Свет
Папата апелира да се намалат тензиите во источна Украина

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, денеска апелираше да се намалат тензиите во источна Украина, изразувајќи вознемиреност од трупањето на воени сили.
Според „Ројтерс“, Папата навел дека е длабоко убеден дека може да се избегне зголемување на напнатоста.
„Недостасуваат потези што ќе ја промовираат меѓусебната доверба, ќе го поттикнат помирувањето и мирот што се толку неопходни и толку посакувани“, рекол Папата за време на традиционалната молитва денеска напладне, прва по неколкунеделни мерки за заклучување.
Говорејќи пред неколку стотици верници на плоштадот Свети Петар, Папата рече дека ги следи засилените воени активности на границата меѓу Украина и Русија и ги осуди честите прекршувања на договорот за прекин на огнот во последните неколку месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Лавров ги објави руските услови за мир

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги изложи барањата на Москва за мировен договор за прекин на руската инвазија на Украина. Тој бара Украина да стане неутрална и демилитаризирана, териториите што ги окупирала да бидат меѓународно признати и сите западни санкции да бидат укинати. „Овие одредби мора да бидат дел од правно обврзувачки договор за мирно решение“, рече Лавров во интервју за унгарскиот весник „Маѓар Немзет“.
Лавров вели дека Русија сака да ја елиминира „безбедносната закана што ѝ ја претставува проширувањето на НАТО“, а особено можноста Украина да се приклучи кон него. Затоа бара „демилитаризација на Украина за да остане неутрална“.
Тој, исто така, вели дека Русија сака „заштита на етничките Руси и руската култура во Украина“. Лавров бара руската контрола врз Крим, Севастопол, Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон да биде меѓународно признаена.
Тој, исто така, бара укинување на сите санкции врз Русија, повлекување на сите тужби против неа и враќање на рускиот имот запленет на Запад.
Свет
Шефот на НАТО: Ако Кина го нападне Тајван, кинескиот претседател ќе побара од Путин да го нападне НАТО

Доколку Кина започне инвазија на Тајван, би можела да побара од Русија истовремено да отвори втор фронт против земјите-членки на НАТО, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за „Њујорк тајмс“.
Тензиите околу Тајван се зголемија уште повеќе откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, а таа војна сè повеќе се гледа како можен модел за тоа како меѓународната заедница би можела да реагира ако Пекинг одлучи да го нападне Тајван.
„Станува сè појасно, и да не се лажеме – ако Кси Џинпинг одлучи да го нападне Тајван, прво би го повикал својот помлад партнер во сето ова, Владимир Путин, и би му рекол: ‘Преминувам на оваа акција, ми требаш да нападнеш територија на НАТО’“, рече Руте.
„Тоа е најверојатното сценарио. И за да ги одвратиме, треба да направиме две работи. Прво, НАТО мора да биде толку силен што Русија никогаш нема да се обиде да го стори тоа. Второ, треба да соработуваме со Индо-пацифичкиот регион – што претседателот Трамп силно го поддржува“, додаде тој.
Западните претставници предупредија за нагло зголемување на руските воени трошоци за време на војната во Украина. Според Меѓународниот институт за стратешки студии, буџетот за одбрана на Русија се зголемил за 42 проценти во реални услови во 2024 година, на дури 462 милијарди долари – што ги надминува вкупните воени трошоци на сите европски земји заедно.
Сојузниците на НАТО го наведуваат овој раст, саботажата и континуираната агресија врз Украина како причини за дополнителни инвестиции во одбраната. Руте претходно предупреди дека Русија би можела да ја обнови својата воена моќ во следните пет години до ниво на кое повторно би можела сериозно да ја загрози безбедноста на територијата на НАТО и ги повика членовите да дејствуваат без одлагање.
Свет
Трамп: Ќе испратам уште оружје во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира да испрати дополнително одбранбено оружје во Украина, откако неговата администрација привремено ги запре некои испораки минатата недела.
„Ќе испратиме повеќе оружје. Мораме, тие мора да бидат способни да се одбранат“, рече Трамп пред вечерата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. „Тие се нападнати многу силно. Ќе мора да им испратиме повеќе оружје“, додаде Трамп. „Претежно одбранбено, но нападите се навистина тешки“, рече тој.
Последната изјава на Трамп доаѓа откако висок функционер на Белата куќа минатата недела изјави за Си-ен-ен дека администрацијата привремено запрела некои испораки на оружје во Украина, вклучително и ракети за воздушна одбрана. Одлуката дојде по прегледот на воените трошоци и американската странска помош, кој беше одобрен од министерот за одбрана Пит Хегсет. Заменик-портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, во тоа време изјави дека одлуката е донесена за да се „стават американските интереси на прво место“.
Некои американски претставници сугерираа дека прегледот на помошта за Украина е делумно поврзан со напорите на Пентагон да се фокусира на Кина и да се подготви за можен иден конфликт во Пацификот, прашање што го истакна шефот за одбранбена политика Елбриџ Колби.
„Министерството за одбрана продолжува да му нуди на претседателот конкретни опции за продолжување на воената помош за Украина, во согласност со неговата цел да се стави крај на оваа трагична војна. Во исто време, Министерството внимателно го разгледува и прилагодува својот пристап кон таа цел, земајќи ја предвид подготвеноста на американските сили за одбранбените приоритети поставени од администрацијата“, рече Колби во соопштението по привремената суспензија.
Русија го поздрави прекинот на одредени испораки за Украина, тврдејќи, без никакви докази, дека тоа е затоа што САД повеќе немаат доволно оружје.
„По наредба на претседателот Трамп, Министерството за одбрана ќе испрати дополнително одбранбено оружје во Украина за да се осигури дека украинскиот народ може да се одбрани додека работиме на постигнување траен мир“, изјави вчера портпаролот на Пентагон, Шон Парнел. „Нашата рамка за проценка на воените испораки низ целиот свет останува на сила и е клучна за нашата одбранбена политика „Америка на прво место“.
САД се најголемиот поединечен донатор на воена помош за Украина откако Русија ја започна својата инвазија во 2022 година, снабдувајќи ја со системи за воздушна одбрана, беспилотни летала, ракетни лансери, радари, тенкови и противтенковско оружје, што предизвика загриженост за намалувањето на американските залихи.
Трамп претходно во март ги прекина сите воени испораки за Украина по жестоката дебата во Овалната соба со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Околу една недела подоцна, тој повторно ја одобри помошта.
Одлуката за испраќање дополнително оружје доаѓа откако Трамп разговараше одделно со рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски минатата недела. По разговорите, тој рече дека разговорот со Путин бил разочарувачки и дека „нема напредок“ кон прекин на огнот.
Во меѓувреме, Зеленски во последните недели постојано бара од западните сојузници да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина по сè поинтензивните руски воздушни напади. Русија лансираше рекорден број беспилотни летала во Украина во петокот вечерта, само неколку часа по телефонскиот разговор на Трамп со Путин.
Трамп подоцна во текот на денот изјави дека САД го разгледуваат барањето на Украина за дополнителни системи за воздушна одбрана „Патриот“ по, како што рече, „многу добар“ телефонски разговор со Зеленски. Украинскиот претседател во саботата изјави дека тоа бил неговиот најдобар и „најпродуктивен“ разговор со Трамп досега.
Трамп повторно го изрази своето незадоволство од рускиот претседател вчера, велејќи: „Воопшто не сум задоволен од претседателот Путин“.