Европа
Папата ги нападна ватиканските медиуми: Кој ги чита вашите вести?
Папата Франциско е незадоволен од работата на медиумите во Ватикан, а при посетата на своите вработени праша до колку луѓе допираат нивните вести и соопштенија воопшто. Папата потсети дека Ватикан им плаќа на своите медиуми повеќе од сите амбасади во светот заедно.
Поглаварот на Католичката црква ги посети Дикастирот за комуникации, седиштето на Радио Ватикан и редакцијата на ватиканскиот весник „Лосерваторе Романо“, кој одбележува 160 години постоење. Притоа ја искористи можноста да укаже на многу високите трошоци на тие оддели, пренесува АП.
Ватикан се соочува со сериозни финансиски проблеми и според сите процени, оваа година ќе има дефицит од речиси педесет милиони евра. Затоа, папата Франциско нареди намалување на платите на сите во Ватикан од три до десет проценти, што вклучува и световни и верски службеници, и бонусите исплатени за годините со стаж ги замрзна на две години. Тој исто така посочи дека никој не смее да биде отпуштен поради економската криза создадена од пандемијата, односно заклучувањата воведени за борба против неа, што ги чувствува и Ватикан, кој го затвори Ватиканскиот музеј, еден од најголемите извори на приход. Но, папата беше особено жесток кога станува збор за црковните медиуми.
„Постојат неколку причини да бидам загрижен за радиото или за ‘Лосерваторе’, но едно нешто особено ме допира. Колку луѓе го слушаат радиото? Колку луѓе го читаат ‘Лосерваторе Романо’?“, праша поглаварот на Католичката црква, пишува „Јутарњи лист“.
Тој додаде дека вработените таму работат добро и вредно, нивните канцеларии се убаво организирани, но прашање е дали нивната порака доаѓа таму каде што треба. Тој ги предупреди да не одат во „смртоносно“ одработување на работата, со која реално не постигнуваат ништо.
Финансиските кратења воведени од папата Франциско во целиот свет предизвикуваат револт кај вработените. Тие тврдат дека намалувањето на платите, неплаќањето на прекувремената работа и сѐ повеќе и повеќе неплатената работа не одат рака под рака со католичката социјална доктрина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

