
Зборувајќи за неговата неодамнешна посета на САД и престојот во Флорида, Вучиќ ги отфрли тврдењата дека бил запрен или дека бил непосакуван гостин. Тој рече дека неговата цел не била да се фотографира со Доналд Трамп, туку да разговара за конкретни теми важни за Србија.
„Веќе пет пати сум бил со Трамп. Не ме интересира имиџот. Ме интересира што можам да направам за мојот народ. Го почитувам американскиот претседател и мислам дека тој прави многу добри работи за светот“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека му е особено жал што не можел да присуствува на настанот организиран од Скот Бесент и Ричард Гренел, бидејќи нивните царини се одлучуваат таму.
Вучиќ ја прекина посетата на САД минатата недела поради наводни здравствени проблеми и итно се врати во Белград, потсетуваат медиумите.
Свет
Повторно црн чад над Ватикан, папата не е избран

Најголемата конклава во историјата на Католичката црква продолжува денеска за избор на нов папа. Црн чад е забележан над Ватикан, што значи дека не е избран нов лидер. Денеска може да се одржат четири круга на гласање, бидејќи синоќа, очекувано, по првиот круг гласање не беше избран новиот папа.
Сега за кардиналите следува ручек во Куќата на Санта Марта, а во 15 часот и 45 минути во Апостолската палата.
Гласањето продолжува во Систинската капела од 17:30 до 19:30 часот.
Црковниот историчар Ребека Рист во интервју за Би-Би-Си изјави дека очекува одлука за новиот папа до сабота.
„Мислам дека Црквата токму сега сфаќа дека треба да ги зближи луѓето, дека не сакаат Црквата да изгледа поделена“, рече професорот по средновековна историја на Универзитетот во Ридинг.
За изборот на папата е потребно двотретинско мнозинство или 89 гласа. Кога ќе се појави бел чад од оџакот, тоа е сигнал дека е избран нов црковен поглавар.
Во тајното гласање учествуваат рекордни 133 кардинали од 70 земји, наспроти 115 од 48 земји на последната конклава одржана во 2013 година.
Овој раст е одраз на напорите на починатиот папа Франциско да го прошири досегот на Црквата за време на неговиот 12-годишен понтификат.
Нема јасни фаворити за новиот папа, иако италијанскиот кардинал Пјетро Паролин и филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле се сметаат за фаворити.
Паролин служеше како државен секретар, втора највисока позиција во Ватикан, за речиси целиот понтификат на папата Франциско.
Неговата улога и умерените ставови за многу општествени прашања укажуваат дека, доколку биде избран за папа, тој ќе ја продолжи политиката на неговиот претходник. Во исто време, изворите тврдат дека тој би можел да помири различни фракции во Црквата.
Фаворитот за новиот папа од Азија, филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле е харизматичен и умерен кој често го нарекуваат „Франциско од Азија“.
Свет
Путин: Русија и Кина заедно се борат против неонацизмот

Рускиот претседател Владимир Путин денеска му се заблагодари на својот кинески колега Шји Џјинпинг за приклучувањето кон комеморацијата на 80-годишнината од светата победа над Адолф Хитлер во Втората светска војна и додаде дека двете земји сега стојат заедно против неонацизмот.
Присуството на Шји на комеморацијата на крајот на војната е важно за рускиот лидер, кој од самиот почеток ја прикажува агресијата против Украина како борба против неонацистите. Украина и нејзините сојузници го отфрлаат ова како гротескна лага, обвинувајќи ја Москва дека води империјалистичка офанзива.
„Победата над фашизмот, постигната со огромни загуби, е од трајно значење“, му рече Путин на Шји.
„Со нашите кинески пријатели цврсто ја чуваме историската вистина, го штитиме сеќавањето на настаните од воените години и се спротивставуваме на современите феномени на неонацизмот и милитаризмот“.
Шји рече дека двете земји, како светски сили и постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, ќе соработуваат во спротивставувањето на унилатерализмот и хегемонијата, а со тоа ќе бидат насочени кон САД.
„Соочена со меѓународниот тренд на унилатерализам и хегемонично насилно однесување, Кина ќе соработува со Русија за да ги преземе посебните одговорности на големите светски сили“, му рече Шји на својот руски колега.
Кинескиот претседател рече дека Пекинг и Москва заеднички ќе промовираат правилен поглед на историјата на Втората светска војна, ќе го зачуваат авторитетот и статусот на Обединетите нации, решително ќе ги бранат правата и интересите на Кина, Русија и огромното мнозинство земји во развој и ќе работат на промовирање на правична, уредна, мултиполарна и инклузивна економска глобализација.
Двајцата лидери разговараа по средбата на црвениот тепих на една од најлуксузните сали во Кремљ. Се ракуваа пред камерите и си викаа драг пријателе.
Шји е најмоќниот од неколку десетици странски лидери кои оваа недела пристигнаа во Москва на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна. Одбележувањето на настанот доаѓа во клучно време за војната во Украина, додека Москва и Киев се под притисок од САД да постигнат мировен договор.
Шји, лидерот на земјата што води трговска војна со САД, треба да потпише серија договори за продлабочување на стратешкото партнерство без граници што Русија и Кина го потпишаа во 2022 година, помалку од три недели пред Путин да ги испрати своите војници во Украина.
Кина е најголемиот трговски партнер на Русија и најголемиот купувач на руска нафта и гас.