Свет
Паника на брод за крстарење во Шпанија: силен ветер ги собори патниците на земја
Голем брод за крстарење за малку ќе се превртеше во близина на Шпанија поради ненадеен налет на урагански ветрови, јавува „Си-би-ес њуз“.
Бродот наречен Explorer of the Seas бил на пат од Барселона кон Мајами во близина на Тенерифе, најголемиот шпански канарски остров, кога бил погоден од неочекуван налет на ветер, се наведува во соопштението на компанијата Royal Caribbean Cruises.
Силниот ветер го натера пловилото нагло да сврти надесно, а потоа да направи уште еден остар пресврт.
Патниците биле соборени на земја, а според сведочењето на еден од нив, „целиот под бил покриен со лични работи и шишиња“.

Според капетанот на бродот, за пет минути брзината на ветрот се зголемила од 74 км/ч на 138 км/ч.
Како што наведе, ветрот се смирил наеднаш како што се појавил, па се избегнал трагичен развој на ситуацијата.
Сепак, бродот за крстарење морал непланирано да застане во Лас Палмас за да му се укаже медицинска помош на еден од патниците и да се процени штетата.
Станува збор за брод долг речиси 310 метри, кој може да прими до 4.290 гости и 1.185 члена на екипажот.
Бродот за крстарење има петнаесет патнички палуби вклучувајќи лизгалиште и терен за мини голф.
Регистриран е на Бахамите и плови од 2000 година, велат од компанијата што го поседува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

