Европа
„Папата е тврдоглав, не сака операција на коленото“

Папата Франциско се консултирал со шефот на медицинскиот тим на фудбалскиот клуб „Атлетико Мадрид“ поради неговото болно колено, изјави докторот за шпанското радио.
Хозе Марија Виљалон за радиото COPE изјави дека шпанската бискупска конференција и Ватиканската нунцитура во Шпанија побарале од него да го посети папата со други специјалисти и да разговара со медицинскиот тим на Ватикан дали може да му помогнат.
„Чест е да се има таков пациент и, пред сѐ, одговорност бидејќи тој е светска личност“, рече тој во интервјуто објавено денеска на порталот на радиостаница во сопственост на шпанската бискупска конференција.
„Оптимист сум за тоа дали може да му се помогне на папата да се соочи со тој артритичен процес“, рече докторот на „Атлетико“.
„Тој е многу убав, но може да биде тврдоглав затоа што не сака операција“, рече докторот.
Папата рече дека не ја сака операцијата бидејќи сè уште ги чувствува ефектите од анестезијата што ја доби во јули 2021 година кога го оперира дебелото црево.
Папата од мај годинава е во инвалидска количка поради болки во коленото. Затоа ја остави отворена можноста еден ден да се повлече од функцијата.
Докторот на „Атлетико Мадрид“ изјави дека со папата разговарал и за фудбалот бидејќи тој многу го сака тој спорт и од детството е навивач на клубот „Сан Лоренцо“ од Буенос Аирес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.